Реченица

Реченица е синтаксичка единица организирана според правилата на јазикот која има еден прирошки показател (личноглаголска форма).
Односно, реченицата содржи еден прирок, а зборовите во неа се подредени според синтаксичката шема на јазикот (во точен редослед).
.
На пример: Ја сунѓер со таблата сув Дамјан брише.
.
Во примерот имаме неколку зборови, имаме и прирок – брише, но зборовите не се подредени така за да може да ја сфатиме смислата. Тие се во неправилен редослед и не се според синтаксичката шема на нашиот јазик. Оваа група зборови не е реченица.
Ако истите зборови ги подредиме според нашата синтаксичка шема, тогаш ќе ја сфатиме смислата и ќе ја добиеме реченицата:
.
Дамјан ја брише таблата со сув сунѓер.
.
Карактеристики на речениците

.

1. Реченицата има своја содржина и дава некаква информација.

.

Од реченицата во примерот ние добиваме информација дека Дамјан ја брише таблата со сунѓер којшто е сув – и тоа е релативно објективна информација, но од неа може да извлечеме и субјективни судови, како на пример, дека Дамјан е мрзелив и не сака да оди да го наводени сунѓерот, што никако не мора да значи дека е објективно. Можеби објективно е тоа дека нема вода во близината и тој не може да го натопи сунѓерот.

.

2. Реченицата има своја интонација со што се изделува како целина од другите делови на текстот.

Интонацијата е многу важна и го менува значењето на реченицата. Исти зборови изговорени со различна интонација доведуваат до различно разбирање на смислата.

.
На пример:
Дамјан брише.
Дамјан брише?
Дамјан брише!
.
Во примерот иако имаме исти зборови, заради интонацијата, речениците се разликуваат по своето значење.
Во првата реченица имаме релативно објективна информација дека Дамјан брише и кај неа интонацијата оди надолу.
Во втората реченица интонацијата оди нагоре и значењето се разликува зашто се прашуваме – дали брише Дамјан или некој друг.
Во третата реченица интонацијата е засилена и рамномерна, а понагласен е првиот збор и значењето е дека Дамјан ќе ја брише таблата и никој друг.
.

3. Реченицата има своја граматичка структура која е организирана според синтаксичката шема на јазикот.

Односно, зборовите во реченицата ги подредуваме по точен редослед. (Ова е појаснето во воведот со примерот на неправилно подредените зборови.) 
.
4. Со реченицата се изразува ставот на говорителот (модалност на реченицата).

.

5. Реченицата се разгледува како дел од текстот.

.

Поделба на речениците
.
1. Според содржината и модалноста речениците се делат на:
.
а) расказни — се соопштува некоја мисла;
б) заповедни — се искажува заповед;
в) прашални — се поставува прашање;
г) извични — се искажуваат силни чувства;
д) желбени — се искажува желба или блага заповед.
.
2. Според формата речениците се делат на:
.
а) безглаголски – реченици во кои нема глагол, односно прирок;
На пример: Магла. Студ. Голема горештина. Сите на избори!
б) безлични – реченици во кои нема подмет, вршителот на дејството не може да се определи.
На пример: Грми. Се стемни. Страв ми е.
.
3. Според составот речениците се делат на:
.
а) прости — реченици во кои има само еден прирок;
б) сложени — реченици во кои има два или повеќе прирока.
.