Функциите на јазикот

 Функциите на јазикот може да бидат : референцијална, емотивна, конативна, фатичка, метајазична, поетска.
За да ги определиме компонентите на една комуникација, треба да одговориме на следните прашања:
1. За што служи јазикот?
2. Кој учествува во комуникацијата?
3. Што треба да знаат учесниците во комуникацијата?
4. Што е поентата на секоја комуникација, што сакаме да пренесеме, испратиме?
5. Низ што се одвива комуникацијата?
Кога ќе ги одговориме овие прашања, доаѓаме до заклучок од што сè се состои комуникацијата.
(одговори)
1. Јазикот служи за да се постигне комуникација.
2. Во комуникацијата учествуваат испраќачот и примачот.
3. Учесниците во комуникацијата мора да го знаат истиот јазик, односно систем од знаци – код.
4. Секоја комуникација се одвива заради пренесување на некоја порака. Пораката мора да има содржина или предмет (референт).
5. Комуникацијата може да се одвива непосредно или посредно (по телефон, преку пошта). Она низ што се одвива комуникацијата се нарекува канал или медиум на пренос.

Шематски ова може да го претставиме вака:

систем од знаци
код
испраќач – канал (медиум) – порака – канал (медиум) – примач
предмет на пораката
референт

Овој шематски приказ е направен според научникот Роман Јакобсон. Тој издвојува неколку функции на јазикот.
 
Функции на јазикот
1. Референцијална (содржинска) функција
Референцијалната функција на јазикот се однесува на содржината на пораката, на нејзината сознајна вредност. Пораката дава точна, објективна, проверлива информација. Ваква функција на јазикот најчесто среќаваме во научните текстови, но се разбира дека се среќава и во секојдневниот говор.
На пример, навечер кога мајката ќе го види своето дете изморено, а веќе изминало 23 часот, таа ќе рече:
Доцна е, треба да си легнеш.

2. Емотивна или експресивна функција

Јазикот добива емотивна функција кога го изразува ставот на говорителот, односно на испраќачот на пораката.
На пример, мајката е загрижена што нејзиното дете сè уште не спие и истата порака може да ја каже со емотивен став:
Веќе е многу доцна, те молам легни си.

3. Конативна функција

Конативната функција на јазикот е насочена кон примачот на пораката и најчесто е во заповедна (императивна) форма и во форма на обраќање.
Оваа функција најмногу ја среќаваме во рекламите (дојдете…, летувајте…, купувајте…, гледајте…).
Во нашиот пример, ако ја употребиме оваа функција на јазикот, обраќањето ќе биде директно насочено кон детето:
Доцна е, веднаш легнувај!

4. Фатичка (контактна) функција

Фатичката функција на јазикот се употребува за воспоставување, продолжување или прекинување на комуникацијата. Во овој случај често се употребуваат изразите: добар ден, како сте, да започнеме (на почетокот од комуникацијата), да продолжиме, да се вратиме (на средина на комуникацијата) или да резимираме, да заклучиме, да завршиме (на крајот од комуникацијата).
Оваа функција може да служи и за проверување на разбирливоста на каналот. Ако зборуваме по телефон и чувствуваме прекин на комункиацијата, ќе речеме: „Ало, ме слушате ли?“
Во примерот со мајката и детето тоа може да биде вака:
Доста гледавме телевизија, доцна е, ајде да си легнеш.

5. Метајазична функција

Метајазичната функција доаѓа до израз кога се усвојува јазикот (кај децата) или кога се учи туѓ јазик. Новите, непознати зборови се објаснуваат со други зборови кои се веќе познати. Кога малите деца започнуваат да зборуваат тие често грешат и не го знаат значењето на зборовите. Мајката им ги објаснува зборовите, ги поправа во изговорот и ги учи како правилно да ги склопуваат зборовите во реченицата.
На пример, детето прашува: „Што е ова?“, мајката му одговара: „Книга“. Детето продолжува: „Книга чита?“, а мајката ја поправа целата реченица: „Да, книгата се чита“.

6. Поетска функција

Поетската функција на јазикот има цел да го изрази односот на пораката кон себе. Се употребува во уметноста кога пораката не е средство на комуникација, туку е цел. Уметноста се создава заради убавината, а не за да пренесува информации. Од литературните дела добиваме информации (референцијална функција), но тие се пренесуваат со поинаков јазик, имаат уметничка вредност и не се целосно вистинити. Па дури и кога во некое литературно дело се работи за вистинити личности, нивните дијалози се пренесени со авторски зборови, зборови кои тие можеби никогаш не ги кажале.
Најизразена поетската функција на јазикот ја среќаваме во песните.