Силјан Штркот (раскажана)

Семејството е најважната клетка на македонското општество, така било и така е сè уште. Вредноста и моралноста на еден човек кај нас се огледа според тоа, како тој се однесува кон родителите, кон главата на семејството, кон своите деца, кон домаќинлукот. Осудата и казната на лошиот однос на децата кон родителите е прикажана и во нашата најдолга народна приказна „Силјан Штркот“.  Во неа, на неколку места е потенцирано дека клетвата од родител е најстрашна и секогаш фаќа. Зашто, родителот ретко колне, ама кога колне, таа клетва сигурно е заслужена.

Дејството на приказната започнува во селото Мало Коњари, во типично македонско село, кај типично македонско семејство. Него го сочинуваат таткото Божин, мајката Стојна, синот Силјан и ќерката Босилка. Синот, единствено машко чедо во фамилијата, го оженуваат уште на 16 години со Неда, а на 17 му се раѓа синот Велко. Родителите го разгалуваат Силјана толку многу, што му дозволуваат да не работи ништо и постојано да оди во Прилеп божем на пазар, а всушност во меана. Таткото не е среќен што неговиот син недомаќински се однесува, па често, со убаво, се обидува да му укаже на грешките. Му ја раскажува приказната за врапчињата Сиве и Чуле, кои всушност биле луѓе, односно брат и сестра, ама кои не ги слушале своите родители и биле многу разгалени. Затоа мајката ги проколнала велејќи им: „ Синко Сиве, и ти, ќерко Чуле! Пилци да се сторите и од куќава наша да летнете, в поле да појдете, по трњето да стоите и еден со друг да се барате, та никогаш да не можете да се најдете. Така, да се спасиме од вас и од макиве што ни ги правите!“Всушност, во приказната, лошиот син Силјан на некој начин е проколнат од родителите за да може да се врати на вистинскиот пат, да се преиспита и да се пронајде.

Но, Силјан, воопшто не слушал и едвај чекал да отиде што подалеку од дома. Татковите приказни му биле здодевни, поуките уште повеќе, а да послуша не му паѓало на памет. Затоа, повторно си отишол во Прилеп, каде меанџијата ја нашол вистинаката работа за него – да го придружува духовникот по сите околни села (односно, да шета и ништо да не работи). Така, Силјан, цела година ја поминал шетајќи и не помислувајќи на дома и на своето семејство, а кога духовникот се упатил кон Божјиот гроб и Силјан се уште не сакајќи да се врати дома, го замолил да оди со него. Тогаш, „неопаметен“ и по една година неприбирање дома – го снаоѓа несреќата, односно се исполнува родителската клетва. Гемијата со која патувале ја зафаќа бура и за среќа, само Силјан останува жив. Но, среќата не е целосна, бидејќи тој се нашол во некоја чудна земја, со чудни луѓе со долги носови и нозе, земја од која освен со летање не можело да се замине. Луѓето што живееле таму, го дочекале Силјана како драг гостин, го познавале убаво и него и целото негово семејство и му ја раскажале нивната судбина да бидат проколнати. Тука, повторно се потенцира проклетството – како казна за непослушност. Тие, уште многу одамна, заради лошиот однос на нивните деца биле проколнати од некој старец да го изгубат целиот пород и никогаш да не може да имаат деца. Подоцна, казната им е намелана така што можеле единствено да се престорат во штркови и во далечна земја – во Прилепско Поле имаат пород. Заради тоа, тие секоја пролет летале и доаѓале во родниот крај на Силјан и затоа ги познавале сите тамошни луѓе.

Hемајќи друг избор, Силјан цела година ја поминува во чудната земја, работејќи на нива, помагајќи им на домаќините и чекајќи да дојде времето за летање. Таму, тој станува сосема друг човек, работлив, совесен, што им било чудно дури и на луѓето-штркови. Поминала годината, луѓето со штрковата вода се направиле штркови, заедно со нив и Силјан, но тој на вратот си врзал едно шишенце со човечка вода, за да може да стане човек кога ќе дојдат во Прилепско Поле. По долгото летање, кога пристигнале кај Плетвар, Силјан премногу се израдувал што ги здогледал Марковите Кули и манастирот Трескавец, па од невнимание и брзање што поскоро да стане човек, лошо слетал на камењата и го искршил шишенцето.

Hе била доволна казната од цела година работење во чудната земја, ниту покајувањето што го чувствувал – тој морал сега уште цела година да чека, а што е уште пострашно и да ги гледа блиските и да не може да им се јави, ниту да им се приближи. Си направил гнездо на својата куќа и секојдневно ги гледал родителите, сопругата, синчето, сестра си. Го фаќало мака, го болело што не може да ги допре и да си поразговара со нив, па неколкупати опасно им се приближувал. Еднаш, отишол до телето и го галел со клунот, а син му Велко, за да го избрка, го удрел со стапче, потоа, додека татко му орал на нива тој си ги клукал црвчињата во ораното, но бидејќи Велко постојано гледал во штркот таткото со прачка му ја скршил ногата. Во куќата, кучката не го препознавала и го лаела, па и опашката му ја скубнала. Еднаш, и го зел ланчето што го нижела сестра му кога таа влегла во куќата, а другпат клопчето и игла од жена му што везела црна кошула за вдовица. Како штрк, Силјан морал да ја гледа и свадбата на сестра си, бидејќи тие веќе не можеле да го чекаат тој да се врати. Семејството си го живеело својот живот и без него.

И следната година во земјата на штрковите Силјан постојано работел, сосема се изменил, станал сериозен и вреден и едвај чекал да дојде времето за одење дома. Овојпат човечката вода ја ставил во црепче и одлучил многу да внимава и да не брза. Пред пристигнување, настанува голема борба на штрковите со орлите, но за среќа Силјан добро поминува и конечно се посипува со водичката и станува повторно човек.

Дома го пречекуваат со радост, но и недоверба. Познавајќи го стариот Силјан сите мислат дека ја измислува приказната за штрковите, но тој им ги раскажал сите работи што се случиле во куќата изминатото лето и на крај им ги покажува ланчето и клопчето како доказ. Дури тогаш му поверувале.

А за и ние да поверуваме во вистинитоста на приказната (или барем во вистинитоста на поуката) таа завршува со зборовите: „Ете вака, синко Марко, се сторило со Силјана од Мало Коњари; знам оти тебе ти е ко лага; арно ама мене ми е навистина, оти од татка ми е прикажана оваа приказна“, вака ми рече татко ми кога ми ја прикажа со прво.

 

За Силјан

 

Силјан е одметнатиот, непрокопсаниот, непослушниот син – тој е младата генерација која ја отфрла традицијата, не ги почитува корените, тој е младичот кој сака да избега од својата земја, некаде во странство – далеку од тука.

Лековерно, без грижа на совест – Силјан тоа го прави, си заминува од дома. Но, не е случајно што тој заминува со свештеник (духовникот) и се упатува кон Света Гора (Божји гроб). Очигледно е дека нему му треба некакво духовно прочистување и препородување. На патот се соочува со смртта. Коработ потонува, сите умираат. Но, за Силјан има уште една шанса, само тој останува жив. Како од матка – тој излегува на суво, соочен со нов свет!!! И во тој нов свет среќава два извора (двете мајчини дојки), кои ќе му ја пружат новата шанса – изворите со човечка и штркова вода (или истото: за да се „очовечи“ мора да го пројде препородот на штркот).

Чудната земја на штрковите, всушност е душата на Силјан, неговото преиспитување, неговото преобразување. Свесен е колку бил лош кон татка си, колку бил со слаб морал – и подготвен е да се жртвува за да ги искупи гревовите. Се престорува во штрк, станува птица (погледнува од повисоко) само за да се врати дома. Но, сфаќањето дека грешел не е доволно – тој мора уште еднаш сè да доживее. Штркот-самотник, Силјан, мора од блиску, а всушност од многу далеку да си погледне во своите корени, во својата традиција. Тие се најтрагичните носталгични моменти во приказната – тој ужасно страда по домот, по семејството, по татковината – како што од далеку ни страдаат печалбарите – и дури во тие моменти сфаќаат што напуштиле, сфаќаат кои се – и каде е нивното место.

На крајот, целосно оформен, „очовечен“, зрел, осознаен – тој се враќа дома!

(Во борбата, пак, меѓу штрковите и орлите, Цепенков многу јасно ја претставил борбата на христијанството со исламот, популарна тогаш (за време на турското владеење), но популарна и сега. Штркот го симболизира христијанството, а орелот исламот.)

Користена литература:
„Силјан Штркот“ од Марко Цепенков

Scroll to Top