Дон Кихот (раскажана)

„ Дон Кихот “ е роман во два дела, со 126 глави на 1200 страници, во кој се опишани многу случки и ликови (по некои податоци – 670).
Тоа е роман – пародија на витешката литература, во кој темата е животот и походите на главниот лик Дон Кихот и неговиот придружник Санчо Панса.


Содржина на романот 

Осиромашниот селски благородник Алонсо Кихано од здодевност читал рицарски романи и толку многу се занел со нив што дури продал дел од имотот за да си купува нови.

„Со еден збор нашиот благородник толку се зари во тие книги што читаше непрестајно през денот од осамнување до зајдисонце и през ноќта од зајдисонце до осамнување. И бидејќи Дон Кихот малку спиеше, а многу читаше, мозокот му се исуши толку што сосем си го изгуби паметот. Вообразувањето му се наполни со сето она што го читаше во книгите: магии, расправии, боеви, предизвикувања за двобој, рани, умилкувања, љубовни походи, маки и какви ли не други неверојатни измислици.“

Занесен од романите, тој решава да стане рицар-скитник и самиот да доживее многу авантури.
Најпрво, тој си го променил името, па од Алонсо Кихано станал Дон Кихот, потоа го исчистил оружјето од неговите прадедовци кое било `рѓосано и распаднато, на шлемот додал картонски визир бидејќи вистинскиот бил искршен, четири дена му смислувал достоинствено име на својот слаб коњ со многу недостатоци – Росинант; и на крајот требало уште само да најде некоја дама во која ќе се вљуби и на која ќе и ги посвети своите храбри походи. Ја одбрал девојката од соседното село Алдонса Лоренсо која ја нарекува Дулчинеја од Тобозо, име кое му се чинело доволно благородно и благозвучно.
Така подготвен, тргнал во поход.

Првиот ден јавал по полињата не сретнувајќи никого, а вечерта преморен и прегладнет стигнал во некоја крчма која си ја замислувал како благороднички замок. Двете девојки кои стоеле пред крчмата си ги замислил како две дами кои му се воодушевуваат, иако тие се кикотеле кога го виделе смешниот „витез“ со дрвено копје. Тој смирено и учтиво им се обратил во стил на големите витези барајќи го „господарот“ на замокот. И крчмарот посакал да се шегува со него и затоа му одговорил во истиот стил и му се обратил како на вистински благородник. Бидејќи немало место за спиење, крчмарот го сместил Дон Кихот во шталата, а јадење – порција лошо измиен и уште полошо сварен бакалар со парче црн и мувлосан леб, му дал пред крчмата. Девојките пак, му помогнале да си ја соблече рицарската облека, но не можеле да му го извадат шлемот, па тој морал со него да спие.
Сето тоа на Дон Кихот му било нормално и убаво, само го измачувала мислата дека не е роден витез и дека треба некој да го посвети во витешкото звање, за да може да се впушта во авантури. Веднаш по вечерата го замолил крчмарот утредента тој да ја има таа чест. Крчмарот, сфаќајќи со кого има работа, прифатил. Освен тоа му дал и добри совети, како на пр.: да си носи пари и чисти кошули со себе, зашто тоа не го пишувало во романите, но се подразбирало.
Ноќта, како секој витез и Дон Кихот требало да бдее над оружјето за утредента да биде посветен во витез. Бдеењето се одвивало во задниот двор, покрај бунарот, а оружјето го ставил во корито. Но, вечерта во крчмата дошле маскари и кога едниот од нив сакал да си ги напои маските, отишол во задниот двор, го зел коритото, а оружјето на Дон Кихот го фрлил. Кога го видел тоа, Дон Кихот повикувајќи се на љубовта кон Дулчинеја, го зел копјето и со него го претепал маскарот и продолжил со своето бдеење како ништо да не се случило.
Малку подоцна дошол и втор маскар со истата намера и кога го тргнал оружјето од коритото, Дон Кихот и него го претепал. Кога ја слушнале мешаницата, луѓето од крчмата дошле да видат што се случува. Но, тогаш крчмарот го заштитил Дон Кихот, кажувајќи им на луѓето дека е луд и дека нема да одговара и ако убие некого. За да ги скрати маките и за да не се случи уште некоја незгода, крчмарот побрзува со церемонијата на здобивањето со витешко звање – удар со рака по тилот и со сабјата по грбот, една од девојките му го опашува мечот, му посакува да биде најсреќниот витез – и Дон Кихот бил подготвен за своите походи.

Од крчмата тој тргнува прво дома, за да се снабди со многу потребните работи – пари и облека. Но, по патот слушнал некои гласови и видел како некое момче било врзано за дрво, а неговиот господар го тепал.
Заштитникот на немоќните, сиромашните и обесправените – Дон Кихот се вмешал за да ја истера правдината. Иако господарот му кажал дека момчето е негов слуга кој ги пасел овците и не внимавал, па секој ден му фалела по една овца и заради тоа не сакал да му ја исплати платата, сепак, Дон Кихот не отстапил. Го натерал господарот да го одврзе момчето од дрвото и да вети дека ќе му исплати онолку пари колку што му должел. Господарот послушал, но откако Дон Кихот си заминал, тој повторно го врзал момчето и уште повеќе го истепал.

Такви се походите на Дон Кихот, смешни, бизарни.

На патот кон дома ќе налета на трговци кои нема да имаат милост кон неговата лудост и ќе го испретепаат.

Па, кога стигнал дома тој со денови и ноќи спиел за да закрепне. Тогаш, неговата внука, заедно со парохот и берберот ќе ги изгорат книгите од неговата голема витешка библиотека, бидејќи сметале дека тие се виновниците за состојбата во која се наоѓал Дон Кихот. Останатите книги ќе ги заѕидаат во една соба надевајќи се дека ако ја отстранат причината за болеста, на тој начин ќе ја отстранат и последицата. Но, кога Дон Кихот се разбудил, ништо кај него не се променило. Тој веднаш сакал да си ја види библиотеката, но му кажуваат дека некој маѓесник направил таа да исчезне.

Петнаесетина дена останал дома и не покажувал со ништо дека ќе ги продолжи своите будалаштини. Ама тој, во меѓувреме стапил во контакт со еден селанец, „човек со златно срце, но со мошне малку мозок во својата глава“, кого го наговорил да стане негов оружоносец и придружник, а кога ќе спечалел некој остров него ќе го назначел за губернатор.

По многу зборување и убедување, занесен од ваквите ветувања, селанецот Санчо Панса се сложил да тргне со него. За да не оди долго пеш, тој си го зел своето магаре. А, Дон Кихот распродал многу нешта, други заложил за да дојде до значителна сума пари. Така подготвени тие двајцата тргнале во нови походи.
Следува авантурата – најпознатата и највпечатливата – страшната и нечуена борба со ветерниците.
Одејќи по патот и барајќи авантури, Дон Кихот и Санчо Панса здогледале 30-40 ветерници. Дон Кихот, во својот поматен ум задоен од витешките романи во кои егзистирале многу натприродни суштества, си замислил дека ветерниците се огромни џинови со долги раце. Санчо Панса го предупредил дека тоа се обични ветерници, но Кихот не сакал ни да слушне и тргнал во храбра борба против нив. Кога и се приближувал на првата ветерница, задувал ветер и ги раздвижил нејзините големи крила. Повикувајќи ја Дулчинеа да го поткрепи во борбата, го вперил копјето и го потерал Росинант во галоп кон првиот „непријател“. Удрил во крилото кое во тој миг ветрот толку силно го завртело што му го искршило копјето на парчиња, а коњот и коњаникот ги кутнал на земја.
Санчо Панса му помогнал да се крене и тие тргнале понатаму.

Во блиската шума, уништеното копје Кихот го заменил со гранка од даб.
Многубројни се подвизите на Дон Кихот, подвизи кои предизвикуваат смеа, но често и тага.
Тој се бори со стадо овци замислувајќи го како непријателска војска…
Фратарските мулиња ги замислува како едногрби камили, окованите заробеници како невини жртви кои ги ослободува, селанките како благородни дами, винскиот мев го замислува како зол дух итн. итн.
Во сите походи и авантури Дон Кихот влегува со безумна храброст и многу често излегува како поразен, но тој секогаш поразот го припишува на магиите и лошите духови.
По тажните моменти кога не му е возвратена љубовта од неговата замислена Дулчинеа, тој станува Витезот од Тажен Лик, по борбата со лавовите – Витезот од Лавови…
Пред крајот на романот Дон Кихот е примен во дворецот на Војвотката ловџика која од здодевност му овозможува тој да живее во својот имагинарен свет, му дава облека, го води на лов, а на Санчо Панса му даваат божемна гувернерска функција.

Но, ваквиот живот набрзо им здосадува и на двајцата, па тие повторно тргнуваат да си бараат авантури.

Последна е борбата со Витезот од Белиот Месец (всушност преправен пријател на внуката на Дон Кихот) кој го победува и заради поразот Кихот мора да ги прифати поставените услови. Односно, мора барем една година да се повлече дома и да не зема оружје в раце.

Тажен е крајот на романот кога јунакот ќе умре во постела, без остварени соништа и без возвратена љубов.

Тој не умира со поматен ум, туку е свесен за своите дела што ги сторил и за тоа ги обвинува приказните кои ги прочитал. Вразумен, тој ги проколнува витешките романи, а на својата внука и го остава наследството, само под услов да не се омажи за човек кој читал такви книги.