Слеано и разделено пишување на зборовите

 

Два или повеќе одделни збора добиваат ново значење откако ќе се спојат во еден сложен збор. Во зависност од степенот на срастување овие зборови може да се пишуваат слеано или со цртичка меѓу компонентите.
            

Слеано пишување

            1. Сложените именки и придавки поврзани со самогласките о и е се пишуваат слеано.
            На пр.: огномет, риболов, великодушен, очевидец, лицемерен
            2. Именките и придавките со прв дел: пол-, полу-, се пишуваат слеано.
            На пр.: полноќ, полчасовен, полугодие, полуписмен
            3. Сложените именки или придавки кај кои првата компонента е број или бројна придавка.
            На пр.: едночинка, триаголник, четирикратен, осмокатница, десетгодишна, стогодишнина, еднороден, двојазичен, двосед
            4. Сложени именки од кои првата компонента им е глагол во заповедна форма.
            На пр.: неранимајко, паликуќа
            5. Сложените именки и придавки на кои првата компонента им е заменска форма.
            На пр.: самоконтрола, сеопфатен, самобендисан, своерачен, самобитен.
            6. Имињата на празниците во чиј состав влегува зборот ден.
            На пр.: Илинден, Ѓурѓовден, Спасовден;
            исто и: роденден; роденденот;
            како и празниците пред Велигден: Величетврток, Велипеток
            7. Сложените именки кај кои како прва компонента се јавуваат туѓите зборови: авио, авто, астро, хидро, микро.
            На пр.: авиопревоз, автопат, астрономија, хидроулика, микроскоп
            8. Сложените именки кај кои втора компонента се: грам, литар, метар.
            На пр.: килограм, децилитар, милиметар
            9. Сложените придавки на кои првата компонента им е прилог.
            На пр.: многуброен, повеќедневен, долупотпишан
            10. Слеано се пишуваат и зборовите чија втора компонента е -пат, -пати.
            На пр.: првпат, вторпат, двапати, многупати, секојпат, дваестпати, сто седумдесетпати
            11. Слеано се пишуваат и придавките: социјалдемократски, средновековен; како и сложените прилози: вчеравечер, едноподруго, отсега, напролет, предвид, претпладне, сосила, поинаку, понекогаш
            12. Негацијата не се пишува слеано со придавки, прилози и именки.
            На пр.: непријатен, несвесен, неумен, неподготвен, недалеку, нечовек, непријател, невистина;
            *заб. Со глаголите негацијата НЕ не се пишува заедно. (Многу често учениците погрешно заедно ги пишуваат.)
            Треба: не може, не сака, не знае;
            не пишува, не размислува;
            Исто така, не се пишува заедно негацијата не со глаголскиот прилог:
            не сакајќи, не можејќи, не знаејќи
            13. Префиксите по- и нај- за образување компаратив и суперлатив се пишуваат слеано.
            На пр.: подобар, најдобар, повисок, највисок
 

Поврзување на зборовите со цртичка

            1. Лични имиња кон кои како определба се додава друг општ назив.
            На пр.: Осман-ага, Сулејман-бег, Џингис-кан
            2. Две презимиња или прекар.
            На пр.: Лилјана Ристовска-Наумовска, Кузман Јосифовски-Питу
            3. Сложени искази кои се надополнуваат во значењето.
            На пр.: предлог-закон, жиро-сметка, визит-карта, пинг-понг
            4. Сложените придавки меѓу кои може да стои сврзникот и, бидејќи не се целосно сраснати.
            На пр.: охридско-струшки, општествено-политички, воспитно-образовен, зелено-син
            5. Сложените прилози.
            На пр.: кој-годе, што-годе, кај-годе, бргу-бргу, ден-денес, лека-полека, овде-онде, одвреме-навреме
            6. Кога во првиот дел пишуваме број го поврзуваме зборот со цртичка.
            На пр.: 20-годишна, 100-годишнина, 10-дневен, 24-часовен, 11-ти, 100-ти
            7. Приближна бројност.
            На пр.: три-четири, два-тринаесет, седум-осуммина.
            

Разделено пишување

            1. Негација не со глагол или глаголски прилог се пишува разделено.
            На пр.: не учам, не знам, не сакам, не можејќи, не сакајќи
            2. Кратките заменски форми зад именките со роднинско заначење.
            На пр.: мајка ми, татко ти, брат му, баба ви
            3. Поздравите што се составени од два или повеќе збора.
            На пр.: добар ден, добра ноќ, добре дојде, до видување, до гледање, со здравје
            4. Разделено се пишуваат и: сè уште, на пример, од сè срце.