Димитар Миладинов – Романтизмот (Преродбата во Македонија)

Романтизмот во Македонија се појавува во средината на XIX век (1850-1860 г.)
Тој се карактеризира со будење на националната свест:
– воведување на македонскиот (народен) јазик во училиштата;
– составување и печатење учебници;
– собирање народни умотворби.

Димитар Миладинов (1810-1862)

Челно место во македонската преродба зазема Димитар Миладинов. Тој прв ја поведе и организира преродбенската борба.
Роден е во Струга, во бедното и многудетно (5 браќа и 2 сестри) семејство на грнчарот Ристе. Од најрана возраст пројавил желба да се школува. Најпрвин учел во ќелијното училиште во манастирот Св. Наум, а потоа во охридското класно училиште.
Започнува со учителствување во Охрид, 1830 година, но по две години заминал да се дошколува во гимназијата во Јанина. Таму бил три години и добро ги изучил францускиот и италијанскиот јазик. Се вратил на работа во Охрид каде училиштето доживува огромен успех. Затоа грчкиот владика почнал да му прави пречки, па тој преминал со работа во Струга. По покана оди да учителствува во Кукуш, а подоцна и низ други македонски градови: Битола, Прилеп, во с. Магарево, Битолско итн.
Важен момент од неговиот живот е средбата со Виктор Иванович Григорович, руски славист и собирач на народни умотворби (во 1845г.), кој ќе го поттикне на преродбенска дејност. Димитар ќе оди во Србија и Босна за да се запознае со тамошната преродба и ќе сфати дека ќе мора да се бори против грчката духовна власт. По две години се враќа во Струга и почнува засилено да работи:
– учителствува воведувајќи го македонскиот народен јазик во училиштата (доживува метаморфоза – од голем почитувач на грцизмот до негов најжесток противник);
– собира народни умотворби;
– активно ја популаризира идејата за национално будење и културно-просветно развивање;
– наоѓал следбеници;
– се грижел за образованието на младите и помагал да се испратат на студии во Русија.

По судирот со грчкиот владика Мелетија кој го наклеветил дека е руски шпион, турската власт го затворила, прво во затворот во Охрид, па во Битола, Солун, за на крајот да заврши во Цариград каде починува.

Собирачката дејност на Димитар Миладинов

Собирањето и објавувањето народни умотворби има огромно значење:
– афирмација на македонскиот народ како посебен народ со своја традиција, обичаи и историја;
– афирмација на македонскиот јазик како посебен;
– истакнување на творечките и духовните вредности на народот.
Од овие причини, Димитар Миладинов многу ангажирано собирал народни умотворби од цела Македонија и ги поттикнувал своите ученици и следбеници да го прават истото. Неговата посветеност кон оваа дејност се гледа во обемот на собраниот материјал кој успеал да го отпечати.

„Зборникот на Миладиновци“ е отпечатен во Загреб, 1861 година. Константин, со материјална и морална помош од хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер, успеал да ја заокружи мисијата на Димитар. Под негово влијание тој ги подредил песните и ги препишал од грчко на словенско писмо.

„Зборникот“ содржи:
1. Предговор од Константин Миладинов во кој е дадена и првата класификација на македонските народни песни;
2. 662 песни;
3. народни преданија за лица и места;
4. народни обичаи и верувања;
5. стотина гатанки;
6. педесетина пословици и поговорки и
7. повеќе од 400 лични имиња и презимиња.