Епски видови во стих

Литературата се дели според неколку критериуми, но според нејзините внатрешни својства се дели на родови: епикалирика и драма.

(Лирско-епските дела не се посебен род, туку претставуваат меѓурод каде лирските и епските елементи се испреплетени. И тие имаат свои лирско-епски видови.)
Секој од родовите има свои видови:  епски видови, лирски видови и драмски видови.
Според формата епските видови се делат на: епски видови во стих и епски видови во проза.

Епската песна и епот (епопејата) се епски видови во стих (стихувани творби).

Епска песна е кусо епско дело во стихови во кое се раскажува за една случка од животот на некоја историска личност или измислен лик.

По своите карактеристики епот и епопејата не се разликуваат од епската песна. Се разликуваат само по тоа што се подолги и раскажуваат за повеќе случки и ликови.

Еден од најпознатите епови е „Епот за Гилгамеш“ од асиро-вавилонската литература. А епопеите од Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“, сè уште се ненадминливи по својата убавина и уметнички вредности.

Пример за епска песна (народна)

Сирма војвода

Дека се чуло видело,
мома војвода да бидит,
на седемдесет сејмени
на тија гори зелени,
на тија води студени?
Мома им веле, говоре:
– Това сос људба на биват,
това сос срдба на биват!
Земајте прстен од р`ка,
врзејте прстен на бука,
фрлејте редом на нашан;
кој ќе ударит прстенот,
тој ќе си бидет војвода
и мене ќе ме ќердосат.
– Сите фрљаа со редом,
никој ми прстен не удри.

Мома си вели, говоре:
– Подај ми, чауш, пушката!
Пушката пукна од р’ка,
падна ми прстен од бука,
пак мома вели, говоре:
– Земајте камен, фрлајте,
кој ќе ме мене натфрлит,
тој мене нека ќердосат,
тој млад војвода да бидет.
Сите ми се редом фрљаа,
никој се камен не натфрли;
Сирма ми камен натфрли
десет чекори потамо;
и седемдесет дружина
одбраа Сирма војвода.
(македонска народна епска песна)