Атрибут и апозиција (второстепени реченични членови)

Второстепени реченични членови се оние кои не доведуваат до промена на структурата на реченицата, ниту пак ја менуваат информацијата, туку нивното отсуство само ја осиромашува. Тоа се: атрибут и апозиција.
Атрибут
Атрибутот ја определува именката во реченицата од гледна точка на некоја особина. Атрибутот може да стои до било која именка (и до подметот и до предметот).
На пр.: Вредната Марија чита убава книга.
Како атрибут може да се јават придавките и именките со предлози, а врската што се воспоставува со именката до која стои е согласувачка или управувачка (на пр.: убава книга и книга со убава содржина).
1. Придавски атрибут
Разликуваме:
– обичен придавски атрибут е кога придавката ја употребуваме во нејзиното основно значење (убава книга);
– епитет е атрибут во кој придавката е употребена со метафорично значење (сребрена коса);
– развиен атрибут е кога придавката не се јавува сама туку со именка со предлог (книга извалкана со маснотија);
– изделен придавски атрибут е кога придавката може да ја поставиме на различни места во реченицата.
На пр.: Во училната влезе растревожен еден човек.
Растревожен, во училната влезе еден човек.
Еден човек, во училната влезе растревожен.
Во овие примери се гледа дека растревожен по форма се сложува и се однесува на именската група еден човек.
2. Именски атрибут
– на именката со некој предлог може да се додаде друга именка што ќе врши атрибутска функција (книга со скинати страници; книгата на мајка ми);
– две именки една до друга, без предлог (дедо Петко, професорката Емилија, група ученици, нацрт-план).
Апозиција
Апозицијата со други зборови го кажува и надополнува значењето на зборот на кој се однесува. Апозицијата секогаш се одвојува со запирки. Може да се јави покрај секој реченичен член, освен покрај прирокот.
На пр.:
Марија, најдобрата ученичка во нашиот клас, ја прочита лектирата. (апозиција на подметот  Марија –  најдобрата ученичка во нашиот клас);
Најдобрата ученичка во нашиот клас, Марија, ја прочита лектирата. (тука апозиција е Марија и исто така е на подметот);
И ја дадов книгата на Марија, најдобрата ученичка во нашиот клас. (апозиција е најдобрата ученичка во нашиот клас – и се однесува на предметот; кому? – на Марија).