Прилози

Прилози се неменливи зборови што ги дополнуваат првенствено глаголите по место, време, начин и количество.
Освен глаголите, тие можат да дополнуваат и придавки, именки и други прилози.
Видови прилози
Според значењето прилозите се делат на:

1. Прилози за место: каде, близу, далеку, овде, таму, онде, горе, долу, натаму, наваму, напред, назад, лево, десно, налево, тука, некаде, никаде, дома, озгора, оздола итн.

На пример:

Тука не може да ги оставиш своите работи. Онеси ги долу, те молам.

Во реченицата, како додатоци за место овие прилози се пронаоѓаат со прашањето каде?

 

2. Прилози за време: кога, вечер, утре, лани, денес, доцна, рано, тогаш, некогаш, никогаш, сега, одамна, некни, после, потоа, зимоска, зимава, понекогаш, оттогаш, бргу, дење, ноќе итн.

Прилозите за време одгавараат на прашањето: кога?

На пример:

Донеси ми ги утре сите книги што сум ти ги позајмил.

Рано да дојдеш, зашто после ќе одам на работа.

  • Многу често при употребата не се прави разлика меѓу прилогот после и предлогот по. Прилозите обично стојат до глаголите и го дообјаснуваат дејството, а предлозите, пак, стојат до именките и дообјаснуваат местоположба или време. Сличноста меѓу после и по е во нивната временска определба, односно во нивното значење. Ако ви е тешко да ги разликувате како видови зборови, за да се избегне грешката наједноставно е на местото од предлогот по да се обидеме да го употребиме  синонимскиот прилог потоа. Ако соодветствува, тогаш може да го употребиме после, ако не, тогаш стои по. Неправилно: После Втората светска војна. (Тука треба да стои предлогот по, зашто е пред именската група која временски ја определува. За да се осигураме дали треба да ставиме по или после, на местото од зборот го употребуваме синонимскиот прилог потоа. Бидејќи не може да кажеме: Потоа Втората светска војна, значи дека таму треба да стои предлогот по.) Правилно: По Втората светска војна.
.

3. Прилози за начин: како, добро, лошо, силно, слабо, така, вака, инаку, онака, брзо, полека, машки, пријателски, тешко, смешно, тажно, некако, секако, јасно, чисто, високо, ниско итн.

На пример:

Првото полугодие помина многу брзо.

Овие прилози одговараат на прашањето: како?

 

4. Прилози за количество и степен: колку, малку, многу, толку, сосем, доста, неколку, николку, онолку, двојно, тројно, веќе, премногу итн.

На пример:

Во училницата имаше многу ученици.

Овие прилози одговараат на прашањата колку или во кој степен?


Прочитај повеќе за неменливите зборови на следнава ВРСКА.


Од темата морфологија прочитај и за:
  1. Морфологија
  2. Делови на зборот
  3. Морфема -видови морфеми
  4. Збороформа
  5. Морфолошка поделба на зборовите
  6. Времињата во македонскиот јазик
  7. Глаголски групи и раздели
  8. Граматички категории кај глаголите
  9. Именски форми на глаголот

Повтори ја целата тема морфологија во скратените написи за подготовка на матурскиот испит:
  1. Морфологија – именски зборови (матура)
  2. Морфологија – глаголи (матура)
  3. Морфологија – неменливи зборови (матура)

 

Scroll to Top