Константин Миладинов – поетско творештво

Константин Миладинов (1830-1862)
Константин Миладинов (1830-1862) е основоположник на македонската уметничка поезија. (Пред него стихови напишале Кирил Пејчиновиќ и Џинот, но без уметничка вредност.)

Константин е најмалото, седмото дете во семејството, родено неколку месеци по смртта на таткото. Сепак, имал полесни услови за школување поради брат му Димитрија кој го зел под своја закрила. Кај него го завршил основното училиште, гимназија завршил во Јанина, а на студии се запишал на Филозофскиот факултет во Атина (3 години). Сакајќи да се школува на словенски јазик оди во Москва каде студира Словенска филологија. Таму се разболел од туберкулоза и тргнал кон дома. Патем се среќава со Јосип Јурај Штросмаер и во Загреб го отпечатува „Зборникот“. Дознава дека брат му е затворен и наместо дома, заминува во Цариград за да му помогне, но и него го затвараат. Во јануари 1862 починува во затворот во Цариград, а два дена по него и брат му Димитрија.

Литературната дејност на Константин Миладинов

Константин го напишал Предговорот на „Зборникот“ кој претставува прв обид за научен труд од областа на народната литература. Тој го истакнува значењето на народната литература како најчист, најсигурен показател на националната индивидуалност. Тука е објавен првиот преглед на нашата народна литература и првиот обид за нејзина класификација.

Поетското творештво на Константин Миладинов

Познати се 15 песни кои со сигурност се знае дека се на Константин. Две од нив имаат публицистичко-пропагандистичка тенденција, а останатите се со уметничка вредност.

Особености на Константиновата поезија:

1. Карактеристично за Константин е тоа што во Русија, во туѓа словенска средина, опкружен со многу бугарски и руски студенти, тој своите песни ги напишал на македонски јазик, струшки говор. Од друга страна, тој бил во постојан допир со народната македонска песна (која му ја испраќал Димитар), па веројатно тоа бил пресудниот факт да пее на македонски.
2. Овој контакт повлијаел и на начинот на кој се напишани песните. Константин немал друг пример, некој претходник, туку само народните песни. Затоа, многу често поетските средства се преземени од народната поезија. На пр. епитетите: зелени ледини, поле широко, гора зелена, ладна сенка, црна земја, бело лице, се карактеристични за македонските народни песни.
3. И во поглед на метриката, Константин најчесто ги користи осмерецот и десетерецот, карактеристични за народното творештво.
4. Мотивиката е исто така во голема мера во зависност од народната. Неговите песни: „Бисера“, „Скрсти“, „Побратимство“, слободно можат да се внесат во некоја збирка со народни песни, а да не се почувствува дека станува збор за некој определен поет.

Меѓутоа, и покрај сите овие народни елементи, Константин има и тоа како свој, личен тон, свој сопствен израз.

Поделба на Константиновата поезија

1. Интимна лирика
„Шупељка“ – песна во која ја искажува својата тага за изминатото детство и младост. Со мирен, спокоен тон поетот се сеќава како свирел со шупелка по зелени ледини, безгрижно трчал по пеперуги кога бил дете, а со другарите во младоста свирел и играл со срце весело.

Во вториот дел на песната, ја искажува својата носталгија, желбата од Москва да се врати дома, под ладна сенка, без врева и другари, сам со себе и својата татковина и нејзината убавина, да свири на шупелката ”как ке ме учит срцево“ .

Шупељка

Ушче ко си беф малечек,
От клас си писка напраиф.
Со неја свиреф, подскаквеф,
И по зелени ледини
Си трчах по преперуги.
Достигне други години;
Да свира мило ми беше.
Радосен свирка напраиф
И со моите другари
Играф со срце весело,
Трчаф по поле широко,
Шетаф по гори високи
И низ езера поминаф.
Сега се други времина;
Ја сега нејќу да трча,
Не ми е мило да шета,
Ни сака игри другарски.
Сега шчо ми је најмило,
Дружба да има шупељка,
Да најда место високо,
Под ладна сенка д’боа:
Пред мене поле широко,
Под ноѕе рече да течит,
Над глаа ветар да шумит;
И ја на д’бот навален
Да свира со шупељката

Как ќе ме учит срцево.

„Не – непијам“ е весела песна и ситуација во која се наоѓа поетот напоен со тиквешкото вино. Како секој поднапиен докажува дека не е пијан.

Не – непијам

Ми велет онје пијан сум;
А ја си не знам какво е
Т’ва пусто, шкуро пијанство!
Ја друго нешчо не сториф –
С’де си зедоф крај мене
Сафа со винце тиквешко
И си се малку нацицах.
Ми велет с’нки ноѕеве-
Ко д` ода ми се валеет.
Земја се тресит, вервите,
За т’ва ноѕе валеет.
И ак` си чукна главата
На ѕиздои и на камења,
И ак` се цумки на чело,
От такви мали работи
Али требит да се плашиме?
У! пијаница, падинат!
Ми велет и се смеет.
Ко да им нешчо напраиф!
Шчо имат, ако падина?
Пак како јунак си станва.
Немојте усти погани,
Тук-така не клевете ме!
И пак ви верно пофтора:
Ја сосем не зна името
От тоја пусто пијанство. –

Ич не сум ја пијаница!

2. Љубовна лирика

Бисера

Бисеро моме, Бисеро,
Шчо носиш бисер на грло?
Твоето грло хубаво
И од дробнаго бисера
Хилјада п’ти побело.
Бисеро моме, Бисеро,
Зашчо со бисер покриваш
Твоето грло хубаво?
Ја нејќу бисер да баца
Тук сака твоето грло.—
Бисеро моме, Бисеро,
За кого низиш бисер’т?
За кого готвиш дарои?
Ја дарој бисер не сака
Тук сака мома Бисера.

Во песната „Бисера“ е искажана искрената и чиста љубов што поетот ја чувствува кон момата Бисера. Ја истакнува нејзината убавина, велејќи дека нејзиното грло е стопати поубаво и побело од бисерите што ги носи. Потоа ја искажува неговата намера: ја нејќу бисер да баца/ Тук сака твоето грло, а на крајот чистата љубов кон неа, а не кон материјалните нешта: Ја дарој не сака/ Тук сака мома Бисера.

Желание
Кога ке доит при мене!
Кога ке седнит до мене!
Така си велеф ката-ден. —
Ја кога дојде у мене —
Как ке излеза пред неа!
Да не би дошла никога! —

Во песната „Желание“ поетот се претставува како срамежлив љубовник (можеби е автопортрет).

Голапче
Голапче мало хубаво, голапче златокрилесто,
Кога ти дојде при мене? И кога в часот побегна? —
Ушче ја глас ти не слушнаф: ушче те харно не видоф,
Дан ми се, мило, наљути? Дан ми се, добро насрди!
Зашч не ти хубост пофалиф, зашч не ти крилја помазниф?
Ела ми, мило, ела ми, ела ми сега при мене.
Ја ке ти хубос пофалам, ја ке ти крилја помазнам,
Ја ке те тебе назобим се со дробнаго бисера,
Ја ке те чува секога, мое ми мило, в пазува.

Песната „Голапче“ е шеснаесетерец, а гулапчето симбол на девојката, чест во романтичарската поезија. На почетокот, поетот се самообвинува дека можеби не го погалил (не и обрнал доволно внимание на девојката) гулапчето, па затоа е налутено. Во продолжение го моли да дојде, да се врати, за на крајот да се заколне на вечна верност: Ја ке те чува секога, мое ми мило, в пазува.

„Думание“ – ја опишува неговата внатрешна борба – зошто да љуби, кога љубовта не дава мир.

Думание

Зашчо, зашчо ја да љубам?
Зашчо себеси да губам?
Окул-нокул јарка младост,
От љубовта барат ладост.
Тја лад не дат, пламен даат,
И во м’ки души клаат.

Зашчо, зашчо ја да љубам?
Зашчо себеси да губам? –
Јарка младост, јарко греит
И ко цвеќе ме венеит.
Барам сенка да с’оладвам,
В место сенка, в жарој падвам.

Зашчо, зашчо ја да љубам?
Зашчо себеси да губам? –
Младост срцето ми печит
Без надежда да м’излечит.
Ела, младост, усили се
И во мене угасни се!

„На чужина“ – љубовта кон девојката Неда, која ја повикува да му дојде кај него во туѓина. Песната е напишана во четверец:

На чужина

Ја си дремам,
Зашчо немам
Шчо да чинам
На чуждина.
Имах дома
Една мома
Наружена,
Накитена; –
С’нце греит,
Ког’ се смеит.
Та ме љубит
И се губит
За моето
Счастје клето.
А ја тука
Беден пука
Од жалење,
Од страдање.
Крилја бара
на пазара
Да си метнам,
Та да летнам,
И да идам
Да ја видам;
Ама нема
Да си зема.
За тва седа
И за Неда
Мислеешчем,
Жалаешчем.
Ја не дремам,
Ами земам
Перо, книга
И со брига
Ахтам, дишам
И си пишам:
„Ах миленце,
Ти поленце!
Как’ си била
Златокрила,
Крило павни,
Ветер мавни;
Над планини
На вишини
Подкрени се,
Оп’ти се,
И од тамо
Дојди вамо.
Чистороса,
Златокоса,
На рамена
Растурена
Коса фрли
И обгрли
Мене бедни
П’т последни.
Тога веќе
Мајско цвеќе,
Не ќе дремам,
А ќе земам
Расцутена,
Миск обелена,
Сколова
Живот нова.
3. Социјална лирика

Сираче

Сираче момче сејало
И јадна песна пејало:
Каде се чуло, видело
Седум години во село
Да сеа, жниа и пота
И от мојата работа
До зрнце да се изабит
От чужи да се разграбит!
А ја сираче да шетам
И улиците да метам,
Везден работа нивата,
Без да си крена главата.
Дожд да врнит? но ја не седа,
А работата си гледа!
Вечер ке зајдит с’нцето,
Ја ушче шета полето.
Раното с’нце излегвит,
На нива мене досегвит.
Сите со лебец, со вода,
А ја без корка да ода!
Сите сос рубо шарено
И сос кадифе зелено,
А ја од сите терано,
Носам од сите раздрано.
Ако ме некој погледни
И покрај себе ме седни,
Мој нарачници проклети
Јадвени пушчат клевети.
Детската радост ко цвеке
В пусто ми срце се суши,
И пред очите ми веке
Само ми счастје се вруши.
Сите си имаат роднина,
Со ним се смејет, си пејет
А мој надежди в пустина
Од силни ветри се вејет.
Некаква т’га ја има.
Се прах и пепел се чинит.
Пред мене веков как в зима
Во темни м’гли се чинит.

Во песната „Сираче“ поетот ја осудува социјалната неправда, експлоатацијата на едно сиромашно селско момче кое ги вршело сите селски работи само за корка леб и кое немало никаква младост. Неговиот живот е без роднини и без перспектива.

4. Рефлексивна лирика
Тешкиот очај што го совладал поетот во загушливата атмосфера во која се движел при крајот на својот престој во Москва, јасно се чувствува во овие две песни:
„На с’нцето“ – осамен и тажен поетот му се обраќа на сонцето како на пријател, очајно извикува и прашува дали и другите луѓе напразно го поминале животот. На крајот моли за малку убавина и светлина во својот живот.
„Т’га за југ“ – патриотско – рефлексивна, најжалната воздишка за родниот крај.
Инспирација да ја напише оваа песна било писмото што Константин го добил од Димитрија: „Дојди си мили брате, поскоро, од ништо не бој се … остај сè … јас веќе ти најдов место за учител во Охрид … Дојди право во татковината, да ги зарадуваш моите деца, нашите роднини и пријатели. Нашата чудна пролет, миризливите цвеќиња, зелената трева по нашите планиње, моите и прегратките на нашите роднини – сето тоа е земен рај!“
Т’га за југ
Орелски крилја как да си метнех,
И в наши ст’рни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
Да видам Стамбол, Кукуш да видам.
Да видам дали с’нце и тамо
мрачно угревјат како и вамо.
Ако как овде с’нце ме стретит,
ако пак мрачно с’нцето светит;
на п’т далечни ја ке се стегнам,
и в други ст’рни ке си побегнам,
к’де с’нцето светло угревјат,
к’де небото ѕвезди посевјат.
Овде је мрачно и мрак м’обвива,
и темна м’гла земја покрива;
мразој, снегој, и пепелници,
силни ветришча и вијулици,
околу м’гли и мразој земни,
а в гр’ди студој, и мисли темни.
Не, ја не можам овде да седам,
не, ја не можам мразој да гледам!
дајте ми крилја ја да си метнам
и в наши ст’рни да си прелетнам;
на наши места ја да си идам,
да видам Охрид, Струга да видам.
Тамо зората греит душата,
и с’нце светло зајдвит в гората;
тамо дарбите природна сила
со с’та раскош ги растурила:
бистро езеро гледаш белеит,
или од ветар синотемнеит;
поле погледнеш или планина,
сегде божева је хубавина.
Тамо по с’рце в кавал да свирам,

с’нце да зајдвит, ја да умирам.

Во Москва

Поетот со силни компарации си ја доловува саканата татковина, која добива една натприродна светлина и убавина, за разлика од суровата и мрачна московска средина.
На почетокот, како народниот поет тој бара нешто невозможно за тоа време – крилја – за да летне и да се најде во родната земја и да провери дали и таму е мрачно како во Русија. Но, ако и дома не е сончево и топло, тој и понатаму ќе бара такво место.
Осамениот поет, со многу густи бои и тешки тонови ни ја прикажува мос-
ковската природа и своето срце полно со студови, не само заради студената клима, туку и заради студениот прием на руските дејци кои не сакале да го отпечатат „Зборникот“ и само кажувале празни зборови и ветувања (ветришта и вијулици).
Затоа тој цврсто решава и извикнува: Не, ја не можам овде да седам!
Очаен, болен и несреќен, поетот се бори да се ослободи од тешката атмосфера и крилјата му се единствениот спас за да може да долета до родниот крај.
Таму го влече се. И спомените и природата и роднините. За него тоа е најубавото катче на земјата што така топло и со јаки бои го слика.
На крајот поетот ја искажува својата последна желба: да умре дома, покрај езерото.
За жал, желбата нема да му се исполни, тој не успева да се врати во татковината, зашто умира во темните зандани на Цариград каде отишол за да му помогне на брата си.
Но, тешката криза што така очигледно се чувствува во оваа песна, поетот ја пребродил. За тоа најдобар доказ ни е песната „На чужина“ – последната песна испеана на враќање кон дома, во Виена. Таа е жуборлива и весела и ни го прикажува душевното преродување на поетот.