Фонетика – гласови, фонеми, букви

Науката што ги проучува гласовите се вика фонетика, а науката што ги проучува фонемите се вика фонологија.

Зборовите се делат на најмали делови – гласови. Во македонскиот јазик има 31 глас. Фонетиката ги проучува гласовите според нивниот изговор, односно артикулација (каде и како се формираат гласовите и кои говорни органи се употребуваат).
Освен како посебни единки гласовите, можат да се разгледуваат и според функцијата која ја вршат во зборот.
На пр. зборот „р а к а“ е составен од четири гласа. Ако првиот глас „р“ го замениме со гласот „м“, тогаш од зборот „рака“ ќе го добиеме зборот „мака“. Тука, гласот има значенска функција, односно со промена на гласот се сменило и значењето на зборот. Во ваков случај зборуваме за фонема.

Фонема е гласовна единка која врши смисловна функција во зборот. Фонологијата ги проучува фонемите.

Буквата (графемата) е знакот со кој се бележи гласот. Она што ќе го изговориме може да го запишеме со соодветен знак. Во нашиот јазик секој глас има свој знак, еден глас – една буква, односно 31 глас и 31 буква. Нашиот правопис е фонетски, што значи дека како што изговараме така и пишуваме, односно како што е напишано, така го читаме.
Сите гласови на еден јазик го сочинуваат гласовниот систем, а сите букви азбуката.

Одговори на следните прашања и задачи!

1. Што е разликата меѓу глас и фонема?
2. Што е буква?
3.Од следните зборови состави што повеќе нови зборови со промена на една фонема:
бал, ред, мир, сон, мила, чаша, рака, мака
а) Зошто во овие примери гласовите ги нарекуваме фонеми?
4. Во што се разликуваат фонетиката и фонологијата како научни дисциплини?