Епика

Епика е еден од трите литературни рода. Основна карактеристика на епиката е раскажувањето.
Епските видови може да бидат кратки и долги, во стих или во проза.

Кратки епски видови се:
– во стих: епската песна;
– во проза: расказот (и сите народни умотворби: мит, легенда, предание, приказна, сказна, бајка, басна, анегдота, гатанка, пословица, поговорка).
Долги епски видови се:
– во стих: еп, епопеја;
– во проза: романот.

 

Лик


Во епските дела се прикажани ликови кои се носители на идеите на авторот.
Лик во делото е вршител на дејството. Како ликови, освен луѓето ги среќаваме: животните, растенијата, предметите, измислените суштества (ламји, вештерки итн.), како и апстрактните поими (во народната литература како ликови се јавуваат смртта, касметот и сл.)
Ликовите кои ги претставуваат луѓето може да бидат: индивидуализирани (посебни, специфични) или типизирани (осбини од повеќе личности собрани во еден лик; на пр.: особини на многу скржавци — тип на скржавец).

Атрибути на ликот


Под атрибути на ликот ги подразбираме особините, белезите на ликот што ги осознаваме додека го читаме делото. Некои од нив ги кажува нараторот, некои другите ликови или самиот лик. Особините ги осознаваме и преку постапките или дијалозите со другите ликови.
Без разлика колку животно искуство внел авторот во своето литературно дело (колку главниот лик е автобиографски), сепак секое дело е литературна творба (конструкција), а не животна вистина. Затоа, многу е важно да се прави разлика меѓу авторот на делото и раскажувачот во делото или нараторот.
Нараторот е „гласот“ во делото, кој понекогаш зборува во прво лице, но сепак, тој не е авторот. Авторот е жив човек — личност, а нараторот е измислена креација — лик.
Раскажувањето во епските дела е најчесто во трето лице и тогаш станува збор за тој-раскажувач (наратор), кој може да биде сезнаечки (знае сѐ, знае како некој се чувствува, како размислува итн.) и сеприсутен (се наоѓа во исто време на повеќе места). Поретко, нараторот е претставен во прво лице еднина (тука постои опасност да се изедначи со авторот). Тоа е јас-наратор и е еден од ликовите во делото.

Настани: сиже и фабула


Раскажувањето на настаните во делото може да оди во хронолошки ред, но може да биде и испревртено.
Сиже е текот на настаните како што ни ги претставил авторот. На пр. започнал со смртта на главниот лик, а потоа се враќа во минатото, во младоста, во детството итн. Но, откако ќе го прочитаме делото во нашата свест ние ги подредуваме настаните по хронолошки, логичен ред. Поточно, ги подредуваме настаните во причинско-последичен однос. Ваквото подредување на настаните се вика фабула.

Тема, мотиви, идеја


Темата најчесто се поврзува со насловот на делото, но не секогаш. Тема е она за што се зборува во едно дело. Тоа е поопштата содржина претставена во една реченица.
Мотиви се помали делови од општата тема.
На пр. во драмата „Печалбари“ од Антон Панов, темата е животот на Македонците на почетокот од двесеттиот век. Во неа се зборува за љубовта на двајцата млади, Костадин и Симка, кои потекнуваат од различни социјални средини, тој е сиромашен, а таа богата. Нејзиниот богат татко е лихвар кому парите му значат повеќе од среќата на ќерката. Затоа, Костадин мора да оди на печалба каде умира.
Во драмата среќаваме повеќе мотиви: љубовен, социјален, печалбарски, мотивот на парите итн.
Идејата е главната поента во делото, пораката на авторот (она што авторот сакал да ни го каже).