Подмет

Подмет е втор главен реченичен член.
Основен член на реченицата е прирокот. Тој секогаш оди со подметот, односно во секоја проста реченица освен прирок има и подмет.
Подметот го означува вршителот на дејството. Тој не мора да биде изразен во реченицата, туку може да го откриеме во формата на глаголот или од контекстот.
На пример:
Пишувам домашна.
Со формата на глаголот, кој е во прво лице еднина сегашно време, изразено преку наставката -м, откриваме дека подметот е ЈАС.
Најлесно подметот го откриваме со прашањето: КОЈ?
Со подметот може да изразиме:
  • вршител на дејство

На пример: Марија чита.

  • предизвикувач на дејството

На пример: Бомбата ја разурна куќата.

  • носител на психофизичка особина

На пример: Марија почувствува страв.

  • носител на особина

На пример: Марија е убава.

  • место на вршење на дејството

На пример: Куќата се сруши.

Во функција на подмет се јавуваат:
  • именките (или цела именска група);

На пример: Марија донесе торта. Славеничката Марија донесе торта.

  • заменките;

На пример: Таа донесе торта.

  • придавките;

На пример: Славеничката донесе торта.

  • броевите (најчесто со заменки или именки);

На пример: Двајцата си отидоа пред мене.

  • безличната да-конструкцијата;

На пример: Да се работи не е тешко.

  • односната зависна реченица

На пример: Кој работи не му е тешко.

Scroll to Top