Македонското јазично прашање на преминот од 19 во 20 век

Македонското јазично прашање на преминот од 19 во 20 век уште не било решено.

Да се потсетиме:

Македонскиот јазик спаѓа во индоевропското семејство

на словенските јазици – јужна група (источна подгрупа со бугарскиот).

На картата е прикажано каде се зборуваат словенските јазици:

Развојот на македонскиот јазик го следиме од појавата на словенската писменост, односно од времето кога

Кирил и Методиј ја создале ГЛАГОЛИЦАТА и на тој начин прасловенскиот јазик го направиле прв писмен јазик на сите Словени – старословенски јазик.
Тоа се случило во 9 век (863г, односно малку пред тоа, зашто Моравската мисија започнува 863г, а азбуката е создадена претходно).
Старословенскиот јазик се употребувал за богослужба, односно се користел во црквите. Затоа, во периодот од 12 до 18 век овој јазик е наречен црковнословенски. Народниот словенски јазик, пак, си добивал поинаква форма. На различни територии се создавале различни наречја кои се мешале со официјалниот црковнословенски јазик и се создавале варијанти на црковнословенскиот јазик.
Во Македонија се развила македонска варијанта, во Србија српска, во Бугарија бугарска итн.
Ова особено се засилува со појавата на дамаскините (според Дамаскин Студит кој сметал дека треба да се употребува простиот народен говор и во официјалните преписки).
Со текот на времето јазикот се повеќе се раслојувал на: официјален – црковнословенски и неофицијален – народен говор.
Во почетокот на 19 век нашите просветители: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ
и Теодосиј Синаитски започнуваат да го користат народниот јазик во книгите кои ги отпечатуваат со црковна содржина.


Македонскиот јазик во втората половина на 19 век

Првиот оригинален автор на македонски народен јазик е Константин Миладинов. Во истиот период авторска поезија пишуваат и Рајко Жинзифов и Глигор Прличев.
Константин Миладинов своите песни ги пишува на родниот струшки говор (народен македонски јазик).
Во тоа време на превирања и силни туѓи пропаганди младите македонски автори често не знаеле кој јазик да го одберат за да ги изразат своите чувства.
Најправилно постапил, водејќи се од својот поетски инстинкт, токму Константин Миладинов.


За разлика од него, Рајко Жинзифов, кој заедно со Константин бил на студии во Москва (Русија) го повела идејата дека треба да се создаде некој мешан словенски јазик. Често дружејќи се со бугарските и руските студенти, тој, својата поезија ја пишува на еден мешан македонско-бугарско-руски јазик.


Од сосема други причини, Глигор Прличев „Сердарот“ го напишал на грчки јазик. Имено, тој студирал медицина во Атина и анонимно се пријавил на тамошен поетски конкурс. Тој се школувал во грчки училишта и совршено го знаел грчкиот јазик. Нешто подоцна и тој посакувал да создаде мешан јазик (прво од сите словенски јазици, а потоа од македонскиот и бугарскиот), но на крајот сфатил дека тоа е невозможно, па својата „Автобиографија“ ја напишал на својот охридски говор.

19 век е век на самоосознавање и себепронаоѓање.
За да се сфати вистинската ситуација во која се наоѓале Македонците тогаш, ќе треба да се прочита многу за нашата историја, за историјата на соседите и за нивните силни усилби да го асимилираат македонскиот народ на сите можни начини.