Литература – поим и значење

Поим за литературата

 


Зборот литература потекнува од латинскиот littera што значи буква. Со истото значење е и зборот книжевност, од прасловенското книга (буква). Тие се синонимски зборови, но се чини дека во зачестеноста на употребата предност има литература (можеби заради насловот на предметот: македонски јазик и литература).

Како сосема различни области, јазикот и литературата сочинуваат единство при создавањето на книжевните дела. Јазикот е основното средство на литературата. Писателот пред сѐ мора одлично да го владее стандардниот јазик, да ги познава финесите на зборовите за да може да создаде уметничко дело. Јазичните грешки во некое дело читателот не ги толерира, што значи делото мора да биде граматички точно.

а) Да ги разгледаме од јазичен аспект следните реченици:
На пр.: Моливо рече му на својо пријател да ќути.
Моливот му рече на својот пријател да молчи.
Првата, според правилата на стандардниот јазик е неточна, односно е напишана во дијалект. Втората е граматички точна и е прифатлива за нас.
б) Ако го разгледуваме значењето на речениците, во прв момент може да ни изгледаат нелогични, бидејќи знаеме дека моливот не може да зборува. Но, ако во поширокиот контекст на целиот текст станува збор за приказна во која главни ликови се моливите, тогаш ние лесно ќе го прифатиме и сфатиме значењето на таа мисла. Во овој случај станува збор за литература. Со нашата фантазија ние без проблем можеме да си претставиме како моливите (или било кои живи и неживи суштества и предмети) зборуваат, мислат и чувствуваат и ништо нема да ни изгледа нелогично.

Ако речениците немаат врска една со друга, тогаш тоа се неповрзани реченици.
На пр.: Денес ќе одам кај другарка ми да учиме.
Митре избега од часот по математика.
Направивме пржени компирчиња за ручек.

Но, ако речениците ги поврземе во една целина, тогаш сме составиле текст.
Повеќе смисловноповрзани мисли (реченици, стихови) претставуваат текст. Мислите во текстот сочинуваат единство.
На пр.: Денес ќе одам кај другарка ми да учиме. Митре избега од часот по математика и дојде со нас. Кога огладневме направивме пржени компирчиња за ручек.

Јазикот што го употребуваме секојдневно за размена на информации има комуникативна функција. Кога јазикот ќе се поткрене на подруго, естетско ниво, тогаш има поетска (естетска) функција.
Убавината на јазичниот израз е цел на литературата. И во литературата добиваме информации, но тие не се обични, секојдневни, туку имаат естетска функција.
Литературата е уметност чие изразно средство е зборот. Уметничката литература сликовито го претставува животот и светот.