Синтакса – вовед (именска група, реченица, сложена реченица, врзан текст)

Зборот синтакса значи „редење, распоред на зборовите“.

Синтакса е дел од науката за јазикот која се занимава со јазично точниот редослед на зборовите во реченицата.
Таа ги разгледува законите по кои зборовите се врзуваат во реченица и по кои се гради проста или сложена реченица.
Реченицата е централна синтаксичка единица.
Помала од реченицата е групата (синтагма или фраза), поголема е сложената реченица, а сите тие поврзани во смисловна целина сочинуваат врзан текст.
  1. Именската група (синтагма или фраза) претставува неприрошка единица чиј главен дел е именката или некој друг именски збор (заменка, придавка, број). Таа е дел од реченицата и претставува една целинка без прирок (глаголско дејство).

Именската група има центар (или глава) која може да ја претставува целата група, односно може да стои без другите додатоци. Центарот е обично именка, а додатоците се придавки, заменки, броеви.

На пример: добри деца;

малите добри деца;

нашите мали добри деца.

Во примерот центарот на групата е именката ДЕЦА и таа може да стои самостојно, без додатоците и да ја претставува целата група.

           
  1. Реченицата е основната, централната синтаксичка единица. Основа на реченицата е прирокот (без прирок нема реченица, освен во некои исклучоци).

На пример: Нашите мали добри деца спијат.

Со прирокот СПИЈАТ се изразува глаголското дејство што е основа на реченицата.

  1. Сложената реченица е поголема синтаксичка единица која содржи намалку два прирока.

На пример: Нашите мали добри деца спијат и сонуваат.

Оваа реченица бидејќи има два прирока (спијат, сонуваат) е сложена реченица.

  1. Врзаниот текст претставува најголема синтаксичка единица. Тој е составен од повеќе реченици (именски групи и сложени реченици) кои се смисловно поврзани и сочинуваат целина.

На пример: Штом се стемни, сите се прибираме во куќите. Постарите се вртат околу огнот, ги греат коските, а ние помладите ги потсредуваме собите колку да не седнеме веднаш. Нашите мали добри деца спијат и сонуваат.