Васил Иљоски

Васил Иљоски (1902-1995)

Васил Иљоски (1902-1995) е продолжувач на започнатата драмска и театарска традиција во Македонија и поврзувачка нитка со современата македонска драма. Тој творел цели педесет години придонесувајќи во развојот на драмското творештво.

Иљоски е роден во Крушево, една година пред Илинденското востание. По востанието, татко му отишол во Куманово да бара подобри услови за живот и работа. Десетина години подоцна целото семејство се преселило во Куманово. Таму го завршил основното училиште и гимназијата. Му помагал на татка си во неговата столарска работилница за да го продолжи неговиот занает. Но, тоа не се случило.

Се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, по ослободувањето бил директор на Првата гимназија, потоа работел во Народната библиотека и како професор по македонски јазик во Вишата педагошка школа.

Автор е на многу студии и публикации од областа на јазикот и литературата, поради што е еден од првите академици на МАНУ (Македонска академија на науки и уметности).

Попознати драми на Иљоски се: „По матурата“, „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“, „Биро за безработни“, „Чест“, „Два спрема еден“, „Кузман Капидан“, „Окрвавен камен“ и др.

Содржина на драмата „Чорбаџи Теодос“ може да прочитате на следнава ВРСКА.

А за ликовите во драмата ТУКА.


 

Прочитајте ги драмите од Васил Иљоски:

 

 

 Аудио запис на содржината на драмата „Чорбаџи Теодос“:

 

„Чорбаџи Теодос“ е комедија на интригата што ќе ја подметне итриот Арсо за да го исмее чорбаџијата. Инспирирана е од анегдотата за присилното кумство. Во неа има многу битово-социјални елементи.
Битови: патријархалните односи во семејството — покорноста на сопругата, синот и сите останати кон главата на семејството; избирањето на снаата од страна на родителите; обичаите на кумството — пиењето, јадењето, песните, орото; менталитетот на Ромите; озборувањата во чаршијата; итрината и ведрината на сиромашните и должниците итн.
Социјални: поделеноста на луѓето на богати и сиромашни.
Темата во драмата е забранетата љубов на двајца млади, а идејата е да се исмее надуениот чорбаџиски свет. Дејството се случува во Скопје, во турско време. Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено во четири етапи:
1. експозиција — семејната атмосфера и прикажување на доминантниот лик;
2. заплет — воведување на конфликтот меѓу Арсо и Теодос;
3. кулминација — подметнувањето на кумството;
4. расплет — ослободување од кумството и дозволата за женидба.