Лирика (лирски субјект)

Лирика

Лирика е еден од трите литературни рода. Лириката понатаму се дели на лирски видови.

Формата на лириката е стихот. Во прозни текстови може да сретнеме лирски елементи, но тешко ќе сретнеме лирски дела во проза.
Лириката е изразувачка уметност, бидејќи лирските песни се поетски творби со кои се изразуваат чувства, мисли и расположенија. Тие го изразуваат субјективниот став на поетот и претставуваат изблик на чувства, па затоа не може да се раскажуваат (немаат фабула) туку се доживуваат.

Лирски субјект


Лирскиот субјект во лириката е исто што и нараторот во епиката. Лирскиот субјект е „гласот“ во лирската песна. Ако поетот ја напишал песната во прво лице еднина, не значи дека тој пишува за себе. А и да пишува за себе, напишаното е креација, значи е измислено, дообликувано, дооформувано. Затоа, не треба да се поистоветува авторот (поетот) со лирскиот субјект.

Градот на принцезата Пастрмка

Изградив прекрасен град
со возови, со трамваи, со пруги.
Го населив со цвеќиња,
со рингишпили,
со многу чуда други.

Од цвет до цвет водат
мостови напнати како лак,
а долу, далеку долу,
одвај е видлив
на реката синиот крај.

По таа река се скита принцеза Пастрмка
сета облечена во црвени дамки.
Принцеза Пастрмка има прекрасен дом
од бели каменчиња и жолти сламки.
(Србо Ивановски)

Оваа песна започнува со форма на глаголот во прво лице еднина и тоа е лирскиот субјект. Не е поетот тој што го изградил градот, го населил со цвеќиња итн. Поетот е Србо Ивановски кој ја напишал песната, а преку лирскиот субјект ги искажал мислите и чувствата.

Прочитајте повеќе за лирските видови, за субјективната, возвишената, елегиската и сатиричната лаирика.

Научи за композиција на песните – што е стих, што е строфа, за видовите строфи; за ритамот, метриката, итн.