Две точки (:)

Две точки (:) се интерпункциски и правописен знак.

 

Како интерпункциски знак

Како интерпункциски знак, две точки се употребуваат:
  • пред набројување (зборови, зборовни состави, реченици или делови од текстот);

На пример: Денес по распоред имаме: англиски, математика, хемија, историја, македонски и биологија.

  • по зборовите или изразите: како, на пример, и тоа, имено, следново, овие и сл. со кои се воведува набројувачка низа;

На пример: Напишете антоними за следниве зборови: ден, горе, молчи, пред.

  • при набројување во вертикална низа, кога тие се пишуваат една под друга;

На пример:

Да не заборавам:

– да одам во Пошта,

– да поминам на пазар,

– да го викнам мајсторот.

Сопствените именки се пишуваат:

а)  со мала буква

б) со голема буква

в) со мала и со голема буква

Заокружете го точниот одговор:

  1. Зборот ПО е предлог.
  2. Зборот ПО е прилог.
  3. Зборот ПО е сврзник.
  • кога се воведува содржина која ќе дообјасни дел од реченицата што смисловно е целосна и без делот по двете точки;

На пример: Треба да се внесат лични податоци: име, презиме и матичен број.

  • пред директен говор или цитат што се воведува со зборовите: рече, праша, вели, пишува, повторува, потсетува;
На пример: Томе рече: „Денес ќе си одиме порано“.
           
Две точки не се пишуваат:

 

  • при набројување кога членовите на набројувачката низа прават интонациска и ритмичка целина со претходниот дел на реченицата;

На пример: За гостите секогаш приготвуваше и салати, и месо, и кифлички и нешто благо.

  • при набројување во вертикална низа ако набројувањето следува по наслов: Содржина, Користена литература, Библиографија и сл.

СОДРЖИНА

Предговор

Употреба на голема буква

итн.

  • може да се изостават при пренесување директен говор или цитат ако нема воведувачки зборови (рече, праша, вели, пишува, повторува, потсетува) или ако се пренесува само збор или зборовен состав;

На пример: Ми се допадна неговото „не се мешам во туѓи работи“.

 

Како правописен знак

 

Како правописен знак, две точки се пишуваат:

 

  • за одвојување на часот од минутите и минутите од секундите. Зад двете точки не се остава белина.

На пример: Работно време од 7:00 до 19:30.

  • за резултат изразен во бројки (во спортот) и сооднос меѓу величини. Во овој случај се остава белина (празно место) меѓу бројките и двете точки.

На пример: Натпреварот заврши 3 : 2 за „Вардар“.

Соодносот е 1 : 3, на една шоља ориз, три шољи вода.

(Овде двете точки се читаат како спрема или на, или воопшто не се читаат.)

  • за означување опозиција или сооднос;

На пример: црно : бело.

  • во математиката, изразот „поделено со“ се означува со две точки;

На пример: 65 : 5, 26 : 3.