Образување на именките

За образување на именките во македонскиот јазик има многу продуктивни наставки. Од нив се изведуваат нови именки и на тој начин се збогатува речникот.
Се разбира, голем е бројот на основните (неизведените) именки, но тука ќе ги разгледаме именките кои се образувани од други видови зборови.
Именките се образуваат на повеќе начини:
а) без суфикси (жал),
б) со суфикси (жалба),
в) со префикси (натпревар),
г) со префикски и суфикси (изградба), и
д) сложени од два збора (вратоврска).
Именки образувани од глаголи

Именките може да се образуваат од глаголи бессуфиксно:
чекор, збор, настан, помин.
Најчести наставки (суфикси) се:
– ец : борец, ловец, стрелец;
– ик, -ник : галеник, затвореник;
– тел : родител, учител, пријател, писател;
– ње : викање, одење, стоење; (глаголска именка)
– ба : изградба, состојба, молба, приредба;
– ач : купувач, водач, тепач;
– еж : грабеж, палеж, грмеж, метеж;
– а : работа, смеа, врева, игра, покана, мака;

Именки образувани од придавки

На основата од придавката се додаваат следните суфикси:
– ец : старец, убавец, слепец;
– ство : богатство, мајчинство;
– ина : широчина, височина, тежина, светлина;
– ост : милост, старост, гордост;
– отија : самотија, тешкотија, глувотија.

Именки образувани од броеви

И од броевите може да се образуваат именки, и тоа со:
– ица : единица, десетица;
– ка : петка, двојка, тројка, шеска, седумка;
– ина : половина, третина.

Именки образувани од именки

Од една именка со додавање на суфикси може да образуваме други именки:
– ник : патник, љубовник, правник, зелник;
– ар : чевлар, овчар, рибар;
– ка : ѕверка, овошка, ногалка;
– ец, – анец, – анин, -чанец (припадници на народности или населени места): Македонец, скопјанец, битолчанец, римјанин.

 

Задача:

1. Образувајте именки од следните зборови: минува, учи, работа, лови, врие, крпи, трча, жали, богат, мил, широк.

одговор

минува – минувач;

учи – ученик, научник, учителка;

работа – работник;

лови – лов, ловец;

врие – вриеж;

крпи – крпа, крпач;

трча – трк, тркач;

жали – жал, жалба;

богат – богатство;

мил – милина, милост;

широк – шир, широчина.