Данте Алигиери

Данте Алигиери
(1265-1321)
Во 15. и 16. век на територијата на денешна Италија егзистирале неколку градови-држави кои биле предводници во новиот ренесансен начин на живот, но сепак Фиренца се смета за центар. Таму работеле Донатело, Ботичели, потоа Микеланџело, Макијавели, Леонардо да Винчи, Галилео Галилеј и др.

Таму е роден и големиот поет Данте Алигиери во духот на предренесансното време каде се изградил во сестрана личност, занимавајќи се со поезија, сликарство, архитектура, политика итн. Му се восхитувал на античкиот поет Вергилиј, кој станал негов идол. Втората, не помалку важна личност во неговиот живот е Беатриче со која се сретнал кога имал 9 години. Детската љубов подоцна прераснала во животен занес. Но, таа се омажила за дворјанин, а набргу и починала. Тоа предизвикало големо растројство и криза во животот на Данте. Излез побарал во науката и политиката, но тие ќе го разочараат уште повеќе. (Во тоа време во Фиренца се водела битка меѓу две партии: гибелини – кои се бореле за обединување на градовите под власт на германскиот цар, и гвелфи – кои биле за обединување под власта на римскиот папа). Данте бил гвелф и жестоко се вклучил во политичките борби што на крајот резултирало со смртна казна, која нема да биде извршена бидејќи самиот се осудил на доживотно прогонство. Ќе сфати дека суштината на тие борби била: престижот, власта, моќта и богатството, а не патриотизмот и подобрувањето на животните услови.
Творештвото на Данте Алигиери

Прва збирка песни на Данте е „Нов живот“ во која ја искажал својата љубов кон Беатриче. Збирката содржи 30 песни поврзани со прозно раскажување. На почетокот ја раскажува својата прва средба со Беатриче (тој имал 9, а таа 8 години), кога иако дете почувствувал дека „душата му затреперила“. Љубовта, по нејзината смрт, се претвора во тага, но и во ветување дека ќе го воздигне нејзиниот лик.

Делото „Пир“ („Гозба“) содржи 14 алегорични песни поврзани со раскажување каде Данте ги искажува своите ставови за човековиот разум, за задгробниот живот, ангелите и Бог. Значајно е тоа што делото го напишал на народен говор, а не на латински јазик како што до тогаш се пишувало. Оттогаш тој почнува да се занимава со филолошки работи и да ја пропагира уптребата на јазикот кој го разбираат сите. Вака тој станува зачетник на формирањето на италијанскиот литературен јазик. Негово најзначајно литературно дело е „Божествена комедија“.
„Божествена комедија“

Инспирација за создавањето на ова ремек-дело на Данте му дала љубовта кон Беатриче која сакал да ја овековечи, а успеал заради својатата широка наобразба, животното искуство, политичките борби во кои бил директно вклучен, доброто познавање на филозофијата итн.

„Божествената комедија“ е религиозно-филозофски еп.
Темата во делото е задгробниот живот, односно наградите и казните што ќе ги добие човекот по смртта според заслугите во животот.
Идејата е да ја прикаже состојбата на човечките души по завршениот животен пат и да му укаже на човекот дека треба прво да изврши сопствена преродба, а потоа да врши преродба на човештвото (општеството).
Композиција на „Божестената комедија“

Композициски „Божествената комедија“ се состои од 3 дела: „Пекол“, „Чистилиште“ и „Рај“. Секој дел се состои од 33 песни од строфи со по 3 стиха (терцини), а заедно со воведната песна сочинуваат 100 песни. Освен бројот 3 кој игра посебна улога како христијански симбол (Отецот, Синот и Светиот дух – светото тројство), застапен е и бројот 9 (3 X 3) во истата улога. Во сите три дела има: 9 круга во пеколот, 9 степени на усовршување во чистилиштето и 9 неба во рајот. Бројот на стихови во сите три дела е еднаков и сите завршуваат со зборот ѕвезда.

Данте раскажува (нараторот) во прво лице, тој е присутен во делото и сè видел со свои очи. Ова е карактеристично за жанрот видение присутен во средновековната литература.
Во „Божествената комедија“ има многу ликови и тоа: негови современици – важни личности од политичкиот и културниот живот; историски личности – јунаци, уметници, поети; како и митолошки суштества, личности и божества. Сите овие ликови суштествуваат паралелно, без разлика на кое време им припаѓаат и дали се вистински или измислени.