Видови стихови и рима

Песните имаат своја композиција. Тие се стихувани творби, со определена ритмика и метрика, организирани во строфи или астрофични, со рима или неримувани.

Видови стихови

Силабичен стих е стих со одреден број слогови. Кај него нема ритмички стапки, туку е важен бројот на слоговите – метриката, цезурата (пауза во средина на стихот) и паузата на крајот од стихот.
Во сите стихови на песната мора да има еднаков број слогови. Силабичниот стих е широко застапен во македонската народна песна.

Тонски стих е стих кој има еднаков број акцентирани слогови. Тука бројот на слоговите не мора да биде ист туку е важна ритмичката стапка.

Силаботонски стих е стих кој има еднаков број слогови и еднаков број ритмички стапки. Нагласените и ненагласените слогови рамномерно се повторуваат.

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —…
(Денови – К.Рацин)
.
Во овој пример имаме еднаков број слогови во стиховите – осмерец; како и комбинирана ритмичка стапка: дактил – трохеј – дактил. Затоа овие стихови се силаботонски.
.

Скалест стих е графички раскинат стих, со тоа што дел од него се пренесува во нов ред.
Со раскинувањето на стихот се постигнува емоционално нагласување или пауза.Таму —
    кај пламен народен пламти,
        и пушки грмат
            кај борци за зори јасни
                   за живот
                         во смрт без жалба минат, —
                             другарко, таму љубовта расне!
(„Љубов“ – А. Шопов)
.
Слободен стих
е стих во кој нема ограничувања во однос на ритмичките стапки, силабичноста, тонот, ниту групирањето во строфи или римувањето. За слободниот стих е важна интонацијата, па затоа е наречен и интонациски стих.

Рима

Римата претставува гласовно (целосно или нецелосно) совпаѓање на исти слогови на крајот од два или повеќе стиха. Има неколку видови рими. Според распоредот во строфата разликуваме:

Паралелна (рамна) рима има во строфите кога се римуваат првиот и вториот стих; третиот и четвртиот стих (ААББ).

Зашчо, зашчо ја да љубам? (А)
Зашчо себе си да губам? (А)
Окул – нокул јарка младост (Б)
От љубовта барат ладост (Б)
(Думание – К. Миладинов)

Вкрстена рима е кога се римуваат првиот и третиот; вториот и четвртиот стих (АБАБ).

Ах таа убавина, ах таа убавина, (А)
тоа диво во крвта завивање. (Б)
Кине, граба, сече, носи како лавина, (А)
вечна е притаеност и вечно откривање. (Б)
(„Ах таа убавина“ – А.Шопов)
.
Обградена (гушната) рима
е кога се римувани првиот и четвртиот; вториот и третиот стих (АББА).
.
Или минеш по првиот ред (А)
на страницата читана дамна, (Б)
па се чудиш: што толку си пламнат (Б)
а пак образот останал блед! (А)
(„Портрет“ – Г. Тодоровски)
.


 

Според местото на акцентот (на последниот слог, на вториот слог од крајот или на третиот слог од крајот) римата може да биде: машка, женска и дактилска. Во нашиот јазик, заради специфичноста на акцентот, тоа е можно ако се употребат едносложни, двосложни и трисложни зборови.

Машка рима е кога се римуваат едносложни зборови (ред – блед);

Женска – кога се римуваат двосложни зборови (дамна – пламнат; љубам – губам; младост – ладост; даат – клаат);

Дактилска – кога се римувани трисложни зборови (убавина – лавина; завивање – откривање).

.