Старогрчка митологија (настонокот на светот)

Древнобалканската т.н. старогрчка митологија се смета за најразвиена. Таа е создадена во античко време и ни ги открива религиозните погледи на луѓето што живееле во околината на планината Олимп, нивното верување во многу богови, божици, полубогови и други измислени суштества како: кентаври, сатири, нимфи, сирени, чудовишта, џинови итн.

Боговите имале човечки облик, но биле многу поголеми од смртните луѓе и имале способност да се метаморфозираат (да го менуваат обликот). Тие биле бесмртни, низ вените им течела течност позната како икор, се хранеле со амброзија, а пиеле нектар. Кој ќе пробал од нивната храна станувал бесмртен. Боговите живееле на планината Олимп каде имало врата која ја чувале Хори (годишни времиња).

Врховен бог бил Зевс, а врховна божица Хера. Браќа на Зевс биле: Посејдон – богот на морето и Хад (Хадес, Ад) – бог на подземјето, на смртта. Други попознати богови се:

Хермес – бил гласник меѓу небото и земјата кој имал крилја на главата и нозете;
Хефест – бил даровитиот бог на огнот и на ковачката вештина. Поради неговата грдост, мајка му го фрлила од Олимп, но го спасиле и одгледале морските божици Тетида и Евринома;
Аполон – бог на сонцето, поезијата, музиката и речитоста. Бил најубав меѓу мажите и носел сребрен лак и стрели со кои ги казнувал виновниците. Тој бил сериозен и строг, но сепак со добро и нежно срце. Тој е син на Зевс и Лета, љубимец на својот татко;
Атина Палада – божица на мудроста, љубимата ќерка на Зевс;
Афродита – божица на убавината, многу, многу поубава и од најубавата жена што сме ја виделе;
Арес – богот на војната;
Дионис – бог на виното и забавата.
 Освен боговите, во оваа митологија има многу митолошки суштества:

Нимфи се убави женски божества на природата. Постоеле нимфи на планините, на реките, на шумите, на изворите и на дрвјата. Најпозната нимфа е Ехо која според митот за неа, била казнета од Хера никогаш да не проговори, туку само да ги повторува звуците што ќе ги чуе. (Најчесто казните следувале заради неверноста на Зевс кој многу сакал да се забавува со сите женски суштества. Хера била многу љубоморна и не можејќи да му се спротистави на Зевс ги казнувала послабите од себе. Ехо ја забавувала и и го одвлекувала вниманието на Хера додека Зевс се забавувал со другите нимфи.)
Сатири се суштества на кои горниот дел од телото им е со човечки облик, а нозете им биле влакнести и со козји копита. Косата им била кадрава низ која ѕиркале две рокчиња. Најчесто се прикажани како лудуваат со нимфите на забавите на богот Дионис.
Кентаври биле суштества со лице и гради на човек, коњско тело и со четири коњски копита. Тие биле диви и опасни со исклучок на кентаврот Хирон кој бил познат по својата справедливост, мудрост, добрина, убавина и милост. Тој им бил воспитувач на многу полубогови и херои како: Херкул, Ахил, Тезеј, Орфеј итн.
Сирени биле девојки кои живееле на некој морски остров и со песни ги мамеле морепловците, а потоа ги погубувале. Горниот дел на телото им бил како на жените, а долниот им бил прекриен со пердуви. Нозете им биле како на птиците. (Во некои митови се среќаваат и како полуриби). Се раскажува дека по неуспешниот обид да го привлечат Одисеј и неговите морнари, скокнале во морето и се претвориле во карпи.
Полубогови во древнобалканската митологија биле суштества родени од бог и човек. Нивните имиња се познати и денес и се симболи на некои човекови особини. Меѓу најпознатите полубогови се:
Прометеј (симбол на промисленост и мудрост). Според митот за него тој им го дал огнот на луѓето бидејќи му било жал што живееле во мрак и студ. Тој го украл огнот од боговите и затоа Зевс се налутил и го казнил така што го приковал на врвот од планината Кавказ. Освен тоа, морал да трпи секојдневни ужасни болки затоа што птиците му го колвале дробот кој му се обновувал преку ноќ. Таквото измачување траело долго, се  додека не дошол Херкул и го спасил.
Пандора (симбол на преголема љубопитност). Пандора била првата жена која ја направил Хефест од земја и вода. Сите богови ја дарувале со по некоја своја особина. (Пандора значи – дарувана од сите). Таа добила една кутија која требала да ја чува и да не ја отвара. Но, љубопитната Пандора еден ден не можела да издржи и ја отворила кутијата. Од неа во вид на демони излегле сите зла кои оттогаш го мачат човештвото: разните грижи, илјадниците горчини, безбројните болести, кражби, лаги, јадови итн. Пандора брзо ја затворила кутијата, а од таму се слушнал уште еден нежен глас. Бидејќи немала веќе што да изгуби, иако и било страв, таа повторно ја отворила кутијата. Тоа била Надежта. Оттогаш таа е единствената утеха на човештвото.
Херкул; Херакле (симбол на физичката сила и бестрашност) – син на Зевс и Алкмена. Херкул уште како дете бил силен – ги задавил двете змии кои му ги пратила Хера да го убијат. Кога наполнил 18 години и кога станал најсилен и најубав маж, пасејќи ги овците му се појавиле две жени. Едната била Наслада и му ветувала лесен живот и уживање, а другата била Добродетел, која му понудила мачна работа и слава. Тој ја одбрал Добродетелта. Потоа направил еден подвиг по кој тебанскиот крал Креон му ја дал за жена својата убава ќерка Мегара. Таа му родила три прекрасни сина. Херкул живеел среќно во Теба се  додека Хера не му пратила ужасна болест во која херојот го загубил разумот и во напад на бес ги убил своите деца. Во длабока жал отишол во пророчиштето Делфи да го праша богот Аполон што да прави понатаму. Тој му наредил 12 години да му служи на брат му Евристиј и да направи 12 големи подвизи. Откако ги извршил подвизите тој станал бесмртен и повторно под закрила на Зевс.
Древнобалканската (старогрчката) митологија е богата со приказни за обични луѓе во кои секогаш има поука. Тие ликови станале симболи за некои човекови особини, а во современата литература многу често се споменуваат и употребуваат во таква смисла.