Писмена работа за „ Хамлет “

Предлог писмена работа за „ Хамлет “ од Шекспир

Ликот на Хамлет

Во трагедијата „ Хамлет “ Вилијам Шекспир насликал еден образован млад човек од времето на доцната ренесанса – универзална, сестрана личност склона кон длабоко размислување.
Размислувајќи за животот, смртта и религијата, Хамлет го одбира животот со сите негови убавини и недостатоци, а го отфрла ветувањето на религијата за вечен, прекрасен, задгробен живот, бидејќи за тоа нема доказ (никој не се вратил од таму за да каже).
Хамлет е добар син и наследник на престолот. Го почитува својот татко – стариот крал, и како татко и како човек и како крал. Неговата желба, да се одмазди за убиството, послушниот син ја прифаќа и ветува дека ќе ја исполни. На почетокот тој сепак се двоуми – дали да се одмаздува или да си го заврши својот живот (да се биде или не?). Ако се самоубие брзо ќе ги реши сопствените страдања, но така нема да го задржи своето и татковото достоинство. Затоа, решава да оди до крај и станува одмаздник. Товарот му се зголемува со сознанието дека мајката му е неверна и веднаш по смртта на таткото се мажи со неговиот брат со што му го предава кралскиот престол нему. Таа, со својата мажачка, освен што го изневерува сопствениот сопруг (стариот крал), го изневерува и својот син – наследник на престолот. Овој факт уште повеќе го разочарува Хамлет. Во име на вистината и правдата Хамлет решава на итар начин, преправајќи се дека полудел, да ја открие и каже вистината и на крајот да се одмазди.
Во сета оваа приказна можеби најмногу страда Офелија, неговата љубена. Тој чувствува чиста и искрена љубов кон неа. Не сака да ја лаже и мами, но откако ја започнува својата игра на тоа ќе биде приморан. Затоа, прво пред неа глуми дека полудел, за да ја оттргне од себе, за да ја ослободи од себе, зашто знае дека нивната љубов по неговата одмазда нема да има иднина. За жал, таа ќе поверува во неговото лудило и разочарана од изгубената љубов – ќе се самоубие.
Кон мајка си Хамлет се однесува со презир заради нејзината прељуба, повеќе не ја почитува и сака. Честопати тој целата вина ја префрла на неа – „неверност – ти се викаш жена“, а на крајот оди до таму што се откажува од нејзиното мајчинство велејќи: „Не е доволно некој да те роди за да го викаш мајка“.
Својот чичко – новиот крал, Хамлет го презира од дното на душата. Омразата заради убиството на сопствениот брат од властољубие и прељубата со снаата, не го колебаат Хамлет да го убие. Тој само го чека вистинскиот момент, но сака и сите да ја дознаат вистината – да дознаат каков е навистина нивниот нов крал и како стигнал до круната.
Освен со своите лични дилеми, внатрешни превирања, Хамлет се бори и против многу недостатоци во неговото општество. „Нешто е гнило во држвата Данска“ е втората многу позната реплика во оваа драма и го одразува тогашното данско општество – гнило во поредокот, гнило во семејството – лажни татковски чувства од Клавдиј, лажно мајчинство, лажно пријателство (неговите пријатели го поведуваат во Англија, а знаат дека треба да го погубат), гнила власт и дворјанство кои биле обични паразити, а не вистински благородници – гнила држава.
Против целата оваа гнилост се бори и изборува Хамлет! На крајот тој го убива својот чичко одбранувајќи ја својата и честа на татка си. Докажувајќи така дека постои достоинство, чесност, приврзаност, љубов и човечност.