Стилски изразни средства (семантички) – тропи

Семантички стилски изразни средства (тропи) се изразни средства каде зборот добива поинаква смисла. Поточно, семантиката е наука за значењето на зборовите, нивната внатрешност, па оттука овие стилски изразни средства се однесуваат на тие внатрешни својства на зборовите.

Епитет
во најширока смисла е секој атрибут, односно секој додаток на именката. Во следниот пример има многу епитети и компарации:

Кога бев преполн сила
што придојдува како матна речна глава,
кога се сетив вреден за мојот подвиг,
достоен за слава,
кога ми закрепна гласот за најдобар збор,
раката за најтежок меч,
ногата за најверен од —
тогаш се сломив.
Паднав како црешово дрво од премногу род.
(Болен Дојчин – Б. Конески)

Метафората е скратена споредба. Кај неа не се кажува што со што се споредува, туку се искажува само вториот член на споредбата. Метафора може да биде и замена на значењето на еден збор со значењето на друг.

…Срце – порта највисока
срце – куќа најширока…
(Татунчо – К.Рацин)

Алегоријата е продолжена метафора, односно употреба на зборовите во преносна смисла. Алегоријата може да биде во состав на еден стих или строфа, но многу често таа се среќава и во цели состави како што се басните. Басните се засновани на алегорија, животните во нив настапуваат како типови луѓе со одредени карактеристики.
„Божествената комедија“ од Данте Алигиери е во алегорија.

Симбол е знак. Предметот, појавата или поимот ги заменуваме со нивната алегориска ознака. На пр.: крст – значи црква; вага – правдина итн.

Голапче мало хубаво, голапче златокрилесто…
(Голапче – К. Миладинов)
(гулапчето е симбол на девојката)Метонимија е употреба на зборот во преносно значење.
На пр.: храбар и јак човек се нарекува сила.
Го читаш ли Достоевски? (Дали ги читаш делата од Достоевски?)

Македонско име
нема да загине!
(народна песна)

Песонификација е кога на предметите, природните појави, апстрактните предмети, животните и растенијата им се даваат човечки особини.

Стивна сегде шумот … градот молкна.
Скопје заспа в ноќен сон.
(Зимска прикаска – Г. Тодоровски)

Хипербола е претерување, преувеличување заради нагласување на одреден емоционален став. На пр.: Те чекам цела вечност.

Глава има колку еден казан,
уши колку два таруна,
очи има колку два шиника.
Он ми сака голема таина:
на ден ми сака една фурна леба,
и ми сака по две бочви вино,
и ми сака по бочва ракија,
и ми сака по три млади крави…
(Болен Дојчин – народна песна)

Литота е спротивна на хиперболата, односно претставува ублажување. Вистинскиот израз се заменува со поблаг и тоа негативен и спротивен. На пр.: Нема да ти биде лошо таму. (Таму ќе ти биде добро.)

Иронија е преправање, всушност го мислиме спротивното од она што го кажуваме. На пр.: Ти си ми навистина добар другар (а мислиме дека е лош).

Тогај рече Марко Крале:
”Бог те убил, црна Арапино!
Ал’ се смееш, ал’ навистина маваш,
ал’ од кожува правот ми го тресеш?“…
(Марко Крале ја одменува свадбарината – народна песна)

Парадокс е она што е неочекувано. Порекнуваме некоја мисла која наизглед во себе е противречна или спротивна на општото мислење. Парадоксот има секогаш подлабока смисла. На пр.: Знам дека ништо не знам. (Сократ)

Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.
(Дениција – П.М. Андреевски)

Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај се —
живееме, живееме, живееме.
(Нерези – Г. Тодоровски)

Прочитај и за фонетско-морфолошките стилски изразни средства: асонанца, алитерација, ономатопеа, парономазија; анафора, епифора, симплоха, палилогија.

Прочитај и за синтаксичките стилски изразни средства: компарација, антитеза, словенска антитеза, реторско прашање, инверзија, елипса, асиндетон, полисиндетон, градација.