Теодосиј Синаитски

Теодосиј Синаитски

Биографски податоци за Теодосиј Синаитски не постојат, освен оние што ги зачувал народот во своите преданија. Според нив, Теохар е роден во Дојран, а грчко училиште завршил во Цариград. По враќањето се запопил, но сакајќи да се закалуѓери заминал на полуостровот Синај. Со закалуѓерувањето го добил името Теодосиј. На Синај го изучил словенскиот јазик и се зафатил со преведување црковни книги кои ги праќал во родниот крај. Како заслужна личност бил унапреден во архимандрит, а по посетата на Ерусалим се здобил со титулата хаџи. Во чест на престојот на Синај си го додал презимето Синаитски.

По враќањето од Ерусалим служел како свештеник во црквата „Света Мина“ во Солун која се наоѓала во македонската колонија. Често патувајќи низ Македонија да собира пари за манастирите на Синај се запознал со Пејчиновиќ и Џинот, како и со состојбата во македонските манастири и цркви во кои се чувствувал недостиг од книги на народен јазик. Тоа го поттикнало да отвори печатница на македонски јазик во Солун (најверојатно 1837/38, според првата отпечатена книга). По две-три години печатницата изгорела, но со материјална помош на Пејчиновиќ тој успеал да ја обнови. Тогаш таа работела до 1844 година кога повторно изгорела до темел и престанала да работи.

Во Солунската печатница биле отпечатени пет книги:

1. „Првоначално учение со молитви утренија“ („Буквар со утрински молитви“) од Анатолиј Зографски. Книгата има 14 старници отпечатени со црковнословенски букви. Од првото издание отпечатено 1838 година се зчувани два примерока.
2. „Кратко описание двадесјат манастиреј обретајуштесја во Свјатој Горој Атонској“ („Краток опис на дваесет светогорски манастири“) има 10 листа и се претпоставува дека преводот го направил даскал Камче. Описот на манастирите е на црковнословенски јазик, освен на Зографскиот кој е на македонски народен јазик.
3. „Служение еврејско и все злосторение нихно“ („Службата на Евреите и сите нивни злодела“). Оваа книга е најголема и е превод од романски или грчки, а претставува критика на еврејските трговци за да им се урне угледот.
4. „Утешение грешним“ („Утеха на грешните“) на Кирил Пејчиновиќ за која самиот Теодосиј напишал предговор.
5. „Книга за научение трих јазиков“ („Книга за научување три јазика“), 1841 година е последната отпечатена во печатницата.

Предговорот од Теодосиј Синаитски

Единствен зачуван текст од Синаитски претставува „Предисловието“. Во него тој го искажува своето мислење за значењето на учителите и на народниот јазик. Искажувајќи му благодарност на Пејчиновиќ за материјалната помош за печатницата го вбројува меѓу учителите кои се бесмртни зашто само книгата, идејата и поуката го прават човекот бесмртен, а не богатството и градењето замоци. Највпечатлив и најсликовит дел од предговорот е кога Синаитски говори за јазикот:

„Еве кључ што отворует сердцето ваше, не кључ от злато или от сребро, кључ от железо и чилик, што да не се вие, оти среброто и златото ест меко и се вие скоро, но железото со чилик не се вие. Кога да е отворот сиреч от кључот от злато или от сребро, та да не може ковчегот сиреч сердцето мое да отвори, што ми е ест таков отвор. Нека ест от чилик и железо, та да отвори ковчегот, та да не е от сребро и злато, и да може да отвори сердцето на простиот человек“.
Синаитски го споредува старословенскиот јазик со златен клуч, а народниот со железен. Вели дека иако старословенскиот е вреден јазик, тој е неразбирлив за луѓето и бесполезен исто како златниот клуч за челичната брава.
Според тоа, тој се застапува за воведување на народниот јазик во книгите и во црквите за да може и простиот народ да се просвети.