Редување (замена) на гласовите

Појавата кога некои гласови се заменуваат со други се вика редување. Тоа е вообичаено со некои согласки.

* Во в преминуваат (со в се заменуваат) некои гласови:
мес-о : мев-це;
трош-ка : тров-че; глуш-ец : глув-че;
шамиј-а : шамив-че; кутиј-а :кутив-че.

* Кај некои зборови чијшто корен завршува на к, создаваат низи:
к : ч : ц : ш
јунак – јуначе (јуначки) – јунаци – јунаштво;
рака – раче – раце;
конак – коначе (коначки) – конаци – конаштво;
зајак – зајаче (зајачки) – зајаци.

* Среќаваме и многу други редувања:
т : ќ
фати – фаќа; врати – враќа; плати – плаќа; прати – праќа;
д : ѓ
роди – раѓа; погоди – погаѓа; најде – наоѓа;
г : з : џ
нога – нозе – ноџе итн.

Освен кај согласките, редувањето се среќава и кај самогласките, особено во минатото. Зборовите: бере – брал – пребира – избор се од ист корен кој се јавува во различни форми: бер-, бр-, бир-, бор. Овде се случува редување на самогласките во коренот, но поради новите начини на зборообразување ваквите форми повеќе ги нема.

Најчесто го среќаваме односот
е : о
рече – пророк; дере – раздор; пренесе – пренос; пее – пој;
и : о
бие – бој; гние – гној; рие – ров;
о : а
роди – раѓа; погоди – погаѓа; помогне – помага.