Морфологија – видови морфеми

Морфологија е дел од науката за јазикот (лингвистиката).
Таа се занимава со проучувањето на формите на зборовите, нивното образување и нивното граматичко значење.
Морфологијата се занимава само со надворешната форма на зборовите – нивната градба и поделбата во групи според граматичките својства.
.
Дисциплини поврзани со морфологија

.

Лингвистички дисциплини тесно поврзани со морфологија се:

лексикологијата – која се занимава со внатрешната форма, односно значењето на зборовите;
зборообразувањето – која се занимава со начините на формирањето и изведувањето на зборовите;
морфосинтаксата – се занимава со употребата на зборовите во реченицата.

.

Морфема

.

Зборовите се составени од помали делови: гласови, слогови и морфеми (значенски делови).

Да го земеме, на пример, зборот „изработката“. Него може да го поделиме на следниве начини:
1. поделба на гласови: и-з-р-а-б-о-т-к-а-т-а,
2. поделба на слогови: из-ра-бот-ка-та, и
3. поделба на морфеми: из-работ-ка-та.
Со првите две поделби се занимава фонетиката (науката за гласовите), а со третата се занимава морфологијата.
Во третиот случај имаме делови кои содржат некакво значење.
Првиот дел „из-“ е претставка (префикс) со кој може да формираме многу нови зборови кои ќе го изменат значењето од првобитното (на пр. измете, издржи, извалка, из`рти, излечи) и кој има значење на завршено дејство.
Вториот дел „работ“ е коренот на зборот (коренска морфема) и е носител на значењето. Во овој случај тоа е земено од глаголот „работи“ (со значење: прави, дејствува, создава).
Третиот дел „-ка“ е наставка (суфикс) кој се користи за образување на именки од глаголи (на пр. сметка, летка, прошетка).
Четвртиот дел „-та“ е граматичка морфема (флексија) која служи за означување на определеност на именката (член).
.
Деловите од кои се состои еден збор, а кои се носители на некое значење (лексичко или граматичко) се наречени морфеми.

.

Видови морфеми

.

.

1. Корен (коренска морфема) е општиот дел кој повеќе не може да се дели и кој е носител на значењето на група зборови.
2. Афикси (афиксални морфеми) се додатоци на општиот дел (коренот) кои служат за изведување на нови зборови (зборообразувачки) или за граматички (формообразувачки) ознаки.

.

Разликуваме повеќе видови афикси.

А. изведбени (зборообразувачки) морфеми:
а) префикс (претставка) – влегува во составот на основата и се наоѓа пред коренот;
б) суфикс (наставка) – се наоѓа зад коренот, а пред флексијата;
в) интерфикс – се наоѓа меѓу две коренски морфеми.

Б. граматичка (формообразувачка) морфема:
г) флексија – се наоѓа на крајот од формата на зборот (ја означува промена на род, број, лице, вид итн.)

.

На пример:

град (корен) ба (суфикс)
град (корен) ови (флексија)
из (префикс) град (корен) ба (суфикс) та (флексија)
пред (префикс) град (корен) и (суфикс) е (флексија)
над (префикс) град (корен) ува (суфикс) ат (флексија) итн.