Првите македонски печатници

Појавата на првите македонски печатници претставува стремеж за воведување на македонскиот јазик во црквите и училиштата преку испечатени книги.
Пред да се отворат македонски печатници, книгите за печатење се носеле во Будим, Виена, Белград и Русија. Ова било и скапо и ризично, па затоа се чувствувала потреба од отварање печатници во Македонија.

Првата печатница била отворена во Солун меѓу 1835 и 1838 година. Архимандритот Теодосиј Синаитски, според рускиот научник Виктор Григорович, ја отворил во 1835 година, но таа изгорела во 1842 година. Таму биле отпечатени пет книги:
1. „Првоначално учение со молитви утренија“ („Буквар со утрински молитви“) од Анатолиј Зографски. Книгата има 14 старници отпечатени со црковнословенски букви. Од првото издание отпечатено 1838 година се зчувани два примерока.
2. „Кратко описание двадесјат манастиреј обретајуштесја во Свјатој Горој Атонској“ („Краток опис на дваесет светогорски манастири“) има 10 листа и се претпоставува дека преводот го направил даскал Камче. Описот на манастирите е на црковнословенски јазик, освен на Зографскиот кој е на македонски народен јазик.
3. „Служение еврејско и все злосторение нихно“ („Службата на Евреите и сите нивни злодела“). Оваа книга е најголема и е превод од романски или грчки, а претставува критика на еврејските трговци за да им се урне угледот.
4. „Утешение грешним“ („Утеха на грешните“) на Кирил Пејчиновиќ за која самиот Теодосиј напишал предговор.
5. „Книга за научение трих јазиков“ („Книга за научување три јазика“).

Втората печатница, веројатно била отворена во 1848 година од Даскал Камче, а позната како Ваташка печатница.
За Даскал Камче се знае дека бил роден во селото Курештица, но со родителите се преселиле во Ваташа. Таму тој прво пеел во ваташката црква, а потоа бил учител – даскал. Една година живеел на Света Гора и напишал, поточно превел еден опис на манастирите, а додал свои дополнувања за словенските манастири. Описот му го дал на Теодосиј Синаитски да го отпечати во својата печатница.
1847 година отишол во Белград да купи материјал за да отвори своја печатница. Пари му дал кавадаречкиот богат трговец Јовко Маркович. Се претпоставува дека во оваа печатница е отпечатен букварот на Јордан Хаџи Константинов – Џинот „Првоначално учение за мали деца“. Нема податоци што се случило понатаму со оваа печатница.

Во втората половина на 19 век во Солун печатница отворил Киријак Држилович. Таму, во 1852 година било отпечатено „Кониковското евангелие“ на ениџевардарски дијалект со грчки букви.
Иако скромни, почетоците на македонското печатарство се многу значајни за ширењето на просветата на народен јазик.