Јордан Хаџи Константинов – Џинот („Труд ми е името“)

Јордан Хаџи Константинов - Џинот (1821-1882)

Јордан Хаџи Константинов – Џинот (1821-1882) живеел и работел на преминот од просветителскиот кон преродбенскиот (романтичарскиот) период во Македонија. 

Роден е во Велес, во сиромашно семејство на црковен клисар. Таму завршил основно ќелијно училиште. Учел во Самоков и Солун, а по завршувањето на школувањето се вратил во Велес каде отворил училиште и предавал на народен јазик. Но, гркоманите го изгониле, па тој отишол во Скопје каде развива широка дејност (меѓу другото и театарска), а училиштето се стекнува со голем углед. Во скопското училиште доаѓале ученици од Куманово, Дебар, Прилеп и други градови. Но, и тука им пречел на гркоманите, па повторно бил изгонет.

Погледни го кусиот документарен филм за живото на Јордан Хаџи Константинов – Џинот:

Отишол во Белград, каде се запознава со тамошната преродба и успех во културниот и националниот просперитет. Охрабрен, се враќа во Скопје каде ја продолжува својата работа уште позасилено. Овојпат гркоманите преку Турците успеваат да го затворат прво во Призрен, а потоа во Битола.
По излегување од затворот барал учителско место и конечно го нашол во Прилеп. Не можел слободно да работи, бил наклеветен дека е српски шпион и повторно бил затворен и прогонет во Мала Азија (на 101 година). По патот бил малтретиран од турските војници кои му го извадиле едното око.
Во прогонство останал три години бидејќи неговите роднини и пријатели успеале да соберат пари и да го откупат. Се вратил во родниот Велес, неуморен и непокорлив, отворил приватно училиште каде работел до крајот на својот живот.

Освен со учителска, тој се занимавал и со други дејности:

1. Пишување учебници.
Го напишал првиот буквар „Таблица перваја“, по углед на Доситеевата „Ижица“;
2. Пишувал статии за весници во Белград и Цариград;
3. Се занимавал со јазични прашања;
4. Собирал народни умотворби;
5. Пишувал литературни творби – песни и драми за потребите на училиштето кои немаат уметничка вредност.

Песни: „Плач на скопското училиште многотрудное“ (за напорната борба да го одржи училиштето поради нападите на грчкото свештенство), „Аурора“ (за патриотската функција на просветата), „Труд ми е името“ (за благодетите од трудот), „Горка чаша кнеза Лазара“ – последна тајна вечера (најдолгата песна ).
Драмски текстови: „Минерва и девет музи“, „Сербија шетаетсја в земељ своих“, „Разговор или прави человек“, „Училиште и учение“, „Басни“.
Сфаќајќи дека театарските претстави се многу погодни како образовно средство, а особено во време кога македонскиот народ не бил многу образован (ретко кој читал книги, луѓето биле неписмени во поголем број), тој пишувал драмски текстови со морализаторско-дидактичен карактер. Тие немаат уметничка вредност, но ја одиграле улогата која им била наменета. Како и да е, Џинот ја започнува театарската традиција во Македонија.

Труд ми е името

Песната „Труд ми е името“ нема уметничка вредност. Составена е од 10 строфи од по четири стиха (катрени). Мотивот во песната е размислувањето на авторот за човековите добродетели: мудроста, љубовта и трудот. Песната е дидактична, бидејќи нејзината цел е да подучи.
Содржински може да ја поделиме на три дела.

Во првиот дел (пет строфи), тој ни ги претставува мудроста, љубовта и трудот како три убави девојки кои пеат и свират на флејта. Трите му се претставуваат на најубав начин.

Првата ми изрече:
„Аз сум мудрост, рече,
та погледни хубаво
и расуди здраво!“

Втората ме погледна
за мене побледна:
„Афродита бесрамна
аз сум и огромна!“

Третата ми привика:
„Труд аз сум, извика,
ти мене примај
и Богу слава дај!“

Во вториот дел (три строфи), Џинот го искажува својот став кон мудроста, љубовта и трудот, кажувајќи дека ги сака сите три, но ако мора да одбере, ќе го одбере трудот.

Во третиот дел (две строфи), тој ќе ја истакне полезноста на трудот, со што ќе ја постигне својата цел – да поучува.

Труд ште вас научи
и ште вас обучи
блажено да ступате
добро да творите.