Лексиката според сферата на употреба

Лексиката според сферата на употреба

Според сферата на употреба зборовите ги делиме на: општонародна лексика, дијалектна, професионална, терминолошка и жаргонска.

1. Општонародната лексика ја сочинува основата на зборовниот состав.
Разликуваме:
а) разговорна лексика – зборови кои се употребуваат во усната форма на стандардниот (литературниот) јазик. При говорот не се нарушува нормата, но звучи неофицијално, неприсилено.
б) книжна лексика – основата на писмената форма на јазикот. Ја употребуваат писателите со свесен избор на зборови за создавање на уметничко дело.
в) поетска лексика – се одликува со поголема експресивност и сликовитост (На пр.: лаежот на кучињата, ѕвонежот, златоврв…).
2. Дијалектна лексика – дијалектизми се зборови кои се употребуваат на определена територија и од ограничен број луѓе (На пр.: соба – одаја; печка – ќумбе, пампур, соба; чамец – кајче).
3. Професионална лексика – професионализми се зборови што им се познати само на луѓе што се занимаваат со иста професија.
4. Терминолошка лексика – термини – служат за точно именување на поими, појави или предмети од науката, техниката или културата. Тука преовладуваат странски зборови бидејќи обично директно се преземаат од друг јазик.
5. Жаргонска и арго – лексика – жаргонизми и арготизми. Оваа лексика ја употребуваат професионална или социјална група луѓе за да се разликуваат од другите.
Жаргонот е јазичен израз кој е неразбирлив поради својата неправилност и често има обележје на таен јазик. Порано го употребувале мајстори, трговци, крадци, скитници, но денес го употребуваат уметници, студенти, ученици, групи луѓе поврзани со начинот на размислување и сфаќање на животот. Јазичниот израз создаден од овие заедници е познат како сленг.
Вежби
1. Пронајди ги дијалектизмите во следните реченици:
а) Најубоо дејче е Стојаноото.
б) — Здраво другачке,— рече Лефтер.
в) Не се думај, тргнувај.
2.Пронајди ги професионализмите во речениците:
а) Си купи нова трска, си ги намести окцата, го стави омиленото пајче и очекуваше добар улов.
б) Либретото на операта „Риголето“ е според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“.
3. Напиши неколку термини од лексикологијата!
4. Состави краток дијалог со жаргонска лексика.