Шарл Бодлер „Албатрос“

За животот на Шарл Бодлер

Шарл Бодлер (1821-1867)

Шарл Бодлер (1821-1867) е претходник на симболизмот и со него започнува модерната литература. Роден е во Париз, 1821 година. Рано останува без татко, кого мајката брзо го заборавила и се омажила за друг. Очувот бил од вишите аристократски кругови и добро го прифатил Шарл, но тој се чувствувал гневно и навредено, па постојано ќе ѝ префрла на мајка си. Студирал правни науки, но повеќе ќе му се оддаде на боемскиот живот отколку на учењето.Тој целосно ќе му се предаде на чувството на осаменост и потиштеност. Мајка му сакајќи да го излекува го праќа на пат во Индија. Тој не стигнува до таму, туку се враќа во Париз, каде го продолжува својот несреќен живот.

            Во неговата поезија се ќе стане подредено на неговите бизарни (настрани, чудни) чувства, за тоа време дури страшни, што ќе биде причина неговата поезија да биде окарактеризирана како општествен престап“. Стихозбирката Цвеќиња на злото“ наидува на остра осуда од законот и Бодлер ќе биде изведен пред суд и ќе плати 300 франци казна за повреда на јавниот морал“.
            За време на животот бил признат само од неколкумина свои истомисленици, но денес, неговата збирка Цвеќиња на злото“ се смета за едно од најзначајните лирски дела на XIX век.

Цвеќиња на злото

            Стихозбирката Цвеќиња на злото“ е животното дело на Шарл Бодлер кое тој го работел повеќе од 25 години. Тој, всушност постојано ја надополнувал збирката.
            Бодлер поаѓа од ставот дека на поетот му е судено проклетството да се судри со светот. За него, уметноста е пресоздавање на стварноста во симболички значења. Тој се обидува да изнајде поетски јазик со кој ќе го искаже неискажливото во светот, односно заднинското таинство на врските меѓу нештата. Тој се обидува да достигне на некое друго ниво на свеста, симболичко ниво каде ќе ги открие тајните врски меѓу појавите и предметите. Всушност, начелото на симболизмот е постапка според која нештата се доведуваат во врска. Духовноста на човекот има најважна улога.

            Песните се поделени во тематски циклуси: Сплин и идеал“, Париски слики“, Вино“, Цвеќињата на злото“, Побуна“, Смрт“ итн.

            Поимот сплин означува меланхолија и чувство на здодевност, многу модерен во негово време. Тоа всушност ја означува потонатоста на човекот во светот на материјалното.

            Бодлеровиот сплин ја означува здодевноста, чмаењето и маката на живеењето, но и некоја магличава присутност во која се губи духовната јасност на погледот.

            Твојот отров ќе ни биде за срцето лекот.
            Да се нурнеме, зашто не гори пламен овој,
            До Непознатото — било Небо или Пекол —
            За таму да го најдеме чудесното ново!

            (Патување“)

            Бегајќи од сплинот на животот тој е во потрага по непознатото — чудесно ново. За него не е важно каде ќе го најде, од каде ќе дојде (од рај или пекол) — важно е да дојде до неа — до убавината.

            Убавино, — ѕверу голем, чудовишен, гнасен,
            од небо, од пекол — сеедно од каде идеш —
            ми го отвораш со очите, со својот насмев,
            Бескрајот мој сакан, бескрајот никогаш виден.

            (Химна за убавината“)

Албатрос

Луѓе од бродот, често, за забава ги ловат
албатросите, птици што в морска шир се сами,
и што со големи крила рамнодушно пловат
над лаѓата што се лизга над горчливи јами.

Но кога ќе се најдат врз палубните штици
тие кралеви на ширта, до пред малку сјајни,
ќе станат одеднаш смешни и несмасни птици,
а крилата бели жално ќе се влечат крај нив.

Тој крилат патник сега колку станал беден!
Тој, некогаш толку убав, колку е грд вака!
Со своето луле клунот му го дразни еден,
куцајќи, друг летачот го подражава сакат!

Како принц на облаците поетот се крева,
се подбива со стрелецот и низ луња броди,
но штом е спуштен на земја, среде џган и врева,
неговите крила на џин му пречат да оди.

 Песната Албатрос“ претставува симболична слика на величината и падот.
Преку судбината на албатросот, таа прекрасна, слободна и горда птица, уловена од морнарите на кои им служи за шега и разонода, е претставена величината, но и трагедијата на поетите.
Гордиот албатрос — владетелот на морињата и небесната шир, фатен и спрострен на бродската палуба, станува смешен и жален. Морнарите се изживуваат со него, го малтретираат со своето луле клунот му го дразнат“, му се смеат и го имитираат неговото жално прпелкање.
Симболичната слика за албатросот во последната строфа преминува во реална. Албатросот всушност е поетот – принц на облаците“. Но, поетовата возвишеност и вистинска вредност не е сфатена од обичните луѓе. Со огорченост поетот ја завршува својата исповед — неговата позиција во светот каде што не го разбираат. Меѓу џганот, тој се чувствува како албатрос со огромни крилја кому не му даваат да лета.
Со своите песни во проза, Сплинот на Париз“ тој воведува нова форма во литературата. Со ова, а и со неговите тематско-идејни новитети, со симболиката и со сплинот не е само значаен за развиток на францускиот симболизам, туку е претходник на надреализмот и воопшто на модерната литература.
Напишано од: Билјана БогданоскаКористена литература:
„Цвеќиња на злото“ од Шарл Бодлер
„Македонски јазик и литература“ за III година за реформирано гимназиско образование; Стојка Бојковска, Лилјана Минова – Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски, Гане Тодоровски, Наташа Аврамовска.