Антон Панов

Антон Панов (1905/6-1968)

Антон Панов (1905/6—1968) е роден во Стар Дојран.

Основното училиште го започнал во Дојран, а го завршил во Струмица, каде неговото семејство се преселило во текот на Првата светска војна, бидејќи нивната куќа била целосно разрушена.

Гимназија учел во Белград, но паралелно го посетувал Музичкото училиште, каде учел виолина и соло пеење. Кога го прекинал гимназиското школување работел како хорист во Белградската опера. Ноќе, по претставите се враќал пешки дома и се соочувал со животот на земјаците, печалбарски работници. Тој се заинтересирал за нивниот живот и така дошол до мотивот на „Печалбари“.

Во 1933 година Панов ќе ја предаде драмата на Народниот театар во Белград, но тие не биле заинтересирани и ја одбиле иако тамошниот режисер сакал да ја прифати. Кога режисерот ќе премине на работа во Скопскиот театар, ќе ја побара драмата. Премиерата се одржала на 3.3.1936 година. По театарската сезона, отишол во Петроварадин каде се оженил.

За време на Втората светска војна Панов работи во Софискиот театар како помошник-режисер и ќе се разочара зашто ќе сфати дека бил искористен за политички цели. Ќе се повлече во Дојран каде уште претходно направил воденица со идеја да прави мало стопанство.

По војната сметал дека треба да има водечки збор во тукушто оформениот Македонски народен театар, а кога во тоа не успеал, решил демонстративно да ја напушти Македонија. Отишол во Петроварадин, каде живеел до смртта на жена си во 1957 година. Се вратил во Скопје, каде по вторпат се оженил. 1967 година ќе ја добие наградата 11 Октомври — за животно дело, а следната година умира во Струмица, каде е и погребан.

 

Литературно творештво

Панов пишувал:

  • поезија: „Стихови“, „Роденденот на Серјожа Јегоркин“, „Беда во колибата“;
  • раскази: „Тинка“, „Чапа“, „Белуши“, „Орденот на Св.Сава од петти степен“ и
  • драми: „Пиликатник“, „Печалбари“, „Стега“, „Преродени“, „Градинар“. Сепак, најголем успех доживеал со драмата „Печалбари“.

 

Печалбари

 

„Печалбари“ е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот.

Битово — значи дека е опфатен начинот на живеење, обичаите на Македонците; а социјална, бидејќи е прикажан судирот меѓу богатите и сиромашните и печалбарството — како нужност да се спечали.

Темата во драмата е љубовта на двајца млади, поради која момчето е принудено да оди на печалба.

Во драмата се испреплетуваат неколку мотиви: печалбарството, мотивот на парите, мотивот на љубовта и на традицијата. Парите се сепак движечкиот мотив, тие се средство за живот, за богатење, за купување невеста, за уништување на семејството, за одење на печалба и смисла за живеење (на Јордан му се и срце и душа).

Прочитај ја содрината на драмата на следнава ВРСКА.

За ликовите во драмата прочитај повеќе на следнава ВРСКА.