Албер Ками

„ Недоразбирање “ од Албер Ками

Албер Ками е претставник на современата литература, на егзистенцијализмот, и според правецот и времето во кое творел, нема голема врска со нашите драматурзи од времето меѓу двете светски војни. Но, инспирацијата за драмата „Недоразбирање“ е поврзувачката нитка. Имено, Албер Ками прочитал во весник за случката која со години го измачувала Р.Крле да ја напише „Парите се отепувачка“, и тој, на свој начин ја обработил истата тема. Додека Крле се трудел да ја задржи вистинитоста на приказната, да ја смести во автентичниот македонски амбиент прикажувајќи ги безбројните обичаи, за Ками приказната е само приказна, идеја да го смести нештото во свои рамки. Како автор на апсурдот, покрај „Странецот“ и „Недоразбирање“ ги носи истите елементи – безначајноста на егзистирањето, бесмислата на животот, изгубеноста на човекот во новото општество.

 

Содржина на драмата

Недоразбирање (драма во три чина)

Ликови:

Марта (сестрата)

Марија (сопругата)

Мајката

Јан (синот, братот на Марта и сопругот на Марија)

Старецот (служителот)
Дејството се случува во некое запустено, зафрлено место, во некоја крчма каде Мајката и ќерка ѝ Марта издаваат соби на случајните, ретки минувачи.(Подоцна се споменува дека националноста на Јан е Чех, но тоа воопшто не е важно).

Уште веднаш, дијалогот меѓу Мајката и Марта за новиот гостин провоцира сомневања кај читателот дека тие прават нешто нечесно:

 

МАРТА: Имашлив ли е?

МАЈКАТА: Не го згрижи цената.

МАРТА:  Ако е имашлив, уште поарно. Ама, исто така, тој треба да биде и сам.

МАЈКАТА: (изнемоштено) Сам и имашлив, да. И, тогаш повторно ќе треба да почнеме.

МАРТА: Ќе почнеме, навистина. Ама затоа, пак, ќе ни се исплати трудот.

 

Уште пократко, Ками успева да ни го долови ликот на Марта која никогаш не се смее, освен, како што вели самата – кога е сама во својата соба, која со своите груби црти и немладешко однесување е премногу сериозна и „тврда“. Многу брзо – уште во воведот тој ги искажува нејзините стремежи, нејзините идеали за животот, како и начинот на кој планира да ги исполни:

 

МАРТА: Ах, мајко! Кога ќе собереме многу пари и кога ќе ја напуштиме оваа бескрајна рамнина, кога ќе ја оставиме зад себе оваа крчма и овој врнежлив град, и кога ќе ја заборавиме оваа пуста земја, дента кога ќе бидеме најнакрај, пред морето за коешто толку мечтаам, во тој ден, ќе ме видиш како се смеам. Ама, за да се живее покрај море, требаат многу пари. Затоа, не треба да се плашиме од зборовите. Затоа, треба да се зафатиме со она што ќе дојде. Ако тој е доволно имашлив, мојата слобода ќе почне, можеби, со него.

 

Од зборовите на Марта се гледа дека таа се чувствува како во затвор, закована во пустелијата на својата душа и дека мечтае за ослободувањето, за ширината на морето, кога ќе се чувствува среќна. Всушност, несреќната Марта ја бара среќата преку парите, преку туѓата смрт, само за да избега од… себеси и својот корен, да избега далеку од сомневањата дали е таа доволно вредна за љубовта на мајка и.

Луѓето што доаѓаат во нивната крчма се жртви на нејзината рамнодушност кон животот – таа ги убива тешејќи се дека мирно и спокојно ги праќа во „другиот свет“, без болка, успивајќи ги, баш како што таа (и мајка ѝ) би сакале да си умрат. Туѓиот живот за Марта нема никаво значење, убиствата ги извршува без трошка грижа на совест, божем за нејзина „виша“ цел – среќата во нејзниот безначаен живот.

Мајката, пак, се чини, прави сѐ, само да и удоволи на ќерката – зашто само таа ѝ останала. Сопругот починал, синот одамна заминал без никаков абер.

И веќе на деветтата страница од драмата е дијалогот:

 

МАРТА: Мајко, ќе треба да го отепаме.

МАЈКАТА (потивко): Несомнено, ќе треба да го отепаме.

МАРТА: Некако чудно го велите тоа.

МАЈКАТА: Снемоштена сум, навистина, и во најмала рака би сакала овој да биде последен. Отепувањето страшно истоштува. Не ми е многу грижа дали ќе умрам покрај морето или среде нашава рамнина, меѓутоа, толку би сакала по ова заедно да си заминеме.

 

Дијалог во кој гледаме две сурови злосторнички, убијци, за кои очекуваме во наредните страници да се променат и очовечат, да ги здобијат нашите симпатии на било кој начин. Мајката тоа до некаде и го успева, но Марта, Марта е иста како Странецот – бесчувствителна, корава, речиси како некој вонземјанин што не може да ги разбере луѓето коишто чувствуваат. За неа нема симпатии, таа не сака ни да ги здобие, единствено што посакува е ослободување – широкото море, ослободување од потрагата на љубовта од мајка си; ослободување од стегите на убиствата кои не ѝ значат повеќе од обична дремка и одмор од секојдневието.

 

Во меѓувреме Јан (синот) разговара со својата сопруга Марија и ја убедува дека начинот кој го избрал да се појави пред своите најблиски е правилен. Бидејќи не го препознале веднаш, тој одлучува да остане во крчмата како туѓинец за да ги набљудува од страна. Навреден е што не го препознаваат и што наместо голем пречек на печалбарот тие му даваат пиво кое тој си го плаќа како и секој друг гостин. Марија не го поддржува во намерите и се сомнева дека сѐ ќе испадне како што треба. Таа не може да сфати како мајката не си го препознала синот, зашто мајките секогаш ги препознаваат своите синови. Таа го убедува дека треба да ги каже едноставните зборови „јас сум“ – да биде искрен, а не да игра непотребни игри.

 

ЈАН: Овде дојдов да ја донесам печалбата и, ако можам, среќата. Кога научив за смртта на татко ми, одеднаш разбрав дека сум одговорен за нив двете и, така, сега го правам она што треба. Ама претпоставувам дека не е толку лесно, како што обично се вели, дома да се вратиш; треба да помине време па од еден туѓинец да станеш син.

МАРИЈА: Тогаш, зошто не се јави дека се враќаш? Има случаи кога човек треба задолжително да постапи како другите луѓе. Кога сака да го препознаат треба да си го каже името, тоа барем е јасно. Инаку, завршува со тоа што сѐ се замешува, ако човек се претстави за некој што не е. Зошто да не те сметаат за туѓинец во куќата во која се претставуваш како туѓинец? Не, не, сево ова не е разумно.

 

Убава е постапката на Јан да се врати дома за долгот што го чувствува кон мајка си да го исполни, иако не го усреќува. Но, зошто мора да прави претстава – зошто сака да ги преиспитува? Дали се тие доволно добри да им го даде она што им го ветил – парите што ги спечалил – по кои тие го пратиле и го чекале цел живот, од кои одамна се откажале?

Иако Марија се труди да го разубеди во начинот кој го избрал со својата чиста и искрена љубов, тој е упорен и на крајот ја оттргнува од себеси праќајќи ја да преспие на друго место, а него да го остави сам во куќата на мајка си.

Во пансионот неговите генералии ги запишува Марта, но таа не го ни погледнува пасошот кој тој ѝ го подава со надеж дека ќе го види името и сѐ ќе се разјасни. Јан се обидува да разговара со неа, но таа не сака да го третира поинаку од сите останати гости и туѓинци – па не се впушта во разговор. Доаѓа и Мајката која ги препрочитува генералиите и која внесува емоции во разговорот, па дури, во еден момент го нарекува „синко“ – предупредувајќи го дека рацете сѐ уште ѝ се силни, речиси молејќи тој да сфати дека тука не го чека ништо добро.

 

МАЈКАТА: Зошто му зборував за моиве раце? Ако, сепак, ги погледаше можеби ќе го разбереше она што Марта му го кажа. Би разбрал и би си заминал. Ама, тој не разбира. Самиот си ја бара смртта. А, јас само би сакала да си замине за да можам, уште ноќва, да си легнам и да си заспијам. Остарев многу!

На крајот од првиот чин двете жени се соочуваат со моментот – или ќе се решат да го убијат туѓинецот ноќта или воопшто нема да го убиваат. Ги тревожи единствено тоа што и двете се поразлични од другпат кога биле сосема рамнодушни кон убиствата што ги извршувале, мајката снемоштена, а Марта раздразнета. Оваа ситуација за момент влева надеж кај читателот дека можеби сепак сѐ ќе заврши добро и дека тие сепак навреме ќе дознаат кој е тој.

 

И на почетокот од втроиот чин продолжува таа надеж поради двоумењето на Јан. Тој ги преиспитува зборовите на Марија, почнува да верува во нив и кога ќе реши да си замине – веќе ќе биде доцна. Старецот (слугата) му го носи отровниот чај кој го испива, и потоа целата процедура на убивањето си го добива својот вообичаен тек. Тие двете го носат во надојдената река и го фрлаат да се удави заедно со сите претходни туѓинци кои ги ограбувале за да ја купат „среќата“ на Марта.

 

Во третиот чин – сѐ е веќе завршено. Убиството е извршено, Старецот средува, Марта чувствува нова животна енергија, нов полет, речиси среќа, а мајката е уште повеќе снемоштена. Средувајќи, Старецот го наоѓа пасошот на туѓинецот и ѝ го подава на Марта. Таа тогаш за првпат го чита името и иако дознава што се случило – не реагира никако, сосема мирно и студено само ѝ го дава на Мајката за и таа да ја дознае вистината.

 

МАЈКАТА: (со безизразен глас) Ете, убаво знаев дека еден ден вака ќе се случи, оти тогаш и тоа ќе има крај.

МАРТА: (доаѓа до шанкот) Мајко!

МАЈКАТА: (со истиот глас од пред малку) Доволно е Марта, доста живеев. Поживеав повеќе од мојот син. Јас не го препознав и јас го отепав. Сега, можам да појдам да му се придружам на дното на реката каде што тревата веќе го покрива неговото лице.

МАРТА: Мајчице! Белки нема да ме оставите сега сама?

МАЈКАТА: Многу ми помагаше Марта, и жал ми е што ќе те оставам. Ако може ова уште нешто да значи, треба да кажам дека на свој начин ти беше добра девојка. Секогаш ме почитуваше, сѐ токму како што треба. Ама, сега, снемоштена сум и моево старо срце, коешто мислев дека се стаило, повторно го фати болката. Веќе не сум толку млада за да се справам со неа. Впрочем, кога една мајка веќе не е кадарна да си го препознае синот, тогаш нема што да бара на овој свет.

 

Марта се обидува да ја одврати мајката од намерата да умре, но во разговорот само ќе го дознае она што од секогаш се плашела – дека иако таа била добра ќерка, мајката повеќе го сакала синот кој бил отсутен. Синот, кој според Марта, имал среќен и исполнет живот, живот покрај морето (слободен), живот исполнет со љубов – и живот кој не е грев да заврши, зашто грев е нејзиниот – во кој не почувствувала ништо! Не можејќи да се бори против желбата на мајката, Марта ќе се помири:

 

МАРТА:  …Толку сум далеку од она што го милувам, и за мојата оддалеченост нема лек. Го мразам, го мразам зашто тој го постигна она што го сакаше! Јас, пак, како татковина го имам овој затворен и затемнет простор каде што небото е без хоризонт, за мојата глад ја имам овдешната кисела слива и ништо за мојата жед, освен крвта за да ја засити. Ете, тоа е цената што треба да се плати за нежноста на една мајка! Тогаш нека умре, бидејќи никогаш не сум била сакана! Повторно нека се затворат вратите околу мене!…

 

Единствената надеж за среќа Марта ја губи. Сѐ е мрачно, темно, кисело и горко во нејзиниот живот. Сѐ е затворено. Ни морето веќе нема да ѝ го пружи задоволството. Нема слобода за неа.

 

Во последната слика на драмата во куќата на Марта доаѓа Марија барајќи си го својот љубен сопруг. Марта ладнокрвно и ја кажува вистината дека ноќта го убиле и дека сега и мајката му се придружува во реката. Чувствителната и расплакана Марија предизвикува гадење кај Марта. За неа, сега сите сметки се расчистени, и пак таа е губитникот.

 

МАРТА: Да не преувеличуваме. Вие го загубивте мажот, јас ја загубив мајка ми. И покрај сѐ, ние сега сме раздолжени. Меѓутоа, вие загубивте само еднаш, откако се наживеавте со години и без тој да ве отфрли. Мене, пак, мајка ми ме отфрли. Сега, таа е мртва и јас сум губитник – по вторпат.

 

Толку се згадува од чувствата што ќе рече:

 

МАРТА: Не допирајте ме, веќе еднаш ви реков. При помислата дека една човечка рака би можела да ми ја пренесе својата топлина пред да умрам, при помислата дека што и да е што личи на човечката нежност би можело уште да ме следи, во моите слепоочници чувствувам дека удира сета жар на крвта.

 

Марија, пак, ја губи надежта дека ќе најде утеха кај единствената блиска на својот маж, ја губи надежта дека воопшто ќе може да најде утеха за загубата, па се свртува кон небото барајќи помош.

МАРИЈА (низ силен пискот): Оф, Господи, не можам да живеам во оваа пустина! Тебе ќе ти зборувам и ќе знам да ги најдам моите зборови. (Паѓа на коленици). Да, Тебе ти се предавам. Смилувај се, сврти се кон мене! Слушни ме, подај ми ја Твојата рака! Смилувај се, Господи, над оние што се сакаат и што се разделени!

(Се отвара вратата и се појавува стариот служител).

СТАРЕЦОТ: (со јасен и цврст глас) Ме повикавте?

МАРИЈА (свртувајќи се кон него): Ох! Не знам! Ама, помогнете ми, потребно ми е некој да ми помогне. Смилувајте се и прифатете да ми помогнете!

СТАРЕЦОТ (со истиот глас): Не!

 

Вака, сосема безнадежно завршува драмата, фрлајќи нѐ во една депресија, во соочување со самите себе. И со сознанитео дека никој не може да ни помогне, дека во болката секогаш сме сами и сами треба да ја преболиме. Или да издржиме, или да ѝ се препуштиме како што тоа го прави Мајката.

Апсурдот, толку препознатлив во творештвото на Ками, јасно го забележуваме и во драмата „Недоразбирање“. Апсурдно е непрепознавањето на синот, очекувањето на разврската на недоразбирањето, апсурден е животот на мајката – но носител на апсурдноста на современиот човек е секако Марта (ќерката). Трошка морал не останува во неа. Таа на почетокот се труди да биде добра ќерка, но во меѓувреме извршува безброј убиства за да си го оствари својот сон. Кога ќе го убие братот, таа продолжува да мечтае за својата слобода за идниот убав живот, оправдувајќи се дека тој веќе го проживеал своето. Дури кога ќе се убие мајката таа ја сфаќа целосната бесмисла и апсурдот на своето постоење. Затоа ѝ е дури смешна реакцијата на Марија и нејзината желба за одболување на болката и за продолжување на среќата. Зашто среќа – според Марта не постои!

 

За подобро сфаќање на драмата добро е да им обрнеме внимание на зборовите на Ками кој поради необичните критики и збунетоста на публиката почувствувал потреба да образложи некои нејзини аспекти:

 

„Недоразбирање“ е напишано во 1941 година во окупирана Франција. Тогаш живеев, против својата волја, во планинскиот дел од Централна Франција. Таа историска и географска ситуација беше доволна за да го објасни видот клаустрофобија од која тогаш страдав и која се одразува во таа драма. Точно е дека во неа тешко се дише. Ама сите во тоа време тешко дишевме. Тоа ни малку не влијае тегобноста на тој текст да ми пречи колку што ѝ пречеше и на публиката. За да му влеам храброст на читателот при пристап кон драмата, однапред ќе му предложам: 1) да ја прифати можноста дека пораката на драмата не е во целост негативна; 2) да го набљудува „Недоразбирање“ како обид да се создаде модерна трагедија.

Синот кој сака да го препознаат иако не го открил своето име и кого го убиваат неговата мајка и сестра, во чисто недоразбирање, тоа е содржината на оваа драма. Без сомнение, тоа е мошне песимистична визија на човечката судбина. Ама таа може да се определи со определен оптимизам, барем кога станува збор за човекот. Бидејќи, впрочем, сѐ ќе беше поинаку ако синот речеше: „Тоа сум јас, еве го моето име“. Тоа ќе значеше во еден неправичен и рамнодушен свет, човек може да се спаси себеси и другите, ако прибегне кон најпростата искреност и кон вистинскиот збор. Јазикот, исто така, ги збуни гледачите. Знаев дека ќе биде така. Да ги облечев своите ликови во пеплум, можеби сите ќе плескаа. Напротив, намерата ми беше моите современи ликови да проговорат со јазикот на трагедијата. Да ја кажеме вистината, ништо не е потешко од тоа, бидејќи треба да се изнајде јазик доволно природен за да можат современите луѓе да го говорат, и доволно необичен за да може во него да се почувствува трагичниот тон. За да се доближам до тој идеал, се обидов да ја искористам постапката на оддалечување кога станува збор за карактерите и на двосмисленоста кога станува збор за дијалозите. Кај гледачот требаше во исто време да поттикне чувство на близост и на отуѓеност, во гледачот и читателот. Меѓутоа, не сум сигурен дека ја постигнав вистинската мера.

Што се однесува за ликот на стариот слуга, тој не е задолжително симбол на судбината. Кога еден лик кој ја преживеал драмата го повикува Бога, тој е оној што се одѕива. Ама и тоа е, можеби, само уште едно недоразбирање повеќе. Ако тој ѝ вели „не“ на онаа која го моли за помош, тоа само значи дека тој нема намера да ѝ помогне и дека по определена граница на страдањето и неправдата никој повеќе не може никому да му помогне ниту страдањето може да се подели.

Не верувам, впрочем, дека овие објаснувања ќе имаат некаква полза. И понатаму мислам дека „Недоразбирање“ е лесно разбирливо дело под услов да се прифати неговиот јазик и да се поверува во длабоката ангажираност на писателот. Бидејќи театарот не е игра, во тоа сум уверен.“

 

 

Напишано од Билјана Богданоска

Користена литература:
„Недоразбирање“ од Албер Ками
„Модерната трагедија на Албер Ками“ од Јадранка Владова