Крсте Петков Мисирков

Крсте Петков Мисирков е роден во ноември 1874 г., во селото Постол (античка Пела) во сиромашно семејство. Основното образование го завршил на туѓиот грчки јазик. Немал средства да го продолжи школувањето, па кога му било понудено бесплатно да учи во Србија, тој прифаќа. Сфаќајќи ја асимилаторската српска политика учествувал во немирите предизвикани од македонските стипендисти по што морал да го напушти Белград.

Крсте Петков Мисирков (1874 - 1926)

Отишол во Софија каде работите не биле многу поразлични. За да го продолжи школувањето без проблеми морал да се декларира како Бугарин. Тој не го сакал тоа, па се вратил во Белград. Но, таму работите ескалирале, бунтот на македонските ученици го предизвикале затворањето на училиштето, а Македонците биле испратени во внатрешноста. Мисирков завршил четврти клас гимназија во Шабац, но повторно се вратил во Белград каде учел во учителската школа. Таму ја оформил ученичката дружина „Вардар“ во 1895, која претставува еден вид продолжување на дејноста на Лозарите.


По завршувањето на учителската школа, наместо на работно место во Приштина, тој отишол во Одеса со намера да студира во Русија. Бидејќи не му го признавале средното образование, тој уште две години учел духовна семинарија, па патоа се запишал на медицинскиот факултет, а во 1897 г. на историско-филолошкиот факултет. Во Петроград Мисирков станал многу активен. 1900 г. го основал Тајниот македонско-одрински кружок. 1902 со Димитрија Чуповски, Н. Димов, Г. Константиновиќ и др. го основаат Македонското студентско друштво, кое 1903 прераснува во Македонско научно-литературно другарство „Свети Климент“. Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред се до руската влада , па и до владите на другите европски држави ,да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото за обновување на Охридската архиепископија.
Со студијата „Кон прашањето за народноста и причината за популарноста на македонскиот крал Марко“, како дипломска работа 1902 г. Мисирков брилјантно го завршил факултетот.
Кога дошол во Македонија, во Битола работел за отварање македонски училишта и комуницирал со рускиот конзул Ростковски, кој бил познат како заштитник на рајата, па им станал трн во окото на турските власти.

ростовски
Во тие лични залагања Ростковски ја немал поткрепата на својата влада. Дури бил и предупредуван и укоруван. На крајот турските власти инсценирале убиство, па Мисирков со мртвото тело на конзулот се вратил во Петроград. Тогаш избувнало и Илинденското востание во кое Мисирков не учествувал лично. Во Петроград ја подготвил својата книга „За македонцките работи“ и отишол во Софија да ја отпечати. Тогаш го придружувал Војдан Чернодрински со неговата театарска група во Србија и зборувал за македонското прашање во светлината на српско-бугарското зближување што било остро пречекано од српскиот печат.

Кога се вратил во Софија да си ја подигне отпечатената книга, таа била откупена од тамошните власти и изгорена, а од изданието се спасиле и зачувале само мал број примероци. По таквиот настан Мисирков бил присилен да ја напиушти Бугарија.
Се вратил во Русија и го подготвил и објавил списанието „Вардар“ од кое излегло само еден број (1905).

 

списание вардар

За време на Првата балканска војна бил дописник од јужна Македонија, а веќе во 1913 година се вратил во Петроград каде и се придружил на Македонската колонија која започнала да го издава списанието „Македонский голос“. Мисирков објавувал под свое име, но и под псевдонимот К.Пелски. За време на Октомвриската револуција, тој се враќа во Софија каде било неговото семејство (сопругата и синот).

Поради неговата дејност не бил добредојден, но сепак добил работа во Етнографскиот музеј, па во Карлово. Побарал работа во Кралството СХС, но не добил одговор. Под закана дека ќе биде ликвидиран, се разболел и умрел на 26 јули 1926 г., без да им остави никакви средства на своите блиски.

Бугарската пропаганда ни по цел век не стивнува. Сите Македонци според нив се Бугари. Навистина во тоа време голем дел се декларирале како Бугари или македонски Бугари, па дури имале периоди во својот живот кога се помирувале со судбината на Македонија. И Мисирков имал такви моменти. Бугарите ги користат нив како единствено нешто што го кажал или напишал Мисирков, а не го прикажуваат она за што се борел целиот живот и она што го напишал само една година пред смртта:

„Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.
Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби.
Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се треба да биде оценувано од македонско гледиште.

Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку „простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста“ („Мир“ – „Самоопределување на Македонците“, 25.3.1925)

Или во друга статија: „Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците и се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта.
Ќе речете: така не може да размислува еден Бугарин. Да, но така може и треба да размислува еден Македонец.“

„Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не прашаат за сите прашања што не засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“ („Мир“ – „Македонски национализам“, 12.3.1925)

Најзначајното дело на Мисирков е книгата „За македонцките работи“, а во врска со јазикот петтата статија „Неколку зборој за македонскиот литературен јазик

 

за македонцките работи