Гласовни промени – едначење по звучност

Едначење по звучност

Една од најкарактеристичните појави во нашиот јазик е гласовната промена едначење по звучност. Таа се случува при допир на две согласки со различна звучност. Кога во зборот ќе се најдат две согласки една до друга различни по звучност тие се изедначуваат — или двете стануваат звучни или двете безвучни. Тоа зависи од звучноста на втората согласка.

звучна + безвучна = две безвучни

б + безвучна = п, г + безвучна = к, д + безвучна = т, итн.
На пр.: близ + ка = блиска, пред + пријатие = претпријатие, од + скокне = отскокне

безвучна + звучна = две звучни

п + звучна = б, к + звучна = г, т + звучна = д, итн.
На пр.: сват + ба = свадба, гос + ба = гозба, с + града = зграда

Едначењето по звучност се бележи и кога зборовите се префиксираат, односно кога префиксот завршува со звучна согласка, а зборот започнува со безвучна.
На пример:
зад + скрие = затскрие
над + превар = натпревар
под + свест = потсвест
пред + чувство = претчувство
без + куќник = бескуќник
из + чезне = исчезне
Овие префикси кога ќе се најдат пред зборови со исти согласки може или да се удвојат (оддава, раззелени, оттука, поттикне) или поради сраснатоста во зборот, едната да исчезне (одамна, бесмислен, бесмртен, исели, исече, расели, расече, расони).

Во неколку случаи едначењето по звучност не се одбележува:
* Кај гласот „в“ не се одбележува едначењето по звучност (во изговорот се изедначува и го изговараме како ф, но според правописот, пишуваме в):
На пр.: овца, вторник, мравка, бевте, читавте, Славка;

* Не се одбележува едначењето по звучност на гласот „д“ пред наставките: -ски, -ствен и -ство.
На пр.: судски, градски, охридски; производствен, следствено; судство, производство, соседство итн.
Не се одбележува едначењето на „д“ и пред множинската наставка -ци: предок — предци; крадец — крадци; очевидци, ороводци итн.
Исто така, не се одбележува едначењето на „д“ пред членската морфема -та: заповедта, жедта, исповедта.

* Пред членската морфема -та, не се одбележува едначењето по звучност и кај другите звучни согласки.
На пр.: надежта, скрбта, зобта.

* Не се бележи едначењето по звучност на гласот „г“ пред наставката: -ство и пред -пат: бегство, другпат.