Сложени глаголски форми

Сложени глаголски форми претставуваат состав од глаголот што се менува и друг помошен збор.

Помошните зборови, кои можат да бидат помошните глаголи сум и има и честичките ќе и би, секогаш стојат пред глаголот, не мора непосредно, но му претходат.

 

Сложени глаголски форми се:

 

А. Сложени глаголски форми со сум

 

Минато неопределено време

 

Минато неопределено време означува дејство кое е вршено или завршено во минатото, без притоа да се побудува претстава за одреден момент кога се одвивало.

Формите на минато неопределено време служат за директно кажување или за прекажување на минати глаголски дејства.
Се образува од помошниот глагол сум во сегашно време и глаголската л-форма (сум читал).

Во зависност од видот на глаголот, разликуваме:

1. Минато неопределено несвршено време

Ова време се образува од несвршени глаголи.

На пример:

еднина
1л. сум читал
2л. си читал
3л. читал

множина
1л. сме читале
2л. сте читале
3л. читале

2. Минато неопределено свршено време

Ова време се образува од свршени глаголи.

На пример:

еднина
1л. сум прочитал
2л. си прочитал
3л.прочитал

множина
1л. сме прочитале
2л. сте прочитале
3л. прочитале

 

Предминато време

 

Предминато време искажува дејство што се извршило пред некое друго минато дејство.

Се образува од минато определено несвршено време од сум (бев) и глаголската л-форма.

На пример:

еднина
1л. бев читал (прочитал)
2л. беше читал (прочитал)
3л. беше читал (прочитал)

множина
1л. бевме читале (прочитале)
2л. бевте читале (прочитале)
3л. беа читале (прочитале)

 

Б. Сложени глаголски форми со ќе

 

Идно време

Со идно време се означува дејство кое се врши или извршува по моментот на зборувањето. Идноста не мора да се однесува само на моментот на зборувањето, туку и на идност по некој минат момент.

ќе + глагол во сегашно време

На пример, со глаголи од трите групи (а, е, и)

еднина
1л. ќе читам, ќе плетам, ќе носам
2л. ќе читаш, ќе плетеш, ќе носиш
3л. ќе чита, ќе плете, ќе носи

множина
1л. ќе читаме, ќе плетеме, ќе носиме
2л. ќе читате, ќе плетете, ќе носите
3л. ќе читаат, ќе плетат, ќе носат

 

Минато-идно време

 

Минато-идното време означува дејство кое е идно во однос на некој друг минат момент.

ќе + глагол во минато определено несвршено време

На пример:

еднина
1л. ќе викав, ќе носев, ќе перев
2л. ќе викаше, ќе носеше, ќе переше
3л. ќе викаше, ќе носеше, ќе переше

множина
1л. ќе викавме, ќе носевме, ќе перевме
2л. ќе викавте, ќе носевте, ќе перевте
3л. ќе викаа, ќе носеа, ќе переа

На пр.: Ќе го гледав филмот да не заспиев.

Идно прекажано време

Со идно прекажано време се искажува идно или минато-идно дејство кое сами не можеме да го посведочиме. Не сме биле сведоци, некој друг ни кажал, па ние го прекажуваме.

Се образува со честичката ќе и минато неопределено време од глаголот.

На пример:

еднина
1л. ќе сум читал (прочитал)
2л. ќе си читал (прочитал)
3л. ќе читал (прочитал)

множина
1л. ќе сме читале (прочитале)
2л. ќе сте читале (прочитале)
3л. ќе читале (прочитале)

 

В. Сложени форми со би

 

Можен начин

 

Можниот начин искажува глаголско дејство за кое се претполага дека е можно да се изврши под некој услов. Има една форма за еднина и една форма за множина.

Се образува со честичката би и глаголската л-форма.

На пример:

еднина

1л. би читал, би читала, би читало

2л. би читал, би читала, би читало

3 л. би читал, би читала, би читало

множина

1л. би читале

2л. би читале

3 л. би читале

Г. Сложени форми со има/нема

 

Овие сложени форми се образуваат така што помошниот глагол има/нема ги носи сите обележја, а самиот глагол е всушност глаголска придавка во среден род.

Овие конструкции особено многу се употребуваат во западното македонско наречје.

Се образува со:

има/нема и глаголска придавка во среден род

На пример: Ги имам носено тие чевли пет години.

Формите на помошниот глагол има/нема може да се менуваат во сите времиња, но нивното значење е малку поинакво:

На пример:
имам земено – сегашно време
имав земено – минато определено време
сум имал земено – минато неопределено време
бев имал земено – предминато време
ќе имам земено – идно време
ќе имав земено – минато-идно време
ќе сум имал земено – идно прекажано време
би имал земено – можен начин

Со овие глаголски форми се утврдува еден момент – сегашен, минат или иден до кој се сведува извршеноста на дејството. Така, имам носено (формата за сегашно време) значи дека дејството е извршено воопшто во минатото до моментот на зборувањето (има значење на минато определено); имав носено – дејството се извршило воопшто во минатото (има значење на минато неопределено) итн.