Избор песни од Гане Тодоровски

Гане Тодоровски на специфичен начин, на сосема свој јазик ја создава својата поезија. Дел од неа е урбана, современа, каде ја искажува својата загриженост за човековото секојдневие во светот во кој живееме.
Во продолжение се дадени избор од три песни на Гане Тодоровски: „Нашинска“; „Фуснота без повод“ и „Нерези“

НАШИНСКА

Да ни е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –

Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –

Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –

Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат

Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!

Силната љубов кон татковината блика од секоја патриотска песна на Гане Тодоровски. Љубов чиста, искрена, едноставна, љубов кон земјата, кон народот, кон историјата. Неговите песни кога и да се напишани, секогаш се актуелни, секогаш погодени, зашто кај нас иако многу се менува, ништо не е променето. Секогаш актуелна ќе остане песната „Нашинска“, зашто иако е мачно да се признае – се е така, се е вистина. Ние сме тука, на нашево парче земја, под небото, под Бистра и Кораб, едвај истрајуваме крај Вардар и Струма, и, да, малку сме, ама и тие малку на другите им пречиме, па сите на свој начин нè пробројуваат и прекројуваат. Но, и покрај сè иако сме малку, ние успеваме да опстанеме, да преживееме, да продолжиме…
Со блага иронија и прекор прозвучува песната „Фуснота без повод“ која иако е напишана шеесттите години од минатиот век таа е сè уште актуелна како да е напишана сега (освен државното уредување – социјалистичко). Поетот ги прекорува своите сонародници што сите сакаат да станат „граѓани“, што го напуштаат селото, традициите, што се модернизираат за да бидат во „тренд“ и што така забораваат кои се. Луѓето го губат коренот, се губат себеси. Поетот разочарано на крајот ќе повика, свесен што му се случува на народот, свесен каде води политиката: Ој, Македонијо, колку ли уште ни треба за да те домакедончиме!

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој — одненадеж,
за да мy станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да му станеме фермент на градот,
за да го помакедончиме Скопје —
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по cтpyja,
пo телевизори, пo стадиони, пo кина,
пo бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дринчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме, —
Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македанијо, сo пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Макадонијо со сојузни министри
и судбина на периферија.
Ој, Македоиијо, со јоги душеци, со терени за
скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување
со први домати во Републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломи и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена, —

Ој, Македонијо на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани
на македонски, —
О, Македонијо, пленумска, синдикална,
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо, со голем број неписмени,
со академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка,
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагаат пo работа.
Ој, Македонијо, науми почит кои мртвите,
збери ги коските на своите закубеници,

коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покpaj Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец —

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!

Нерези

(„Спокоен чекор“)

Инспирација за оваа песна поетот нашол во манастирот Св. Пантелејмон, кој се наоѓа во Нерези, на Водно и кој е изграден 1164 година. Во оваа песна ништо буквално не се однесува на Нерези, нема опис што ќе нè поврзе со Нерези, само насловот е тој што нè пренесува во минатото, кон нашата историја и кон воодушевувањето од старите градби како наше непроценливо културно наследство.

НЕРЕЗИ

Во секој заглед: Занемена Големина!  

Во сека мисла: Победа на невремето!  
И одвет: Ваше сум Вчера!

Колку е малку нужно в очи да те збереме,  

колку е многу нужно во дланките на самочувството  
да те сочуваме.  
Витосни векови време требало да се надживеат,  
векови невекувани,  
години неизгодинети,  
денови неразденети.

Витосни векови време во костец со забравата,  

и – пак те имаме!

Тука сме, речи ни: почесто елате тука  

и узнавајте ја смислата  
на своето постоење.  
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,  
така да истрајуваме,  
така да се осмислиме,  
така да убавееме.

Многузборлива немотијо, велиш ли:  

и покрај се —  
живееме, живееме, живееме.

„Нерези“ е патриотска песна во која поетот со воодушевување пее за постојаноста и траењето низ вековите. Преку манастирот, тој всушност пее за својот народ кој успеал и покрај сите тешкотии да опстане и сè уште да постои.

Песната започнува со восклик и воодушевување од погледот кон манастирот, од неговото истрајување и победа на невремето. Тој е постојан и цврст иако преживеал „витосни“ векови, години и денови, не му потклекнал на невремето, не му потклекнал на заборавот. Тој е тука и нè потсетува на нашето минато, нè потсетува дека тоа сме ние. Поетот е горд што и припаѓа на оваа традиција, на овој народ кој успеал да преживее сè и повторно да опстане и да опстои. Секој од нас треба да биде свесен на оваа големина (многузборлива немотија), на минатото и традицијата и таа да биде изворот, „бликотен вруток“ од каде што ќе ја црпиме силата за нашата иднина.