Писмена работа (насоки и критериуми за оценување)

Писмена работа по македонски јазик е ЕСЕЈ кој секој ученик го пишува на часот, а претходно се подготвува за посочената област. Учениците имаат насоки кои теми ќе бидат опфатени, но не им се дава конкретната тема.
Така, на пример, по обработката на темата од македонската литература меѓу двете светски војни, писмената работа ќе ги опфати драмите на Васил Иљоски, Антон Панов и Ристо Крле; односно, социјалните, љубовните, битовите мотиви или мотивот на парите – опфатени во еден текст.
Поради конкретниот начин, односно критериумите за оценување во матурскиот тест, професорите по македонски јазик сè повеќе се решаваат да оценуваат исто така за да им биде полесно на учениците на крајот – кога ќе полагаат матура.
Бодирањето на есејот во матурскиот тест секоја година претрпува мали промени, па затоа не е важно ако не се поклопуваат 1 или 2 поена. Важно е учениците да сфатат што се бара од нив и што сè се оценува во задачата.
Критериумите за оценување писмена работа (договор на нашиот актив по македонски јазик) се следните:
А: јазикот (4 поена)
1 поен: правопис.
Правописот е еден од важните елементи при оценувањето. Кога текстот има многу правописни грешки тој губи во својата убавина. Тоа се: употреба на голема буква, правилно пишување и употреба на: ј, ќ, ѓ, љ, ѕ итн., слеано и разделено пишување на зборовите, удвојување на гласовите, префрлување на зборовите од еден ред во друг итн.
1 поен: интерпункција.
Правилна употреба на знаците за интерпункција. (. , – „ “)
Ако во текстот има над три грешки од интерпункција, се одзема еден поен.
1 поен: синтакса.
Правилно и убаво составена реченица. Речениците не смеат да бидат бесмислени, ниту испревртени.
1 поен: лексика.
Зборовите треба да бидат соодветно употребени и на нивото кое одговара за возраста. 
Б: композиција на текстот (3 поена)
1 поен : точен број зборови.
Текстот треба да содржи онолку зборови (да биде долг) колку што се бара. Не смее да биде ниту прекус ниту предолг.
Во прва година од 200 до 250 збора; во втора од 250 до 300, а во трета и четврта од 300 до 350 збора.
Еден поен се одзема ако текстот отстапува до 30 збора (помалку или повеќе), а не се прегледува (односно добива слаба оцена) ако ја надмине дозволената граница.
На пример: ако во прва година текстот има помалку од 170 и повеќе од 280 збора, без разлика колку е убав, не се оценува – добива слаба оценка (1). 
1 поен: визуелно јасно издвојување на воведниот, главниот и завршниот дел.
Ако во текстот не постои нов ред (дел кој ќе започне со вовлечено пишување од „два прста“) значи дека визуелното издвојување не е постигнато.
1 поен: употреба на сврзувачки реченици.
Секој дел мора да биде смисловно поврзан со наредниот. Текстот е целина и затоа мора да бидат поврзани неговите делови. На пример: не може воведот да заврши и да нема никаква врска со делот што следува, односно со разработката на темата.
В: содржина на текстот (5 поена)
1 поен : содржина на воведот.
Ако текстот нема вовед, не е соодветен или е нејасен, конфузен, се одзема еден поен.
3 поена: содржина на разработката.
 Соодветно разработена тема. Главниот дел мора да содржи тези, аргументи и одбрана на истите. Тие не смеат постојано да се повторуваат.
Ако темата е целосно промашена или е пишувано на тема која не е зададена, текстот се оценува со слаба оценка (1).
1поен: содржина на завршниот дел.
Ако текстот нема завршен дел, не е соодветен или е нејасен, конфузен, се одзема еден поен.
0-4 поена (1);             5-6 (2);            7-8 (3);            9-10 (4);          11-12 (5)
Напишано од Билјана Богданоска