Македонска крвава свадба (раскажана)

Македонска крвава свадба (раскажана)

Војдан Чернодрински, Софија 1900 година:

„Што направив јас? – Ништо не напишав. Јас го препишав од се уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонците да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им се одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест – ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата. Успеав ли? Дали точно препишав? – не знам; за тоа нека се искажат г-дата критичари. Ако сум успеал, се радувам, ако пак не, сиот грев го фрлам на оние што можат поубаво да ја извршат оваа работа, која мене не ми беше по силите. Пред себе сум оправдан, зашто не мислев да бидам писател ниту мислам, ниту ќе мислам со тоа да го исплаќам долгот кон мојата поробена татковина. Г – дата критичари, читателите и гледачите, кога ќе ги имаат предвид горните околности, верувам дека ќе бидат снисходливи ќе се зафатат да напишат нешто за нашиот многустрадален живот и ќе ги раздвижат спокојните, лабави струни на македонскиот роб!“

Македонска крвава свадба (раскажана)

 

Аудио запис од текстот што следува

„Македонска крвава свадба“ за првпат е поставена на сцена 1900 година. Инспирација за пишување на драмата е вистински настан, прочитан во весник.

Според жанрот таа е битово-социјална трагедија. Темата во драмата е љубовта на двајца млади (Цвета и Спасе), која не може да се оствари заради самоволието на турските владетели (Осман-бег). Идејата, пак, е да се прикаже тешкиот живот на македонскиот народ во последните години на турското владеење.

Композициски драмата е градена класично, во пет дејствија со: експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет. Таа е драма на конфликтот (судирот).

Како битово-социјална, јасно е дека во драмата е прикажан начинот на живеење на Македонците и нивните обичаи. На нива се пеат жетварски и комитски песни, јазикот е народен испреплетен со народни поговорки, на свадбата ги имаме обичаите на земањето на невестата, исто така проследени со песна, потоа верувањето во сонови и нивното толкување. Во драмата е прикажан судирот меѓу доброто и злото, меѓу поробените и освојувачите, меѓу сиромашните и екслплоатирани селани и богатите паши и бегови кои се претерано самоволни.

Во експозицијата на драмата (прво дејствие) е прикажан тешкиот, кулучки живот на Македонците кои по цел ден работат на нива. Претставена е и љубовта меѓу жетварката Цвета и овчарот Спасе. Мирната работа и љубовната идила ја прекинува доаѓањето на Осман-бег, господарот на чифлигот, со своите вооружени слуги. Тие насила ја грабнуваат Цвета за харемот на Осман-бег.

Заплетот (второ дејствие) го следиме во домот на Цвета каде се наоѓаат старите баба Кузманица и дедо Кузман и стрината Митра со нејзините ситни деца. Во куќата доаѓа Турчин кој ја искористува положбата на господар и ги малтретира старците барајќи од нив вечера, а да го служи младата снаа.

Кулминацијата (трето дејствие) се случува во харемот на Осман-бег. Тој  ѝ ветува на Цвета убав и богат живот ако доброволно се потурчи и остане кај него. Но, таа револтирано го плеснува по образот, бранејќи ја својата чест. Потурчените Македонки, Крста и Петкана, ќе треба да ја убедат Цвета да попушти иако и тие самите не се уверени дека тоа е добро. По нивниот неуспех, Селим-оџа со билки ја замајува свеста на Цвета.

Под водство на Дуко, братот на Цвета и Спасе, како и другите роднини и блиски, групата се собира пред сарајот на Осман-бег и протестира за грабнувањето на девојката. Затоа што на тој начин не можат да ја вратат, тие случајот го пријавуваат кај битолските конзули. На нивно барање ја претресуваат куќата на Осман-бег, но тој девојката ја скрил.

Перипетијата (четврто десјтвие) е судскиот процес во Битола, во присуство на Цветините блиски и на странските дипломатски претставници. Цвета, под дејство на наркоза изјавува дека доброволно и од љубов избегала за Осман-бег. Но, во последен момент таа се освестува и ја кажува вистината. Неа ја ослободуваат да се врати дома со родителите, но Осман-бег не може да се помири со поразот и ваквото навредување на неговата суета.

Расплетот (петто дејствие) е свадбата на среќните младоженци проследена со сите обичаи.Тие се надеваат дека ќе се оствари нивниот сон да бидат заедно, но веселбата ја прекинува Осман-бег со неговата придружба. Тој повторна сака да ја грабне Цвета. Осман-бег најпрво го убива Дуко, а потоа настанува крвав хаос во кој Цвета успева да го убие Осман-бег, а Шефкија ја убива Цвета. Последните зборови во драмата се нејзини: „Умрев, ама Турчинка не станав!“

Ликови

Како драма на судирот, сите ликови во неа се претставени црно-бело, како претставници на едната или другата страна. Од една страна се сиромашните македонски селани кои кулучат на нивите од поробувавчите, но иако се поробени, се борат да ја зачуваат честа, името, верата, обичаите, самобитноста и гордоста, а на друга страна се поробувачите на чело со Осман-бег. Односно, сите македонски селани се претставени позитивно: како чесни, мирни, достојни, а Турците поробувачи, негативно, како: злосторници, насилници, убијци.

Цвета е млада убава девојка која е принудена да работи на нива поради сиромаштијата. Таа е вљубена во Спасе и сака да ја оствари таа љубов. Иако ѝ се нуди убав и богат живот, таа не сака да го погази своето достоинство и да се продаде. Непокорна е во своето решение, храбра во постапките кога му се спротивставува и му удира шлаканица на силникот, чесна и верна на својата љубов, но и на својот народ и вера. Кај неа расте одлучноста што на почетокот се јавува само како идеја, да го даде животот, но не и честа. На крајот, одбранувајќи ја својата слобода навистина го дава животот истрајувајќи на своето — Турчинка не станува!

Осман-бег е претставник на поробувачите, насликан целосно негативно. Тој е неприкосновен господар кој не прифаќа некој да му се спротивстави, па дури и поголемите од него (пресудата да ја ослободи Цвета). Тој смета дека е господар на сѐ — на нивите, ливадите, добитокот, па и на луѓето. Затоа тој ја грабнува Цвета, сметајќи дека треба целосно да му припаѓа, како што му припаѓаат и други македонски девојки во харемот. Тој со сите насилнички средства сака да го добие она што мисли дека е негово. Толку е суетен и осветољубив што оди повторно да ја грабне Цвета.

 

Дуко е претставник на помладата и понапредна генерација. Тој не сака да ги пее старите песни, туку новите — комитски. Неговото размислување дека сестра му треба сама да си го одбере момчето, а не родителите, е помодерно и нептријархално. Во себе носи нешто револуционерно, тој е со немирен дух и му се спротивставува на насилникот. Дуко ги поведува луѓето да ја бараат правдата за неговата сестра, па дури е подготвен со сила да врати на силата. Сака лично да влезе во сарајот на Осман-бег, да се пресмета со него, да ја ослободи сестра си и на тој начин да ја истера правдата. Неговата решителност, храброст и подготвеност веднаш да реагира, ќе резултира со смрт — Осман-бег прв ќе го убие него.

Спасе е сличен на Дуко, подготвен да ја одбрани неговата сакана. Ги мрази насилниците особено зашто се сеќава на смртта на татка си кој е убиен од турски силник. Иако во драмата Дуко е поизразито револуционерен, на крајот Спасе останува жив, го напушта селото и оди во планините за да им се придружи на комитите.