Црта (тире)(—)

Црта или тире (—) е интерпункциски и правописен знак. 

Цртата се разликува од цртичката, која е двојно помала и е само правописен знак.

Интерпункциски знак

Како интерпункциски знак, цртата се пишува пред почетокот или во средината на реченицата и од двете страни се остава белина (празен простор).

Црта се пишува:
  • при пренесување директен говор;

На пример: — Каде си тргнала? — праша Мирко.

                        — Никаде, — одговори Каролина.
  • во средина на реченица за да се одделат делови од текстот — реченици, зборовни состави или зборови, вметнати како објаснување или дополнување во состав на реченицата;

На пример:

Ги наполни гајбите со плодови — домати, краставици, тиквички и пиперки — и тргна кон пазарот.

  • пред збор, израз или цела реченица што сакаме посебно да ја истакнеме;
На пример: Тој научи за денес, ама — попусто, професорот не го праша.
  • пред прирокот што е оддалечен од подметот во реченицата;

На пример:

Најподготвениот ученик, што ги знаеше сите лекции и што ги применуваше своите знаења — не дојде на тестот.

  • пред делот од сложената реченица во којшто се испушта прирокот што е еднаш посочен;

На пример:

Ги однесе гостите секаде — па дури и дома.

  • во искази со именски прирок каде се испушта глаголот сум, обично во наслови;

На пример:

Големиот успех — дело на учениците

 

Правописен знак

Како правописен знак, цртата се пишува со и без белини од двете страни.

 

Со белини се пишува:

 

  • меѓу броевите наместо предлогот до или односот од — до;

На пример: Тие работат од 10 до 12 (или: 10 — 12) часот.

Ако првиот дел од односот е означен со од, тогаш не се пишува црта туку предлогот до.

  • кога се означува растојанието меѓу две места или правецот на движењето од едното до другото место;
На пример: Вечерва се случи сообраќајна несреќа на патниот правец Скопје — Велес.
  • кога се означува односот помеѓу или против меѓу два поима;

На пример: Натпреварот Вардар — Шкендија заврши нерешено.

  • да се означи опозиција или сооднос;

На пример: Антоними се: црно — бело, горе — долу, многу — малку, итн.

  • кога се набројуваат поими доколку стојат еден под друг;
  • во математиката наместо зборот минус;

На пример: 25 — 3 = 22

 

Без белина, споено, се пишува:
  • кога се поврзуваат две имиња тесно поврзани во еден поим;

На пример: Селимова—Желчевски е нашиот најпознат дует.

  • кога завршетокот на некој период се очекува во иднина, зад првиот број се пишува само црта;

На пример: (1995—)