Вежби (глаголи, неменливи зборови)

Прашања и вежби за глаголи и неменливи зборови:

 

1. Определи го видот на следните глаголи:

прелистува, загледа, заспа, затропа, тропа, тропна.

2. Определи ја глаголската група на следните глаголи:

појдов, дојде, зборуваше, шиевме, седна.

3. Образувај сегашно и идно време (во двата броја и сите лица) од глаголот СЕДНА и СЕДИ.

4. Образувај ги двата начина: заповеден и можен (во двата броја и сите лица) од глаголот СЕДНА.

5. Направи минато определено време (во двата броја и сите лица) од глаголот СЕДНА.
(какво е тоа време според видот на глаголот?)

6. Направи глаголска л-форма, глаголска придавка, глаголски прилог и глаголска именка од глаголот СЕДИ.

7. Образувај и именувај ги (кажи како се викаат) прости глаголски форми од глаголот ПЕЕ (во двата броја и сите лица).

8. Образувај (и именувај ги) сложени глаголски форми со СУМ од глаголот СТОИ.

9. Образувај (и именувај ги) сложени глаголски форми со ЌЕ од глаголот ШИЕ.

10. Во следните реченици подвлечи ги глаголските форми и напиши:
– во кое време се употребени (а какво му е значењето), лицето, бројот, (родот) и видот на глаголот.

а) Да учеше навреме, ќе имаше петка.
б) Таму се служеше јадење какво што до сега немам видено.
в) Читајќи ја книгата доаѓаше до нови сознанија.
г) Земете нешто за пиење, да не умрете од жед.

11. Во следната реченица подвлечи ги прилозите и сврзниците:

Утре ќе се качам горе и ќе го средам поткровјето, кое е многу растурено, зашто сите непотребни работи ги ставаме таму.

12. Во следната реченица подвлечи ги предлозите и сврзниците:

Среде такво идејно опкружување се јавува Епикур, филозофот од Градината, со совети до пријателите и следбениците на својата Школа да не се занимаваат со политика бидејќи човек по природа е асоцијално суштество.

13. Напиши две реченици со зборот СИГУРНО, во кои еднаш ќе го употребиш како придавка, а другпат како модален збор.