Морфологија – вовед, видови морфеми

Морфологија е дел од науката за јазикот (лингвистиката).
Таа се занимава со проучувањето на формите на зборовите, нивното образување и нивното граматичко значење.
Морфологијата се занимава само со надворешната форма на зборовите – нивната градба и поделбата во групи според граматичките својства.

Лингвистички дисциплини тесно поврзани со морфологијата се:
– лексикологијата – која се занимава со внатрешната форма, односно значењето на зборовите;
– зборообразувањето – која се занимава со начините на формирањето и изведувањето на зборовите;
– морфосинтакса – се занимава со употребата на зборовите во реченицата.

Морфема, видови морфеми

Зборовите се составени од помали делови: гласови, слогови и морфеми (значенски делови).

Да го земеме, на пример, зборот „изработката“. Него може да го поделиме на следниве начини:
1. поделба на гласови: и-з-р-а-б-о-т-к-а-т-а,
2. поделба на слогови: из-ра-бот-ка-та, и
3. поделба на морфеми: из-работ-ка-та.
Со првите две поделби се занимава фонетиката (науката за гласовите), а со третата се занимава морфологијата.
Во третиот случај имаме делови кои содржат некакво значење.
Првиот дел „из-“ е претставка (префикс) со кој може да формираме многу нови зборови кои ќе го изменат значењето од првобитното (на пр. измете, издржи, извалка, из`рти, излечи) и кој има значење на завршено дејство.
Вториот дел „работ“ е коренот на зборот (коренска морфема) и е носител на значењето. Во овој случај тоа е земено од глаголот „работи“ (со значење: прави, дејствува, создава).
Третиот дел „-ка“ е наставка (суфикс) кој се користи за образување на именки од глаголи (на пр. сметка, летка, прошетка).
Четвртиот дел „-та“ е граматичка морфема (флексија) која служи за означување на определеност на именката (член).

Деловите од кои се состои еден збор, а кои се носители на некое значење (лексичко или граматичко) се наречени морфеми.

Видови морфеми

1. Корен (коренска морфема) е општиот дел кој повеќе не може да се дели и кој е носител на значењето на група зборови.
2. Афикси (афиксални морфеми) се додатоци на општиот дел (коренот) кои служат за изведување на нови зборови (зборообразувачки) или за граматички (формообразувачки) ознаки. Разликуваме повеќе видови афикси

А. изведбени (зборообразувачки) морфеми:
а) префикс (претставка) – влегува во составот на основата и се наоѓа пред коренот;
б) суфикс (наставка) – се наоѓа зад коренот, а пред флексијата;
в) интерфикс – се наоѓа меѓу две коренски морфеми.

Б. граматичка (формообразувачка) морфема:
г) флексија – се наоѓа на крајот од формата на зборот (ја означува промена на род, број, лице, вид итн.)

на пример:

град (корен) ба (суфикс)
град (корен) ови (флексија)
из (префикс) град (корен) ба (суфикс) та (флексија)
пред (префикс) град (корен) и (суфикс) е (флексија)
над (префикс) град (корен) ува (суфикс) ат (флексија) итн.

Вежби:
1. Образувај што повеќе зборови додавајќи афикси на зборот СЕДИ.
2. Определи го коренот во следните зборови: помали, научен, топка, поштар.
3. Кои од следните зборови имаат повеќе од еден префикс: раскина, изнакажа, подзастана, смисли, разграбува, изнасмеа, разнижува, разнебитува.
4. Подели ги зборовите на морфеми: претскажуваат, размислувам, смисловен, значенската, класификација, расцветан.
5. Определи кои зборови на крајот имаат зборообразувачки, а кои формообразувачки морфеми: овчар, седумка, решетка, гледам, очиве, шетајќи, прсти, прстен.
6. Определи ги и именувај ги морфемите во следните зборови: вратоврска, тросед, двоглед, милозвучен, триаголник.