Степенување на придавките

Степенување на придавките е карактеристично само за описните, односно квалитативните придавки. Тие изразуваат некое својство на предметот кое може да биде застапено во помал или поголем степен.

На пример, некој предмет може да биде мал, некој да е уште помал, а некој во споредба со другите да е најмал.

Со посебните форми на компарација се изразува степенот (степенување) на дадениот квалитет кога се споредуваат два или повеќе предмети.

Формите за компарација се:

1. Позитив – основната форма на придавката (добар).

На пр.: Тој е добар ученик.

2. Компаратив – форма за споредување на два предмета. Се образува со префиксот: по-, кој се пишува слеано со придавката (подобар).

На пр.: Тој е подобар ученик од Горан.

3. Суперлатив – форма за споредување на еден со повеќе предмети. Се образува со префиксот: нај-, кој се пишува слеано со придавката (најдобар).

На пр.: Тој е најдобар ученик во класот.