Прашалник (?)

Прашалник е интерпункциски знак. Како правописен не се употребува.

Со него се бележи прашалната интонација, односно промената на тонот од ниска кон висока точка.

 

Прашалникот го употребуваме:

 

  • на крајот од прашалната реченица во чијшто состав има прашални зборови или изрази;

На пример: Ќе дојдеш ли утре кај мене?

  • на крајот од алтернативно прашање со сврзникот или;

На пример: Ќе дојдеш или не?

  • на крајот од прашална реченица што не содржи прашален збор или израз;

На пример: Ќе дојдеш кај мене?

  • може да се напише и сред реченица доколку се однесува на конкретен збор или нејзин дел, а зборот по прашалникот се пишува со мала буква;

На пример: Што ќе се случи со ова на крајот? ќе издржиме ли? ќе истраеме ли?

  • на крај или во средина на реченица, по прашање преземено од директен говор;

На пример: Го прашаа: „Ќе останете ли по настапот на забавата?“ – а тој само одмавна со главата.

  • во состав на реченица за да се изрази несигурност, неверување, сомневање, несогласување и сл. во врска со содржината вметната во загради или со содржината пред прашалникот вметнат во загради;

На пример: На тоа место ќе изградат две (три?) згради.

Рече дека утре (во среда?) ќе прави забава.

На пример: Професорката ни најави тест (?) уште во првата недела.

  • може да се употреби самостојно, без зборовен состав, при што зборовната содржина се подразбира од контекстот;

На пример:

– Ќе дојдеш на забавата?

– ?

– Кај Ненад, утре?

– ??

– Зарем не знаеш, никој ли не те викна?

– ???

 

Прашалник може, а и не мора да употребиме во следните случаи:

 

  • во наслови на уметнички дела или медиумски содржини

На пример: За кого бијат камбаните; Чија си; Ќе се намали ли загаденоста во главниот град?

  • на крајот од реторички исказ или исказ со нагласен личен став;

На пример: Пак истата песна? Како така наеднаш се растури таквата дружба.

 

Прашалник заедно со извичник, се употребува:

 

  • за зголемување на изразноста на прашалната содржина и изразување зачуденост. Во зависност од тоа што се нагласува, прашањето или зачуденоста, прашалникот и извичникот си ги менуваат местата;

На пример: Сите доаѓаат?! Вистина зборуваш?!

Ќе учиш да плетеш!? Го исекле дрвото во дворот!?

  • за искажување желба или поттик за вршење (или невршење) некое дејство;

На пример: Да се јавиме до дома!?

 

Прашалник не се употребува:

 

  • на крајот од исказна реченица во која се прекажува содржина на директно прашање.

На пример: Тој праша дали ќе одиме на забавата. Се прашувам дали ќе дојдат сите.