Лексиката според процесот на обновата

Лексиката, односно зборовите, се разгледуваат и според процесот на обновата. Како тие се менувале или заменувале со други зборови.
Според историскиот развиток, односно според процесот на обновата, зборовите се делат на:
1. Историзми се зборови што се употребувале во минатото, а предметите и појавите кои ги означувале денес повеќе не постојат. Ваквата лексика ја употребуваме ако зборуваме (пишуваме) за минатото во кое биле актуелни (На пр.: вилает, чорбаџија…)
2. Архаизми се застарени зборови кои под влијание на современите синоними се повеќе се истиснуваат од употреба. Предметите и појавите кои ги означуваат се уште постојат (На пр.: абер – глас, еќим – лекар, даскал – учител).
3. Неологизми се новосоздадени зборови кои се уште не навлегле доволно во активниот речник. Со текот на времето тие се прифаќаат само ако се во духот на јазикот (На пр.: видео, компјутер, мотел, печатар, далечинско, мобилен). Тука спаѓаат и зборовите кои ги преосмислуваме: снег (на екранот), пајак (за кревање автомобили).
Индивидуализмите се нови зборови, авторски креации за поинаков и повпечатлив начин на изразување. Тие се чести во јазикот на Гане Тодоровски, но и на многу други наши поети и прозаисти.

Запомни:
Лексиката според процесот на обновата ја делиме на: историзми, архаизми и неологизми (и индивидуализми).
Вежби за лексиката според процесот на обновата:
1. Во следниот извадок се употребени стари зборови. Кои од нив се историзми, а кои архаизми?
За оваа работа кадијата ги викна муфтијата и Расим-бег. Аскерот беше изгонет од касарните. Чорбаџи Трајко беше загрижен, беше нападнат царевиот уќумат.
2. Пронајди ги неологизмите во следните извадоци:
а) Од пазуварките вадеа кожени париносници.
Јас црната несреќница догробамома.
(Владо Малески)
б) Течам и јас, и јас сум тек
тек горкорек, тек недорек,
течам и си го знам врутокот,
солунот не си го знам.
Јас не сум Вардар, ни завардарен,
не сум превардарен, ни подвардарен,
може сум варден, та недоварден,
јас тек без ширина и должина!
(Гане Тодоровски)