Венко Марковски (1915 - 1988)

Венко Марковски

Венко Марковски (1915-1988)

Велјан (Венијамин) Миланов Тошев, познат како Венко Марковски е роден во Скопје 1915 година, во сиромашно, скромно семејство. Татко му, Милан, бил курир во општината, а мајка му, Љубица, продавала ситници на тезга. Освен Венко, тие имале уште три ќерки.

Основно училиште завршил во Скопје, а образованието го продолжил во скопската машка гимназија, каде 1931 година, заедно со неколку свои соученици го формираат Литературниот кружок. Таму се воделе дискусии за создавање на македонскиот литературен јазик, како и за подобро запознавање со македонската историја, традиција и фолклор. Овој кружок, по приемот во Комунистичката партија прераснува во илегална организација Македонска ослободителна револуционерна организација (МОРО), подоцна преименувана во Македонска младинска револуционерна организација (ММРО). Пред матурирањето, организацијата ќе биде разбиена, а нејзините членови затворени. Венко поминал 31 ден во затвор, а потоа бил отстранет од училиштето и не му било дозволено да полага матура. Се обидувал да го заврши своето образование и низ другите градови во Србија, но не успеал и бил прогонуван. Тогаш, ќе избега во Софија, Бугарија, каде го примаат на Филолошкиот факултет, Словенска филологија, без положена матура, па дури му даваат и стипендија. Но, откако ќе ги објави своите првонапишани песни на македонски јазик во 1938 година во збирките „Народни бигори“ и „Огинот“, стипендијата му ја укинуваат.

Во Софија, Венко Марковски ќе се приклучи во Македонскиот литературен кружок во кој членувале: Никола Јонков Вапцаров, Ангел Жаров, Кирил Николов, Ѓорѓи Абаџиев, Митко Зафировски, Стефан Нанов, Коле Неделковски и Димитар Митрев. Тогаш, тој веќе бил афирмиран, со своите две збирки песни кои имале многу позитивен одглас кај критиката која го сметала за напреден млад човек кој пишува на македонски јазик. Потоа ја пишува поемата „Бие дванаесе“ за која ќе биде затворен во концентрационен логор, а таму ќе ја напише поемата „Орлицата“ која ќе стане химна на Бугарската комунистичка партија.
Истата, 1938 година се оженил со Филимена, а прв сведок им бил Коле Неделковски.Во логорот се разболел од туберкулоза, но со помош на Тодор Павлов, кој бил негов пријател и прв возвишувач на неговите песни, бил успешно лекуван со санаториумот „Искрец“. Таму му било предложено да бега, но тој сакал да замине во Македонија, па затоа ќе избега дури 1943 година. Тогаш, по покана од Кузман Јосифовски – Питу, заедно со Методија Андонов – Ченто, во придружба на Кемал Сејфула, преку Охрид, заедно со семејството (сопругата Фила и синот Миле), ќе пристигне на слободна територија, во селото Врбјани каде тогаш се наоѓал Глевниот штаб на ЦК КПМ. Наскоро тој станал член на Главниот штаб. Пред крајот на 1943 бил создаден Иницијативен одбор за свикување на заседание на АСНОМ, каде претседател бил Ченто, секретар Страхил Гигов, а членови: Михајло Апостолски, Цветко Узуновски, Борко Темелковски и Венко Марковски.На 2. август 1944 година Венко Марковски бил избран за народен претставник од АСНОМ за пратеник во АВНОЈ и предложен за член на президиумот на АВНОЈ.

 

создавање на македонската азбука

 

По ослободувањето работел во сите три комисии за кодификација на македонскиот јазик. Бил противник на прифаќањето и примената на Вуковата азбука за македонскиот јазик. Ја предложил употребата на буквата Ѕ и бил застапник за употребата на  ъ (големиот ер).
Оттогаш започнува неговиот судир со власта. Подоцна, ќе биде исклучен од партијата заради „предавање партиски тајни“, односно зашто зборувал дека Македонија се србизира, а за време на Информбирото, 1948 година, поддржувајќи ја политиката на Сталин, бил затворен, а неговото семејство интернирано во Кичево. Две години поминал во домашен притвор, а 1956 година е осуден 5 години робија на Голи Оток заради пишување и дистрибуирање на памфлетот со поемата „Сувремени парадокси“ каде ја критикува власта. За жал, и во Друштвото на писателите, неговите пријатели, го осудуваат и никој не застанува на негова страна. По враќањето од робија, животот во Македонија му станува неподнослив. Од еден од најголемите поети на своето време тој станува непочитуван, необјавуван, отстранет од општеството, прогласен за граѓанин од втор ред. Згора на тоа, бил принуден во весникот Нова Македонија да даде изјава во која се оцрнува себеси, а како награда му објавуваат збирка песни „Стихови“, а драмата „Гоце“ се поставува на сцената во Македонскиот народен театар.

Hо, односот кон него не се сменил, тој во Македонија, односно СФРЈ бил непожелен и 1965 година, практично е екстерниран во Бугарија. Првите две години, до 1967 тој продолжува да пишува на македонски, но оттогаш неговото творештво е на бугарски јазик. Тогаш, повторно политички искористен, но сега од другата страна, го прогласуваат за поет број еден во Бугарија, добива разни признанија и привилегии, го именуваат за академик на Бугарската академија на науките, неколкупати е народен пратеник и добитник на највисоката награда за литература „Ѓорѓи Димитров“, прогласен за херој на Бугарија и јунак на социјалистичкиот труд.Умира во Софија, 1988 година.Четириестина години, од политички причини, е избришан од македонската (литературна) сцена.

Литературно творештво

Со своите две збирки песни „Народни бигори“ и „Огинот“ напишани на македонски јазик, а издадени во Софија 1938 година, Венко Марковски е еден од основоположниците на македонската современа поезија. Познавајќи ја одлично македонската народна песна, собирајќи ја и анализирајќи ја, таа силно повлијаела врз неговите творечки почетоци. Во двете збирки, песните се во духот на народните, претежно љубовни песни, но и социјални, и револуционерни.

Освен нив, на македонски јазик ги напишал делата:
„Илинден“, „Луња“, „Елегии“, „Гоце“, „Чудна е Македонија“, „Гламји“, „Робии“, „Климе“, „Над пламнати бездни“, „Сказна за резбарот“;

а на бугарски: „Орлицата“, „Вистината е жестока“, „Легенда за Гоце“, „Крвта вода не станува“, „Преданија заветни“, сонетните венци: „Бунтовни воштеници“, „Вековни врвулици“, и „Судбовни маченици“; „Голи Оток – островот на смртта“.

 

 

Избор песни од збирката „Народни бигори“

Напишано од Билјана Богданоска

Користена литература:
„Венко Марковски“ од Анка Арнаудова
„Народни бигори“ од Венко Марковски
Википедија