Предлози

Предлози се неменливи, службени зборови кои покажуваат однос меѓу именските зборови во реченицата или однос меѓу глаголското дејство и додатоците.

 

На пр.: Книгата е на масата. (именски зборови)

Стојам до ѕидот. (глаголот и додатокот)

Предлозите најчесто имаат пространствено значење, односно го означуваат местото на предметот во просторот.

 

Предлози во македонскиот јазик

 

Предлозите се дадени по азбучен ред.

 

Без означува немање на нешто.

На пример: Што си дошол без тетратка?

 

Предлогот в, во

 

Во; в  често се употребува во македонскиот јазик и има повеќе значења.

а) означува наоѓање внатре во некоја средина. На пример: Во училната има десет столчиња.

б) упатеност кон некоја средина. На пример: Утре ќе одам во Охрид.

в) временско значење. На пример: Дојди во осум часот.

г) пред деновите во неделата в/во различно се употребуваат: во средата (го означува минатиот ден среда); в среда (ја означува оваа среда што доаѓа); во среда (ја означува секоја среда).

  • Предлогот в се употребува пред нечленувани именки што не почнуваат со в или ф (в село, в рака).
  • Предлогот во се употребува пред членувани именки (во селото, во раката), пред именки што започнуваат со в и ф (во воздух, во фурна), и пред оние што сакаме логички да ги истакнеме.

 

Врз означува одозгора на нешто

На пример: Тетратката е врз клупата.

 

До означува наоѓање блиску до нешто или допира до нешто

На пример: Стојам до таблата. Се допрев до ѕидот.

 

За означува фаќање или држење за нешто.

На пример: Се фатив за масата за да не паднам.

Се фатив за рачката на автомобилот.

 

Зад означува дека нешто се наоѓа од онаа страна на друг предмет.

На пример: Стојам зад дрвото.

 

Заради има причинско и целно значење.

На пример:

Заради тебе не отидов на роденденот.

Го измамив татко ми заради тебе.

 

Кај означува наоѓање при некого или упатеност.

На пример:

Тетратката ми е кај Бојан.

Одам кај мајка ми.

 

Како означува споредување.

На пример:

Јас не сум како мајка ми.

 

Кон означува упатеност кон нешто.

На пример:

Кога се движевме кон театарот пред нас истрча куче.

 

Крај (покрај) означува дека еден предмет се наоѓа во непосредна близина на друг.

На пример:

Дојди, легни си крај мене.

Кучето застана покрај мене.

 

Меѓу означува наоѓање во средина на нешто или некаков заемен однос.

На пример:

Таа гордо стоеше меѓу луѓето.

Завршено е меѓу мене и тебе.

 

Место (наместо) означува заменување.

На пример:

Подобро ќе беше место компири да ручавме ориз.

Попаметно ќе беше да молчиш наместо да зборуваш.

 

Предлогот на

 

На е најчесто употребуван предлог во македонскиот јазик. Тој означува:

а) граматички знак за индиректен (дативен) предмет. На пример: Му реков на човекот.;

б) припадност. На пример: Тетратката на Марија.;

в) пространствено значење, згора врз нешто. На пример: Книгата е на клупата.;

г) со глаголски именки. На пример: На одење ми рече за ништо да не се грижам.;

д) временско. На пример: На пролет ќе ги садиме дрвцата.;

ѓ) споредба. На пример: Тој многу личи на него.

  • Предлогот на не се употребува зад глаголските именки. На пример, неправилно е: броење на предмети. Правилно: Броење предмети. Ако глаголската именка е членувана, тогаш може да се употреби на: Броењето на предмети.

 

Над означува наоѓање повисоко од нешто.

На пример:

Тие живеат над нас.

 

Низ означува насочување надолу, провирање, движење.

На пример:

Се движеа низ насадите од пченка.

 

Предлогот од

 

Предлогот од  има повеќе употреби:

а) излегување. На пример: Излезе од дома.;

б) оддалечување. На пример: Тој отпатува од Скопје.;

в) симнување. На пример: Слезе од коњот.;

г) посвојно значење. На пример: Моливот од Горан.;

д) потекло. На пример: Јас сум од Скопје.

 

Одавде,

оданде,

отаде означуваат од оваа или другата страна на нешто.

На пример:

Отаде Вардар се наоѓа старата скопска чаршија.

 

Околу означува опкружување.

На пример: Столчињата се наредени околу масата.

 

Освен означува изземање или исклучување.

На пример: Сите дојдоа освен брат ми.

 

Предлогот по

 

По е исто така често употребуван предлог. Може да означува:

а) управеност во една насока. На пример: Оди по бразда.;

б) движење или растуреност. На пример: по небо.;

в) посочување на предмети на дејство. На пример: Го удри по рака.;

г) непространствено значење. На пример: Излезе по гаќи, по леб.

 

Под означува наоѓање подолу од нешто.

На пример:

Пенкалото ми падна под столчето.

 

Поради има причинско значење.

На пример: Не ги собравме крушите поради тебе.

 

Потем е временски предлог.

На пример: Прво бевме кај мене потем отидовме кај него.

 

Пред има две значења:

а) пространствено – од оваа страна на предметот. На пример: Тој стоеше пред мене.

б) временско – со значење на порано. На пример: Бил кај него пред да дојде кај мене.

 

През е застарен предлог кој се употребува со значењена: во време на, во текот на:

На пример: През Втората светска војна…

 

Преку означува преминување од една на друга страна.

На пример: Преминавме преку реката.

Може да означува и: полно простирање или целосно опфаќање.

На пример: Го простре јорганот преку целиот кревет.

 

При означува дека нешто се наоѓа до некој или кај некој предмет.

На пример: Дојде си при мене.

 

Против означува негативна насоченост.

На пример:

Тој застана против него.

 

Предлогот со

Со има повеќе значења, и тоа:

а) средство со кое се врши некое дејство. На пример: Го пресече лебот со нож.

б) сообраќајно средство. На пример: Допатува со воз.

в) заедница, придружување. На пример: Дојде со пријателите.

г) поседување на нешто. На пример: Тој беше човек со пари, со куќа и пак не можеше да си најде добра жена.

д) употреба со апстрактни именки. На пример: Тој работи со волја.

 

Сосе означува заедно со.

На пример: Ја грабна торбата сосе чорапите што беа врз неа.

 

Според означува сообразување со некого или нешто.

На пример: Според мене, тоа не е точно.

 

Спрема (наспрема) означува сообразување и противставување. Синоним на според.

На пример: Зборуваше гордо и спрема неговите аргументи сето се чинеше вистина.

 

Спроти (наспроти) означува од таа страна или спротивставување.

На пример:

Спроти пазарот се наоѓа неговата зграда.

Ги изложи аргументите спроти лагите кажани за него.

 

Сред означува наоѓање во средината или меѓу нешто, но и временско значење.

На пример:

Застана сред соба.

Се најде сред толпата.

Тој влезе сред час. (со временско значење).

 

Забелешка

 

  • Често се греши при употребата на предлогот ПО, односно наместо ПО погрешно се употребува прилогот за време ПОСЛЕ. За да се избегне грешката наједноставно е на местото од ПО да се обидеме да го употребиме ПОТОА кој е синоним на ПОСЛЕ. Ако соодветствува, тогаш може да го употребиме ПОСЛЕ, ако не, тогаш стои ПО.

На пр.:

Неправилно: После Втората светска војна… (Ако можеме да го замениме со ПОТОА зборот ПОСЛЕ е правилно употребен. Но, во овој случај не можеме што значи дека тука стои предлогот ПО.)

Правилно: По Втората светска војна…