Македонската литература по Втората светска војна

Карактеристики на македонската литература по Втората светска војна

 

Македонската литература има свој специфичен развој поради петвековното османлиско владеење, Балканските војни, Светските војни, аспирациите на соседите и наметнувањето на нивниот јазик, немањето свој литературен јазик. Но, по Втората светска војна условите сосема се менуваат. Македонија добива своја држава, свој литературен јазик, своја самостојност. Така литературата доживува еруптивен развој и надокнадување на сето она што е пропуштено во минатото.

  1. Македонската литература има тенденција жанровски да се надополни, односно да се комплетира во оние видови и родови што недостасуваат во нејзиниот нерегуларен развиток. Ова особено важи за романот. Оттогаш до денес има бурен развиток на романот кој стана жанровски приоритет на македонската современа литература.
  2.  Македонската литература доживува забрзан развиток — го надоместува испуштеното, односно во краток временски интервал обединува разни правци, етапи, стилски формации низ кои не се развивала — романтизам, реализам, модерна литература.
  3. Интензивирање на преводната литература. Делата на големите писатели интензивно се преведувале на новиот македонски литературен јазик, што значело збогатување на можностите за читање на светската литература како и дефинитивна проверка и промоција на јазикот.

Фази во повоената македонска литература

Во повоената македонска литература разликуваме неколку фази.

Првата фаза го опфаќа периодот веднаш по Втората светска војна (1944-1950). Оваа фаза се карактеризира со литературно творештво (поезија) задоена со идеите на комунизмот, обновата на земјата, развојот на работничката класа итн. Претставници на оваа фаза се: Ацо Шопов, Славко Јаневски и Блаже Конески – нивните поетски почетоци каде доминира патриотската лирика.

Втората фаза е фаза на интимната лирика – свртувањето кон себеси, кон субјективното, интимното. Истите поети всушност влегуваат во оваа фаза која трае кратко зашто тие сфаќаат дека поезијата сепак треба да биде нешто повеќе од приватна исповед.

Третата и четвртата фаза претставуваат свртување кон објективното, колективното и кон традицијата. Претставници се: Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски и Влада Урошевиќ.

Прозното творештво, пак, си има свој развоен пат, иако по војната и македонскиот расказ, како и поезијата бил во служба на градење на новото социјалистичко општество. Првата збирка раскази ја отпечатува Јован Бошковски „Растрел“ 1947 година. Првиот роман „Село зад седумте јасени“ 1952 година, Славко Јаневски. Покрај нив, во првата генерација раскажувачи се вбројуваат: Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев, Владо Малески, Коле Чашуле и Јордан Леов.

Драмата и пред војната си има свој подем со Васил Иљоски, Антон Панов и Ристо Крле, кои творат и по војната, а потоа се јавуваат и: Коле Чашуле, Томе Арсовски, па Георги Сталев, Бранко Пендовски и Горан Стефановски.