Модалност на реченицата (расказни, извични, желбени, заповедни, прашални)

Со речениците се искажува ставот на говорителот. Тој може само да соопшти нешто, да праша, да изрази желба, потреба, наредба, и сите тие потоа да ги негира (потврдни и одречни). Модалност на реченицата  е видот на реченицата зависно од изразениот став.
Разликуваме:
  1. Расказни реченици – соопштуваат за нешто, за настани во минатото, сегашноста или иднината. Кај овие реченици, при пишувањето на крајот ставаме точка, а при говорењето започнуваме ниско, ја поткреваме интонацијата и потоа пак ја спуштаме.
На пр.: Утре ќе ја обработуваме лектирата.
  1. Извични реченици – се изразуваат чувства, душевни состојби (радост, страв, воодушевување).
На пр.: Утре ќе ја обработуваме лектирата! 
(Се радуваме што утре ќе ја обработуваме, бидејќи ни се допаднала или зашто не е денес).
  1. Желбени реченици – се изразува желбата на говорителот. Најчесто дејството не е извршено, па говорителот само го изразува својот став кон него.
На пр.: Утре сакам да ја обработуваме лектирата!
  1. Заповедни реченици – се изразува заинтересираноста на говорителот за вршење на дејството.
На пр.: Утре ќе ја обработуваме лектирата! 
(се искажува наредба – не другпат, не сега, туку токму утре).
  1. Прашални реченици – кога прашуваме нешто очекувајќи од соговорникот да знае – се изговара со специјална интонација која почнува ниско и се крева без спуштање.
На пр.: Утре ќе ја обработуваме лектирата? 
(кога не знаеме дали е утре или некој друг ден).

Разликуваме три вида прашања:
  1. Со интонацијата на реченицата или со прашални честици (дали, ли, зар, нели) каде очекуваме ДА – НЕ одговор;
На пр.: Утре ќе ја обработуваме лектирата?
Дали (зар) утре ќе ја обработуваме лектирата?
Утре ли ќе ја обработуваме лектирата?
Утре ќе ја обработуваме лектирата, нели?
  1. Со прашални заменски зборови (што, кој, кого, каде, како, колку), каде одговорот би бил потполн (цела реченица);
На пр.: Кој ја прочита лектирата?
  1. Со или – каде има избор од две нешта, или се донесува втора можност или се негира првата.
На пр.: Утре ќе ја обработуваме лектирата или задутре?
Утре ќе ја обработуваме лектирата или не?